Историскaта смена на републиканецот Кевин Мекарти од функцијата претседател на Претставничкиот дом може да го зголеми ризикот од намалување на кредитниот рејтинг на САД и дополнително да ги разниша пазарите, сметаат стратезите.
Заминувањето на Мекарти од лидерската функција најверојатно ќе предизвика бран на политичка несигурност во Вашингтон за прашањата како што се федералните трошоци и ќе го стави во фокус потенцијалот за блокада на владата додека пратениците се расправаат за распределбите на буџетот.
Реагираше и пазарот. Обврзниците ги продолжија загубите во азиското тргување во средата, бидејќи соборувањето на Мекарти ја зголеми загриженоста за долготрајни повисоки каматни стапки и враќање на традиционалните премии за ризик од обврзниците. Приносите на американските обврзници неделава нагло се зголемија, при што стратезите велат дека политичкиот ќор-сокак во Конгресот би можел повторно да ја разгори нелагодноста на пазарите со фиксен приход.
„Постои ризик од потенцијално намалување на рејтингот“ од „Мудис“ (Moody's Investors Service) доколку промената доведе до блокада на владата и поттикне поголема несигурност за плановите за трошење на САД, рече Вишну Варатан, главен економист и стратег во „Мизухо“ (Mizuho Bank). „Тие не беа во можност да се договорат - и тоа може да ги поттикне пазарите да ја преиспитаат цената на американските државни обврзници“.
„Мудис“, единствената голема агенција што на САД им го даде највисокиот рејтинг, кон крајот на минатиот месец соопшти дека нејзината доверба во САД била разнишана поради загриженоста за управувањето.
„Непосредното влијание на пазарот од смената на Мекарти е релативно ограничено бидејќи владата се финансира до 17 ноември“, напишаа во белешка Исак Болтански и Изабел Бандороф од БТИГ (BTIG). „Постојаната загриженост е дека парализата на Претставничкиот дом дополнително ќе ја комплицира и онака комплицираната пресметка на претстојната битка за финансирање“.
Од „Голдман Сакс“ (Goldman Sachs Group Inc.) соопштија дека заминувањето на Мекарти го зголемува ризикот од блокада на владата во ноември.
Следниот претседател најверојатно ќе биде „под уште поголем притисок“ отколку што беше Мекарти за финансирањето, напишаа во белешката стратезите, меѓу кои и Јан Хациус.
И додека во оваа рана фаза можеби е тешко да се измери влијанието врз инвеститорите, Скот Соломон, менаџер на фондови, гледа потенцијал за нарушување што може да предизвика нова продажба на најголемиот светски пазар на обврзници.
„Постои пат каде што владиниот хаос всушност води до повеќе трошења“, рече Соломон, кој имаше кратки позиции во 10-годишни и 30-годишни обврзници. „Тоа веројатно би било лошо за приносите“.
Републиканецот Кевин Мекарти беше соборен во вторникот од функцијата претседател на Претставничкиот дом на САД од страна на неистомислениците во неговата сопствена партија, завршувајќи ги своите бурни девет месеци на функцијата и доведувајќи го хаотичниот Конгрес во дополнителен неред.
Педесет и осумгодишниот политички ветеран од Калифорнија, кој се справуваше со политички вкрстени струи за да спречи неисполнување на долгот на САД претходно оваа година и блокада на владата на 1 октомври, сега станува првиот претседател на Претставничкиот дом на САД отстранет од својата позиција.