Претседателот Доналд Трамп се закани дека ќе ги нападне иранските електрани ако државата брзо не го отвори Ормускиот Теснец за комерцијален бродски сообраќај. Преминот на танкерите со нафта и гас беше парализиран пред три недели.
Трамп во објава на социјалната мрежа доцна во саботата изјави дека ќе „удри и избрише“ ирански електрани, почнувајќи со најголемата, ако државата во рок од 48 часа не го отвори теснецот.
Изјавите на Трамп на неговата платформа Трут сошл претставуваат драматично заострување на реториката на американскиот претседател за теснецот - ден пред тоа изјави дека размислува за „ограничување“ на воената операција и дека одговорноста за надзор над Ормус треба да ја преземат државите кои зависат од бродскиот сообраќај низ коридорот.
Прочитај повеќе
Трамп: САД размислуваат за намалување на воените напори против Иран
Претседателот Доналд Трамп изјави дека размислува за „намалување“ на американските воени напори против Иран, велејќи дека САД се блиску до постигнување на своите цели додека конфликтот, кој ги потресе финансиските пазари и регионот, влегува во четврта недела.
21.03.2026
Трамп ги нарече сојузниците од НАТО кукавици
Претседателот на САД, Доналд Трамп, повторно жестоко ги нападна воените сојузници затоа што не се приклучија на војната против Иран или не помогнаа во деблокирањето на Ормускиот теснец, изразувајќи фрустрација додека Исламската Република продолжува со напади врз енергетските постројки во Заливот.
20.03.2026
Цената на нафтата паѓа - САД и Израел во обид да ги смират инвеститорите
Цената на нафтата паѓа откако лидерите на САД и Израел се обидоа да ги смират инвеститорите вознемирени од штетата врз големите енергетски постројки во Персискиот Залив. Цената на црното вчера затвори на највисока цена од јули 2022 година.
20.03.2026
Иран најавува одмазда за Лариџани, Трамп вели дека војната може наскоро да заврши
Иран започна нови бранови ракетни и беспилотни напади, насочени кон Обединетите Арапски Емирати, Саудиска Арабија и Кувајт.
18.03.2026
Војната речиси го запре протокот на суровини низ Ормускиот теснец, кој е транзитна точка за околу една петина од светската нафта и гас. Последователниот енергетски шок ги зголеми цените на нафтата; типот брент во петокот го заврши тргувањето на 112,19 американски долари.
Иранските официјални лица укажаа дека во време на судирите не сакаат да разговараат за повторно отворање на теснецот.
За разлика од нападите врз други енергетски објекти - како гасното поле „Јужен Парс“ - нападите врз иранскиот електроенергетски сектор сами по себе би имале малку непосредни глобални енергетски последици. Во Иран функционираат 98 гасни електрани, според податоците на „Блумберг“. Меѓу најголемите се комбинираната електрана „Дамаванд“ југоисточно од Техеран, електраната „Рамин“ северно од Ахваз и електраната „Керман во Чатруд.
Заканата на Трамп дека најпрво би ги нападнал најголемите ирански електрани може да укажува и на нуклеарната електрана Бушер.
Последната изјава на Трамп доаѓа по неговото неодамнешно барање до Израел да престане со напади врз енергетски објекти во регионот, бидејќи тоа ризикува одмазднички напади на Иран врз нафтно-гасната инфраструктура, што би ги ограничило светските снабдувања уште повеќе.
Енергетската инфраструктура во регионот сè повеќе е во преден план, додека нападите се шират: Израел минатата среда го нападна гасното поле „Јужен Парс“, а Иран возврати со напади врз најголемиот светски погон за втечнет природен гас во Катар.
Во саботата, во повеќе ирански напади на југот на Израел беа повредени над 100 луѓе, додека Техеран реагираше на претходниот напад врз неговиот нуклеарен објект.
Како што конфликтот, кој влегува во четвртата недела, се заостри и ги поттикна цените на енергијата нагоре, американското Министерство за финансии презеде исклучителна мерка и дозволи продажба на иранска нафта и петрохемиски производи што веќе беа натоварени на танкери, и покрај постојните санкции.
Рекорди
Иако САД дома извлекуваат рекордни количини на нафта и гас и се помалку зависни од Блискиот Исток отколку Кина, Јапонија и други држави, глобалниот ценовен шок поради затворањето на Ормускиот тесенц сепак се одразува со повисоки цени насекаде.
Противречните пораки на Трамп ги оставија владите и пазарите во забуна. Во петокот објави: „Многу сме блиску до постигнување на целите, размислуваме за намалување на нашите големи воени напори на Блискиот Исток.“
Но, израелскиот министер за одбрана Јоав Галант во саботата изјави дека заедничката операција значително ќе се засили, ден потоа Техеран испука балистички ракети врз заедничката американско-британска воена база Диего Гарсија - речиси 4.000 километри оддалечена од Иран.
Базата не претрпела штета, изјави лице запознаено со случувањата кое сакаше да остане анонимно, но нападот ги покажа капацитетите за кои претходно не се знаеше дека Иран ги има.
Напорите на Трамп да ги вклучи американските сојузници во повторното отворање на теснецот за комерцијален бродски сообраќај беа главно неуспешни. Потоа ги нарече сојузниците од НАТО кукавици затоа што не се приклучија на операцијата.
Претходно ветуваше придружба од воената морнарица и владина програма за пресретнување, која би ги намалила ризиците при испраќање бродови низ теснецот за време на конфликтот. Но засега нема знаци дека танкерите го преминуваат теснецот со помош на американската морнарица.
Израел и Иран во саботата размениле уште дополнителни ракетни напади.
Иран соопшти дека испукал ракети врз израелскиот град Димона, кој го дели името со блискиот нуклеарен истражувачки центар. Иранската државна телевизија го означи тоа како одговор на претходниот напад врз иранскиот нуклеарен објект Натанз.
Израелските власти наведуваат дека биле повредени околу 47 луѓе. Вториот напад го погодил југот на Израел, каде што биле сериозно оштетени три станбени згради во градот Арад; над 60 луѓе биле повредени, а седум биле пренесени во болница.
Групата Г7 во неделата издаде изјава во која ги осуди „непромислените напади на Иран врз цивили и цивилна инфраструктура, вклучително и енергетска инфраструктура, во Бахреин, Кувајт, Оман, Катар, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Јордан и Ирак“.
Нападите ја загрозуваат регионалната и глобалната безбедност, наведоа од Г7, и повикаа на итно и безусловно запирање на сите ирански напади.
„Го поддржуваме правото на државите кои беа неоправдано нападнати од Иран или неговите посредници да го бранат своето подрачје и да ги заштитат своите граѓани,“ се наведува во изјавата. Г7 повтори дека Иран никогаш не смее да стекне нуклеарно оружје и мора да ја запре својата програма за балистички ракети.