Гувернерот на Флорида и републикански кандидат Рон Десантис синоќа соопшти дека се повлекува од претседателската трка и ја даде својата поддршка на кандидатурата на поранешниот претседател Доналд Трамп.
Одлуката на Десантис доаѓа во предвечерјето на внатрепартиските избори во Њу Хемпшир закажани за вторник, на кои единствен ривал на Трамп останува Ники Хејли, поранешна гувернерка на Јужна Каролина.
„Денеска ја суспендирам мојата кампања. Трамп е супериорен спрема сегашниот претседател Џо Бајден. Тоа е јасно. Потпишав заклетва за поддршка на републиканскиот номиниран кандидат и ќе го спроведам тоа ветување“, кажа Десантис во видеоизјава.
Прочитај повеќе
Трамп назад во Белата куќа? „Дајте ми кафе“, вели Лагард
Ќе биде тешко за креаторите на политиките ако Трамп се врати на власт во 2025 година
17.01.2024
Трамп со убедлива победа на републиканските избори во Ајова
Поранешниот претседател Доналд Трамп победи на прелиминарните избори во Ајова за претседателски кандидат од републиканците.
16.01.2024
Тој рече дека е јасно дека мнозинство од примарните републикански гласачи сакаат да му дадат втора шанса на Трамп. Во видеото тој ја искритикува Хејли за обидот да ја врати Републиканската партија во „затоплен корпоративизам“ и затоа му дава поддршка на Трамп.
Кампањата на Десантис уште на почетокот се судри со многу пропусти, како објавата за влез во трката дадена на социјалната мрежа Х заедно со Илон Маск, која беше проследена со получасовен прекин поради технички пречки. Десантис се претставуваше како успешен конзервативен гувернер на Флорида и републикански пулен што може да ја симне круната од Трамп, а само пред неколку дена му испрати „отровни стрели“ со зборовите дека ако изгуби на изборите, „сигурно ќе се жали дека тие биле фалсификувани“.
На изборите во Ајова, Десантис заостана 30 отсто зад гласовите на Трамп, кој собра 51 отсто. На трето место беше Хејли.
На одделни митинзи синоќа во Манчестер, Њу Хемпшир, кога се дозна за неговото повлекување, Хејли му посака сѐ најдобро, а Трамп нетактично му порача на Десантис „да почива во мир“.
Сепак, подоцна, поранешниот американски претседател го изрази своето задоволство што ја добил поддршката од гувернерот на Флорида во трката за номинација на Републиканската партија за претседателските избори.
„Голема чест ми е што ја имам неговата поддршка. Со нетрпение очекувам да работам со него за да го победиме Џо Бајден, кој е најлошиот и најкорумпиран претседател во историјата на нашата земја“, изјави Трамп.