text size
БДП е една од многуте економски кратенки. Но оваа, сепак, е една од најупотребуваните. БДП е кратенка од бруто-домашен производ (анг. GDP- gross domestic product) и неминовно секој ја сретнал некогаш во животот - ја има во медиумите, во извештаите на владите, во буџетите, во анализите на централните банки, често ја користи и бизнис-заедницата. Ова го прави бруто-домашниот производ најпознат и најчесто користен економски индикатор, кој се смета за „татко“ на сите економски показатели. Зошто? Затоа што БДП е референтна точка за здравјето на националните и на глобалните економии. Кога БДП расте, особено ако инфлацијата не е проблем, на работниците и на бизнисите им оди подобро, квалитетот на животот се подобрува. Но, секако, не секогаш. Имено, бруто-домашниот производ што расте не мора нужно да отсликува добар живот, во случај ако растот е на пример резултат на производство што енормно ја загадува околината. Сепак, неговата нагорна траекторија покажува дека на економијата ѝ оди добро.