Авиокомпанијата „Луфтханза“ ќе укине 20.000 кратки летови од европската летна програма за да заштеди гориво, чија цена се удвои од почетокот на војната со Иран.
„Луфтханза“ презеде некои од најдрастичните мерки меѓу глобалните авиокомпании од стартот на конфликтот, додека истовремено се соочува и со штрајкови од пилотите и кабинскиот екипаж.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот на денот, во избор на дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“ од Скопје.
Може ли преку кинески обврзници да се финансира македонскиот јавен долг?
За земјите од регионот Адрија, главниот мотив за издавање обврзници „панда“ и „дим сум“ би бил диверзификација на инвеститорската база. Хрватска и Словенија веќе имаат релативно добар пристап до европските пазари, па за нив ваквите емисии првенствено би имале сигнална функција за отворање кон азиските инвеститори. Словенија ја издаде својата прва обврзница „панда“ на почетокот на оваа година токму со таа цел. Се проценува дека словенечката обврзница „панда“ вреди околу 600 милиони евра, што е околу еден процент од вкупниот јавен долг.
За Србија и Македонија логиката е поизразена: емисијата во јуани би можела да обезбеди пристап до нови извори на капитал, особено во контекст на финансирање проекти поврзани со кинески инвеститори. Србија во последните години се издвојува како една од водечките европски дестинации за кинески гринфилд-инвестиции, веднаш зад Унгарија, која веќе е активна на пазарот на „панда“.
Данокот на богатство често ја промашува целта
Даноците на богатство некогаш беа вообичаени меѓу развиените економии. Речиси сите се свртеа против нив бидејќи беа скапи за администрирање, лесни за избегнување и контрапродуктивни по инвестициите. За жал, политичарите од Копенхаген до Калифорнија повторно ја разгледуваат идејата.
Многу од овие напори ќе пропаднат, политички или правно. Сепак, тие се штетни - и само ќе го одвлечат вниманието од многу подобри решенија.
Данокот на акумулираното нето богатство не е само попрогресивен данок на доход. Тој се однесува на цела низа средства - акции, хартии од вредност, имот - без оглед на тоа дали генерираат готовина, принудувајќи спорни проценки, а понекогаш и продажба. Франција, Германија и Шведска ги напуштија ваквите даноци откако се соочија со избегнување, одлив на капитал и скромни приноси (обично помалку од еден отсто од вкупните даночни приходи).
„Македонијатурист“ ги продава хотелите „Бристол“ и „Јадран“
Акционерите на „Македонијатурист“ на претстојното Собрание кое ќе се одржи во мај годинава ќе одлучуваат по предлогот за продажба на недвижен имот во сопственост на друштвото меѓу кои поранешните хотели „Бристол“, „Јадран“, деловниот објект на плоштадот Македонија и друг деловен простор во центарот на Скопје.
Истовремено, акционерите ќе одлучуваат по предлог-одлуката за купување недвижен имот – градежно земјиште од 8.081 квадратни метри во скопската населба Ново Лисиче.
На парцелата која се наоѓа на улицата Г. Константиновиќ согласно важечкиот ДУП има маркица за градба на деловен простор и станбен простор со вкупно 34.987 м2 бруто изградена површина.
Просечната нето плата 46.159 денари
Просечната плата исплатена во февруари изнесуваше 46.159 денари, соопшти Државиот завод за статистика. Во однос на јануари таа е пониска за близу 500 денари, а во однос на декември намалена за над 700 денари. Сепак, на годишно ниво, просечната плата во земјава е 7,2 отсто или над 3.000 денари повисока.
Зголемувањето на просечната плата во февруари споредено со истиот месец лани се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: административни и помошни услужни дејности (12,3 отсто), рударство и вадење камен (10,6 отсто) и снабдување со вода; отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината (9,4 отсто).
Војната на Трамп предизвикува криза со хелиум
Војната што ја водат САД и Израел против Иран го насочува светот најмногу кон нафтата и гасот, па така се пропушта еден многу важен и во очите на пазарот често „невидлив“ ресурс - хелиумот. Геополитиката во изминатите недели сериозно ги наруши енергетските текови и транспортот низ Ормуз, правејќи го хелиумот „новото“ тесно грло на глобалните синџири на снабдување.
Иако овој хемиски елемент најчесто се поврзува со балони, неговата примена е, всушност, многу поважна во индустријата на високата технологија (производство на чипови, магнетна резонанца, науката и вселената), отколку во индустријата за забава. Тековниот недостиг на хелиум на пазарот е резултат на преклопување на повеќе фактори - од геополитика до структурни ограничувања на понудата.
Судирот во Иран и поширокиот регион директно ја погодува логистиката од Катар, еден од клучните извозници, бидејќи испораките се одвиваат преку Ормускиот Теснец, па дури и помали нарушувања во транспортот доведуваат до доцнење и намалување на понудата.
За крај, ViennaUP е едно од клучните места за средби на стартапи, инвеститори и иноватори со години, а подолу ви претставуваме статија што открива зошто овој фестивал станува сè поважна точка во европскиот технолошки и инвестициски екосистем.