Извршниот директор на „ЏП Морган“ (JPMorgan Chase), Џејми Дајмон, изјави дека решавањето на „глупавите“ трговски проблеми меѓу САД и Европа би отворило пат за посилен економски раст.
„Ако ме прашате која би требало да биде целта во нашиот економски однос со Европа, тоа треба да биде посилна Европа. Двете економии би растеле подобро,“ изјави Дајмон во вторникот во интервју за „Блумберг“ на годишната конференција на банката за глобалните пазари во Париз.
„Решете ги. Економијата ќе биде подобра за сите граѓани, а не само за големите компании,“ додаде тој.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот на денот, во избор на дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“ од Скопје.
Македонскиот јавен долг под зголемен притисок
Јавниот долг на Македонија повторно е во фокусот на економската и политичката дебата, во време кога државата се соочува со комбинација од силни буџетски притисоци, глобална неизвесност и нови трошоци поврзани со енергетската криза предизвикана од војната на Блискиот Исток. Прашањето што сè почесто се поставува е дали земјата останува во рамките на одржлива задолженост или постепено влегува во зона на зголемен фискален ризик.
Владата на крајот на април ја донесе новата Фискална стратегија за периодот 2027-2031 година, во која споредено со претходната ревидирана стратегија за управување со јавен долг 2026-2030 се предвидуваат зголемени потреби за странско и домашно задолжување, како резултат на зголемени буџетски потреби за финансирање капитални и инфраструктурни проекти.
„Мекдоналдс“ како огледало на финансиската криза
Велат дека бизнисот со храна практично не пропаѓа, бидејќи во периоди на инфлација можеме да се откажеме од патувања или споредни купувања, но не и од храната. А ако таа храна е брзо и лесно достапна, релативно евтина и вкусна, барем според мислењето на мнозинството потрошувачи, тогаш за синџири како „Мекдоналдс“ нема зима. Со децении тие важат за еден од најсигурните „облози“ во криза. Додека луксузните ресторани трпат под притисок од инфлацијата и забавувањето на економијата, бургерите, кафето за носење, помфритот или прженото пилешко остануваат релативно стабилни.
Логиката е јасна - луѓето можеби ќе се откажат од скап ручек, но нема да престанат да јадат, особено ако брзата храна им е достапна на секој чекор, не им треба резервација и можат да ја јадат „од нога“. Сето тоа придонесе за популарноста на овие брендови.
Сепак, последните месеци покажуваат дека акциите на „Мекдоналдс“, „Џолиби фудс“ или „Вендис“ повеќе не се толку дефанзивни.
Што е двојно котирање?
Кога узбекистанскиот државен фонд УзНИФ (UzNIF) го објави своето истовремено котирање на берзите во Лондон и Ташкент, многумина се прашуваа што точно значи тоа и зошто компанијата би избрала да котира на две берзи наместо на една. Одговорот лежи во концептот што финансиските експерти го нарекуваат „двојно котирање“ (dual listing); стратегија што е сè поприсутна денес кај компаниите што сакаат истовремено да допрат до домашни и меѓународни инвеститори.
„Двојно котирање“ значи ситуација во која акциите или поврзаните финансиски инструменти на една компанија се котираат и активно се тргуваат на две или повеќе берзи во различни земји. Компанијата мора да ги исполнува стандардите за известување, корпоративно управување и транспарентност на секоја берза на која е котирана, што е административно предизвикувачки, но им дава на инвеститорите високо ниво на заштита и доверба. Во пракса, инструментите што се тргуваат на различни берзи не мора да бидат идентични.
Рекорден пад на нафтените резерви ширум светот
Резервите на нафта ширум светот се намалуваат со рекордно темпо и ќе продолжат да опаѓаат со месеци, бидејќи нарушувањето на снабдувањето од Блискиот Исток поради војната со Иран се интензивира, според Меѓународната агенција за енергија (ИЕА).
Глобалните регистрирани залихи на нафта се намалиле со темпо од околу 4 милиони барели дневно во март и април, според месечниот извештај на агенцијата, која ја координира испораката на итни резерви на гориво од големи економии како САД, Јапонија и Германија. Пазарот ќе остане „сериозно недоволно снабден“ до октомври, дури и ако конфликтот заврши следниот месец, се наведува во извештајот.
Кинеска офанзива во Европа: БЈД „лови“ празни фабрики
БЈД (BYD Co.) преговара со „Стелантис“ (Stellantis NV) и други европски производители на автомобили за преземање на недоволно искористени фабрики во регионот.
Најголемиот светски продавач на електрични возила разговара за потенцијални зделки за преземање погони во земји како Италија, изјави извршната потпретседателка Стела Ли во средата во интервју.
„Не разговараме само со 'Стелантис', туку и со други компании,“ рече Ли на маргините на конференцијата Financial Times Future of the Car во Лондон. „Бараме било какви достапни фабрики во Европа, бидејќи сакаме да ги искористиме тие слободни капацитети.“
Како да купите крипто?
Криптото повеќе не е резервирано само за експерти. Денес постојат неколку едноставни начини за пристап до пазарот. Еден од начините за купување крипто денес е преку финтек-сервиси базирани на блокчејн-технологија.
Дознајте како функционираат криптопазарите, блокчејнот и дигиталните средства преку Блумберг Адрија Крипто едукација. ДОЗНАЈТЕ ПОВЕЌЕ