Американскиот претседател Доналд Трамп ги засили своите закани со тарифи кон Европската Унија.
„Тие не ги примаат нашите автомобили, не ги примаат нашите земјоделски производи“, рече Трамп за ЕУ.
„Не примаат речиси ништо, а ние примаме сè, милиони автомобили, огромни количини храна и земјоделски производи“, додаде тој наведувајќи го големиот трговски дефицит со блокот....
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот од денот.
Јавниот долг на Македонија на чекор до 10 милијарди евра
Јавниот долг на Македонија заклучно со четвртиот квартал во 2024 година достигна 9,6 милијарди евра или 61,9 проценти од бруто-домашниот производ, што е највисока сума од осамостојувањето на државата.
Податоците на Министерството за финансии покажуваат дека само за една година односно од 2023 до 2024 година јавниот долг се зголемил за 1,1 милијарда евра.
„Блумберг Адрија“ во повеќе наврати пишуваше дека македонскиот јавен долг континуирано се зголемува и дека државата без нови заеми не може да ги финансира јавните трошоци односно буџетскиот дефицит.
Владата ќе бара заем од 56 милиони евра
Владата на аукција на државни записи и обврзници закажана денеска (4 февруари) од инвеститорите ќе бара заем во вкупен износ од 3,5 милијарди денари (околу 56 милиони евра). На аукцијата се предвидува да се понудат едногодишни државни записи во износ од три милијарди денари (околу 48 милиони евра) со каматна стапка од 3,80 проценти.
Истовремено, се предвидува да се понудат 15-годишни државни обврзници во износ од 500 милиони денари (околу осум милиони евра) со купонска каматна стапка од 5,1 проценти.
Домаќинствата и странците ја кредитираат македонската економија
„Анализирано од аспект на секторите, домаќинствата и секторот ‚странство‘ се нето-кредитори и ги финансираат другите сектори во националната економија (нефинансиските друштва и државата) што се нето-должници. Финансискиот сектор и натаму има речиси избалансирана нето финансиска позиција“, наведуваат од Народната банка.
Оттаму објаснуваат дека динамички гледано, на квартална основа, продлабочувањето на негативната нето финансиска вредност како процент од БДП произлегува од влошената позиција на нефинансиските друштва и финансиските друштва, во услови на подобрена нето-позиција на домаќинствата.
Инфлацијата во еврозоната неочекувано забрза
Инфлацијата во еврозоната неочекувано забрза, поддржувајќи го претпазливиот пристап на Европската централна банка за намалување на каматните стапки, додека растурената економија се соочува со засилени трговски закани од САД.
Потрошувачките цени во јануари годинава пораснаа за 2,5 отсто во однос на истиот месец минатата година, што е зголемување и во однос на 2,4 отсто во декември и повеќе од предвиденото стабилизирање од економистите, објави Евростат.
Базичната инфлација, која ги отстранува нестабилните компоненти, остана повисока од очекуваната и се задржа на 2,7 проценти, додека ценовните добивки во внимателно следениот сектор „услуги“ се намалија.
Маск се пофали дека неговиот оддел забрзано крати трошоци од буџетот
Илон Маск изјави дека неговиот тим од Одделот за контрола на владините трошења (Department of Government Efficiency - DOGE) ќе ги запре исплатите кон некои организации што се под федерални договори, што сугерира дека најбогатиот човек на светот може да има пристап до чувствителни системи користени во Министерството за финансии на САД.
„Корупцијата и отпадот се искоренуваат во реално време“, објави Маск на X, велејќи дека службениците од неговиот оддел за владина ефикасност „забрзано запираат“ исплати кон таквите организации.
Исто така Маск во деновиве ја нарече УСАИД „криминална организација“, која треба „да умре“, a Трамп изрази одобрување зa сработеното од Одделот.