Во контролите кои интензивно се спроведуваат во земјава по трагедијата во Кочани, Министерството за транспорт почна постапка за одземање на 479 лиценци во делот на градежништвото и урбанизмот. Контролите покажале дека правните лица исполнувале услови за да добијат лиценца, но по добивањето на лиценците престанале да ги исполнуваат истите законски услови.
Добро утро, ова се петте вести што се важни за почеток на денот.
Наместо во банка, заштедите на берза: ЕУ со нова стратегија ќе стимулира инвестирање
Во Македонија граѓаните чуваат повеќе од 6,5 милијарди евра како депозити во банките, додека сите други форми на алтернативно штедење или инвестирање – инвестициски фондови, акции на домашни и странски пазари, животно осигурување, приватни пензиски фондови, итн. – не зафаќаат повеќе од една милијарда евра.
Ова значи дека околу 87 проценти од заштедите на домаќинствата се чуваат во банка, каде што приносите се најниски, поради ниските каматни стапки, кои последниве години не можат да ја „победат“ ниту инфлацијата.
ББА коментар: Каква иднина ги очекува компаниите од соларната индустрија?
Цената на акциите на соларните компании во последната година падна за 25 отсто. Трамп не го сака особено ЕСГ, Кина има проблеми со секторот на недвижности, додека Европа ги вложува сите свои напори во инвестиции поврзани со одбранбениот сектор. Во основа, пазарот на соларна енергија покажува знаци на стабилизација и потенцијал за раст на маржите и покрај тековното оптоварување со задолженоста и со нискиот оперативен профит.
Компаниите членки на индексот SUNIDX моментално се тргуваат со пониска пазарна премија во споредба со глобалниот берзански индекс MSCI, при што соодносот цена/заработка (P/E) кај нив се движи околу 13,8, додека глобалниот индекс достигнува вредност од 20,7.
Седум луксузни хотели во Италија што треба да ги посетите летово
Италија се продава сама по себе: галерија по галерија на ренесансни ремек-дела, лесни залачиња „качио е пепе“, поглед на брегот што изгледа уште подобро со чаша шприц во рака. Околу 458 милиони ноќевања забележале патниците привлечени од таквите мали волшепства во 2024 година, уривајќи рекорд во туризмот и правејќи ја Италија втората најпосетена земја во Европа, веднаш зад Шпанија.
„Се шегувам дека Италија секогаш е на врвот на мојата листа на желби“, вели Кристијан Клерк, извршен директор на АРЦ (Auberge Resorts Collection), познат американски бренд на луксузни хотели, кој неодамна го отвори својот прв хотел во Италија, сместен во ридовите на Тоскана надвор од Фиренца. „Имам чувство дека сите некако се поврзани со Италија. Ако ги сакате убавината, културата и храната, веројатно постојано ќе се враќате, исто како и јас“.
„Епл“ развива паметни часовници со камери и телефон на преклопување?
„Епл“ (Apple) истражува можност за надградба на своите паметни часовници со додавање камери и функции за визуелна интелигенција, со што влегува на пазарот на носливи уреди со вештачка интелигенција. Покрај тоа, „Епл“ воведува големи кадровски промени по проблемите со Сири (Siri), додека Европската Унија (ЕУ) силно притиска за поголема отвореност на системот „ај о-ес“ (iOS).
Во последните неколку години сме сведоци на пораст на носливи уреди со вештачка интелигенција, од пропаднатиот „хјумејн пин“ (Humane AI Pin) до популарните паметни очила на компанијата „Мета“ (Meta Platforms).
Кети Вуд категорична: Акцијата на „Тесла“ ќе достигне 2.600 долари
„Арк инвестмент менаџмент“ (Ark Investment Management LLC) на Кети Вуд и понатаму негува оптимизам за акциите на компанијата „Тесла“ (Tesla Inc.) и очекува за пет години акциите да достигнат 2.600 долари, или речиси 10 пати повеќе од сегашната цена.
Во интервју за телевизијата „Блумберг“ Вуд рече дека роботаксијата на „Тесла“ ќе сочинуваат 90 отсто од нивната вредност во тој период. „Тесла“ има иницијативи за хуманоидни роботи што „Арк“ дури и не ги вклучил во предвидувањето на цената, додаде таа на маргините на глобалниот инвестициски самит на ХСБЦ (HSBC) во Хонгконг.