„Епл“ (Apple) истражува можност за надградба на своите паметни часовници со додавање камери и функции за визуелна интелигенција, со што влегува на пазарот на носливи уреди со вештачка интелигенција. Покрај тоа, „Епл“ воведува големи кадровски промени по проблемите со Сири (Siri), додека Европската Унија (ЕУ) силно притиска за поголема отвореност на системот „ај о-ес“ (iOS). Во последните неколку години сме сведоци на пораст на носливи уреди со вештачка интелигенција, од пропаднатиот „хјумејн пин“ (Humane AI Pin) до популарните паметни очила на компанијата „Мета“ (Meta Platforms).
Централната идеја на овие уреди е употребата на вградени камери и микрофони за поддршка на вештачката интелигенција и обезбедување контекст во врска со околината на корисникот. Со лансирањето на „ајфон 16“ (iPhone 16), „Епл“ исто така почна внимателно да влегува во оваа област. Новата функција за визуелна интелигенција, поврзана со интерфејсот за контрола на камерата, се базира на вештачка интелигенција што им помага на корисниците подобро да го разберат светот околу нив.
За оние што не се запознаени со функцијата, таа функционира вака: ако подолго време го држите копчето за камера, се отвора нов интерфејс каде што можете да фотографирате предмет, кој потоа го анализира Чет ГПТ (ChatGPT) или „Гугл срч“ (Google Search). Функцијата исто така може да сумира или да преведува текст и да препознава одредени предмети, знаменитости или животни.
Прочитај повеќе

„Епл“ воведува вештачка интелигенција во Кина со помош на „Алибаба“ и на „Баиду“
Компанијата ќе го редизајнира ајфонот до средината на годината според локалните регулативи.
14.02.2025

Кина ги истражува практиките на „Епл“ среде трговската војна со САД
Пекинг истовремено го истражува Гугл, како одговор на новите американски царини.
05.02.2025

„Епл“ подготвува нова и многу понапредна верзија на Сири
„Епл“ брза да развие поразговорна верзија на својот дигитален асистент Сири.
22.11.2024

ЕУ му наложи на „Епл“ да го отвори оперативниот систем на ајфоните
„Епл“ доби предупредување од Европската Унија да ги отвори своите строго заштитени оперативни системи.
19.09.2024
Во моментов оваа функција е релативно непозната, делумно затоа што функционира исклучиво на „ајфон 16“. Но, со излегувањето на системот иос 18.4 следниот месец, се очекува да доживее поголем пробив. Тогаш „Епл“ ќе ја прошири и на „ајфон 15 про“, а исто така ќе биде достапна преку Контролниот центар (Control Center) и т.н. акциско копче (Action button).
„Епл“ има многу пошироки планови со визуелната интелигенција. Функцијата сака да ја постави во центарот на идните уреди, вклучувајќи ги и „ерподс“ (слушалки) со камера, за кои веќе со месеци се шпекулира. Истовремено, „Епл“ сака постепено да ја напушти зависноста од моделите на вештачка интелигенција на компаниите „Опен еј-ај“ (OpenAI) и „Гугл“ (Google) и да развие сопствени решенија. Но визијата за носливи уреди со ВИ оди уште подалеку. „Епл“ развива нови верзии на часовникот „еплвоч“ (Apple Watch), кои ќе имаат вградена камера. Слично на идните „ерподс“, и паметните часовници ќе можат да ја препознаваат околината и со вештачка интелигенција да им нудат на корисниците контекстуални информации. Тие модели треба да излезат на пазарот дури по неколку генерации, но веќе се дел од развојниот план.
Во рамките на овие планови, „Епл“ размислува за додавање камери и во стандардните модели, како и во линијата „ултра“ (Ultra). Тековната идеја е камерата да биде вградена во екранот – слично на предната камера на ајфонот. Моделот „ултра“ треба да има леќа на страната на часовникот, блиску до копчето и круната. „Епл“најверојатно се одлучува за овој пристап затоа што подебелиот модел „ултра“ има повеќе простор за технички решенија. Тоа би значело дека корисникот на часовникот „ултра“ може едноставно да го насочи зглобот кон објектот и да го скенира. Корисникот на стандарден „еплвоч“ би морал за истата функционалност да го сврти зглобот, бидејќи камерата би била вградена на внатрешната страна на екранот.
Bloomberg
Во идеално сценарио, овие камери би можеле да поддржуваат и „Фејстајм“ (FaceTime), но тоа веројатно е многу недостижна желба. Екраните се едноставно премали за да овозможат пристојно искуство со видеоконференции, а покрај тоа, долготрајното држење на зглобот во воздух би било многу неудобно. Технички гледано, преносот на апликацијата „Фејстам“ на оперативниот систем „воч о-ес“ (watchOS) не би претставувал голема пречка.
Во меѓувреме, „Епл“ продолжува да се соочува со проблеми при тестирањето на долго планираната функција за мерење на крвниот притисок на „еплвоч“, како што ми беше кажано. Исто така, обновената пластична верзија на „еплвоч ес-и“ (Apple Watch SE), за која веќе пишував, моментално е под големо прашање. Дизајнерите наводно се незадоволни од изгледот, а технолошкиот оддел се мачи со изработка на куќиште што би било значително поевтино од тековното алуминиумско.
Што се однесува до другите функции што сè уште се во развој, пред неколку месеци известив дека следниот модел на „еплвоч ултра“ (Apple Watch Ultra) ќе поддржува испраќање пораки преку сателит и верзија на 5Г-поврзување, позната како „редкеп“ (RedCap). Во рамките на овие промени, треба да добие и нов модем чип од компанијата „Медијатек“ (MediaTek).
На пошироко ниво, „Епл“ ја следи проверената стратегија и при развојот на додатоците од следната генерација. Наместо да измислува сосема нови уреди (како што беше пропаднатиот пин), ги подобрува постојните производи што корисниците веќе ги познаваат и сакаат. Постепеното воведување функции – како што е визуелната интелигенција – ќе им овозможи на корисниците да се навикнат на новите способности. Прво на „ајфон“, а потоа со воодушевување ќе го следат нивното доаѓање на други уреди. Секако, „Епл“ ќе мора сериозно да ја надгради својата вештачка интелигенција за овие нови интеграции да бидат навистина корисни. Но до 2027 година, кога треба да излезат на пазарот „ерподс“ и „еплвоч“ со камери, тоа можеби навистина ќе успее.
Големи кадровски промени во „Епл“ поради вештачката интелигенција, Сири и „вижн про“
Компанијата спроведува значајни кадровски промени по месеци внатрешни потреси, доцнења во развојот на Сири и „Епл интелиџенс“ (Apple Intelligence / AI) и млак одговор во областа на генеративната вештачка интелигенција.
Ова се клучните точки:
-
Организацијата за Сири се повлекува од водството на шефот за вештачка интелигенција Џон Џианандреа, откако извршниот директор Тим Кук ја изгуби довербата во неговата способност за развој на потрошувачки производи.
-
Мајк Роквел, креаторот на хедсетот „вижн про“ (Vision Pro) и потпретседател на групата за производи „Вижн“ (Vision), ја презема улогата на нов шеф на Сири. Тој ќе го известува Крег Федериги, кој отсега ќе ја надгледува оваа екипа.
-
„Епл“ ја раздвојува групата „Вижн продуктс груп“ (Vision Products Group), а Роквел повеќе нема да го надгледува хардверското инженерство за уредот. Хардверската екипа отсега ќе го известува поранешниот заменик на Роквел, Пол Мид, и ќе остане во групата на Џон Тернус. Роквел ќе продолжи да ги води „вижн о-ес“ (visionOS) и софтверот поврзан со хедсетот, кој сега се префрла во одделот за софтверско инженерство на Федериги.
-
Џианандреа не е отпуштен и останува во „Епл“ како висок потпретседател. Тој ќе продолжи да ги надгледува основните технологии за вештачка интелигенција, истражувања и операции.
-
Ким Ворат, потпретседателка за управување со програми, се префрла од групата на Џианандреа во одделот за софтверско инженерство, каде што ќе соработува со Роквел.
Внатрешно владее оптимизам дека Роквел конечно може да ја преобрати долго проблематичната виртуелна асистентка Сири. Тој има искуство со лансирање големи нови платформи и е познат како иноватор. Фактот дека некој од неговиот калибар го води развојот на Сири се смета за големо достигнување во компанијата. Сепак, пошироката слика останува доста нејасна – целиот проект „Епл интелиџенс“ бара уште многу работа.
Друго прашање е што ќе се случи со групата „Вижн продукст груп“. Вработените во оваа екипа се загрижени за можни отпуштања и се плашат дека компанијата на крајот може да се откаже од оваа категорија. И покрај милијардите инвестиции во „вижн про“, уредот доживеа комерцијален неуспех. Високото раководство навести дека не планира да се откаже, но краткорочната иднина останува неизвесна.
Depositphotos
Плановите за следните генерации на моделите „вижн про“ – вклучувајќи ги инадградената прва верзија и поевтината алтернатива – сè уште се во фаза на обликување. Работата продолжува, но моментално нема целосна мобилизација. Од друга страна, компанијата е посветена на долгорочната цел да донесе на пазарот вистински очила за проширена реалност. Патот ќе биде долг, но во „Епл“ веруваат дека ги имаат сите потребни состојки за успех во оваа категорија.
Во краток временски период, „Епл“ подготвува голема надградба на оперативниот систем „вижн о-ес 3.0“ (visionOS 3.0), кој ќе излезе годинава. Пред тоа доаѓа верзијата 2.4, која ќе воведе „Епл интелиџенс“ и нова апликација со дополнителни длабински содржини.
Промени се случуваат и на работното место. „Епл“ ги преместува вработените од групата „Вижн продукст груп“ од Санивејл, Калифорнија, во нов кампус со повеќе згради наречен „Оркард парквеј“ (Orchard Parkway) во блискиот Сан Хозе. Тоа е околу 25 минути возење од централата на „Епл“ во Купертино – секако, во зависност од сообраќајот.
Одговори на прашања од читателите
Што мислите за претстојниот ајфон на преклопување?
Веќе некое време јавно изразувам восхит кон моделот „зи фолд“ (Z Fold) на компанијата „Самсунг електроникс“ (Samsung Electronics) – стандарден паметен телефон што може да се отвори во мал таблет. Тоа е уред од соништата за извршување работни задачи и гледање видеа, сегмент што „Епл“ повеќе не може да го игнорира. Очекувам „Епл“ да ја претстави својата верзија на телефон на преклопување следната година, со дизајн сличен на оној на „Самсунг“. Веројатно ќе се базира на технологиите што ќе ги претстави и претстојниот „ајфон 17 ер“ (iPhone 17 Air). Иако цената ќе биде околу 2.000 долари, овој уред ги има сите изгледи да стане голем хит за „Епл“. Производството веројатно ќе се зголемува постепено (не очекувам т.н. „суперциклус“ на надградби на кој Волстрит секогаш се надева), но високата цена ќе има значително влијание врз приходите. И најважно – ќе ги задоволи потрошувачите што долго време сакаат „Епл“ да влезе во овој сегмент.
Колку ќе биде голема надградбата на обичниот „ајфон 17“?
Стандардниот „ајфон 17“ ќе го следи вообичаениот модел од последните години – нема да има големи новини. „Епл“ секогаш ги остава најнапредните функции за моделите од повисоката класа и не очекувам годинава да го променат тоа. Како што веќе известуваат други, уредот веројатно ќе има помали подобрувања на задната камера и „промоушн“ (ProMotion) дисплеј за пофлуидно движење на сликата. Ќе има и нов чип A19. Во меѓувреме, моделите про ќе добијат поголеми надградби на камерата, вклучувајќи 48-мегапикселни сензори на сите три задни камери. Според ценовниот ранг, „ајфон 17“ ќе остане солиден избор во понудата на „Епл“. Ако јас купувам телефон од околу 800 долари, би додал уште 100 долари и би го купил новиот исклучително тенок „ајфон 17 ер“. Разликата во спецификациите не е голема, но добивате неверојатно тенок и лесен телефон со значително поголем екран.
Што мислите за враќањето на паметниот часовник „пебл“?
Во време кога уредите се обидуваат да прават сè, едноставните, ретрододатоци можат да бидат вистински балсам и да предизвикаат носталгија. „Пебл“ (Pebble) беше еден од првите паметни часовници што постигнаа широка популарност – пристигна неколку години пред „еплвоч“ (Apple Watch). Сега се враќа во две верзии: една со црно-бел екран и физички копчиња, а друга со ограничен екран на допир во боја. Во споредба со целосно функционалните паметни часовници на компаниите „Епл“, „Самсунг“, „Гугл“ или кинеските гиганти, не добивате големи можности или функционалност. Но, ако ви се доволни основните функции – известувања, мерење на срцевиот ритам (во верзијата во боја) и часовник – тогаш ова е забавен додаток.