Во Македонија граѓаните чуваат повеќе од 6,5 милијарди евра како депозити во банките, додека сите други форми на алтернативно штедење или инвестирање - инвестициски фондови, акции на домашни и странски пазари, животно осигурување, приватни пензиски фондови, итн. – не зафаќаат повеќе од една милијарда евра. Што значи дека околу 87 проценти од заштедите на домаќинствата се чуваат во банка, каде што приносите се најниски, поради ниските каматни стапки, кои последниве години не можат да ја „победат“ ниту инфлацијата.
Ниту граѓаните на Европската Унија (ЕУ) не се многу „поарни“. Околу 70 проценти од заштедите на домаќинствата во ЕУ, вредни над 10 билиони евра (10 илјади милијарди евра), се чуваат како депозити во банките. Тие се на безбедно и лесно е да се пристапи до овие средства, но вообичаено носат помал принос од инвестициите на пазарите на капитал. Бидејќи постои голем простор за искористување на потенцијалот на овој капитал, што би им донело поголем поврат на граѓаните на ЕУ, Европската комисија (ЕК) усвои нова стратегија наречена Унија на штедење и инвестиции - УШИ (англ. Savings and Investments Union - SUI) за канализирање на овие заштеди во продуктивни вложувања во акции на берза, инвестициски фондови, обврзници и други инструменти на пазарите на капитал.
„Со предлогот за унија на штедење и инвестиции постигнуваме двојна корист. Домаќинствата ќе имаат повеќе сигурни можности за вложување на пазарите на капитал и за зголемување на својата благосостојба. Компаниите, пак, ќе имаат полесен пристап до капиталот што им е потребен за иновации, раст и отворање нови работни места во Европа“, изјави претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, при презентацијата на новата стратегија деновиве.
Прочитај повеќе

Жени кои се етаблираа во „машкиот“ свет на инвестиции
Жените се заинтересирани за долгорочни инвестиции, а мажите повеќе за ризик.
08.03.2025

Време ли е за продажба на акции и има ли побезбедни инвестиции?
Експертите гледаат можности во депозитите, во големите технолошки компании и во некои неамерикански акции.
09.03.2025

Македонски компании урнаа историски рекорд во инвестирање во странство
Според податоците на Народната банка директните инвестиции од Македонија во странство лани изнесувале 166,8 милиони евра што е убедливо највисоко ниво досега.
04.03.2025

Европа ги зголемува трошоците за одбрана, „Рајнметал“ ја зголемува продажбата
Германскиот производител на оружје го користи растот на европските трошоци за одбрана.
12.03.2025

Паѓаат каматите на кредитите, растат на депозитите
Просечната каматна стапка на вкупните депозити изнесува 2,18 проценти и е зголемена за 0,01 п.п. и 0,46 п.п., на месечна и на годишна основа, соодветно.
28.02.2025

Или како што истакна и европската комесарка за финансиски услуги Марија Луиз Албукерк: „Европејците се едни од најдобрите штедачи во светот, но голем дел од нивните заштеди е во депозити со ниски приноси. Во исто време, Европа се мачи да ги задоволи своите инвестициски потреби. Со УШИ можеме да креираме магичен круг на корист и за граѓаните и за компаниите, помагајќи им на европските граѓани да добијат подобар поврат на своите заштеди, а во исто време значителни инвестиции за економиите“.
На ЕУ ѝ требаат нови 750-800 милијарди евра инвестиции годишно
Унијата за штедење и инвестиции треба да креира финансиски екосистем што ќе ги поддржи инвестициите што се стратегиски цели на ЕУ. Со оглед на процените дека на ЕУ до 2030 година ќе ѝ требаат дополнителни 750-800 милијарди евра годишно за инвестиции, поради зголемените потреби за одбрана, со УШИ ќе се проба да се реши проблемот на неусогласеноста помеѓу штедењето и потребите за инвестиции.
„Компаниите со помош на оваа стратегија би можеле да црпат свежи пари од значително поголема база на капитал што е расположлив во ЕУ. Познато е дека компаниите, особено оние што треба да ги предводат технолошките промени, односно малите и средните иновативни фирми со голем потенцијал за раст, имаат доста тешкотии во пристапот до капитал на пазарите на ЕУ“, додаде Фон дер Лајен.
Што планира ЕУ за да ги стимулира граѓаните да извадат дел од своите пари од банка и да ги вложат во инструменти со поголем принос? Во образложението од ЕК се наведува дека целта е тие да се мотивираат да го зголемат своето богатство и да заштедат повеќе за во иднина, за помирни пензиски денови или за било каков друг битен настан во нивните животи: купување дом, школување на децата итн. Унијата на штедење и инвестиции треба да го зголеми учеството на граѓаните на пазарите на капитал со проширување на можностите за вложување и подобрување на нивната финансиска писменост.
„Граѓаните имаат целосна слобода на вложувања врз основа на своите лични одлуки: секогаш ќе имаат целосна контрола врз тоа каде сакаат да ги чуваат своите пари и кому да му ги доделат да ги оплодува. Целта на УШИ е да се создаде помотивирачка средина за оние граѓани што можеби сакаат да вложуваат на финансиски пазари и да им овозможи полесен пристап до попродуктивни инвестиции. Унијата за штедење и инвестиции и понатаму ќе ги поддржува оние што имаат заштеди во банките. Банките се важни извори на финансирање за голем број компании, па таквото штедење ѝ помага на економијата на ЕУ“, се истакнува во образложението на ЕК.
Корист и за граѓаните и за компаниите
Во рамките на стратегијата за УШИ има сет од посебни мерки со кои директно ќе се стимулираат граѓаните во рамките на потпрограмата „Граѓаните и штедењето“. Искуството во некои земји членки на ЕУ веќе покажало дека штедно-инвестициските сметки може да ги поттикнат малите вложувачи да учествуваат на пазарите на капитал, особено ако со тие сметки одат и соодветни стимулации. Европската комисија ќе изработи „европски план за штедно-инвестициски сметки“ или финансиски продукти за мали вложувачи врз основа на досега најдобрите национални практики, вклучувајќи и препораки за земјите членки околу даночниот третман на таквите инвестициски сметки.
„Со таквите штедно-инвестициски сметки, во комбинација со соодветен даночен третман, може да се зголеми количеството на финансиски средства достапни за компаниите од ЕУ и да се задоволат потребите за вложувања во зелена и дигитална транзиција, како и во одбрана“, велат од ЕК.
За граѓаните на ЕУ ќе биде битно и тоа што со инвестирањето, покрај штедењето во банка, ќе ги зголемат и своите пензии. И самата ЕК потенцира дека во рамките на УШИ планот е да се развие и подобри системот на дополнителни пензии, така што државните пензии ќе се дополнат со стратегија за поттикнување автоматски упис во системите на дополнителни пензии. Ова во некои земји членки веќе се покажало како делотворен начин за зголемување на стапката на учество на вработените во доброволните пензиски столбови и зголемување на повратот за примателите на пензии.
Една од клучните цели на УШИ е да го зголеми и олесни пристапот до финансирање за компаниите од ЕУ. Благодарение на полесниот пристап до различни извори на финансирање, вклучувајќи го и прекуграничното финансирање, овие компании можат да ги соберат средствата што им се потребни за развој и раст. Ова е неопходно за развој на клучните сектори на економијата, како што се напредните технологии, одржливата енергија, образованието и одбраната. Унијата на штедење и инвестиции е замислена како двигател за финансирање за сите компании што имаат силен и јасен бизнис-модел.
„Ова може да има мултиплицирачки ефект врз економијата, преку зголемување на економската активност, преку поттикнување вработување, градење компетенции и знаења преку центри со силна соработка помеѓу универзитети, претприемачи, стартапи и корпорации во повеќе области и, на крајот, економски раст и просперитет“, велат од Европската комисија.
Останува предизвикот на ниската финансиска писменост на граѓаните односно домаќинствата. Истражувањето на „Евробарометар“ од јули 2023 година покажа дека 82 отсто од граѓаните на ЕУ немаат високо ниво на финансиска писменост. Тоа во голема мера варира помеѓу земјите и во рамките на различни демографски групи, при што жените, младите и постарите лица генерално имаат пониско ниво на писменост.
За да се обезбеди потенцијалните нови мали вложувачи да бидат добро информирани за последиците и ризиците на инвестирањето, ЕК има намера да предложи стратегија за финансиска писменост дизајнирана да ги едуцира граѓаните, да ја издигне нивната свест и да го поттикне нивното учество на пазарите на капитал.
Во Македонија има простор заштеди од 1,2 милијарди евра да се инвестираат на берзатаАналитичарите на „Блумберг Адрија“ во регионална анализа на берзите во регионот уште на крајот на 2023 година укажаа дека соодносот кредити/депозити, кои во поголемиот дел од регионот Адрија се движат помеѓу 75-90 проценти дозволува одредена прераспределба на средства кон пазарите на капитал којашто не би преидизвикала штета на стабилноста на финансискиот систем. „Ние не повикуваме на распродажба на недвижен имот и јуриш на банкарските депозити, но сепак сметаме дека со структурирана комуникациска стратегија на среден или на долг рок (поддржана од фискални политики, на пр. зголемено оданочување на недвижен имот) за да се зголеми присуството на локалната економија на пазарот на капитал би била материјален чекор напред во подобрувањето на економскиот потенцијал на регионот“, велат аналитичарите. Аналитичарите проценија дека има простор за реалокација на депозити кон пазарот на капитал при што би се запазиле регулаторните стапки на ликвидност на нивоа доволно високи за да не ѝ наштетат на стабилноста на финансискиот систем и тоа од 7,5 милијарди евра во Хрватска, пет милијарди евра во Словенија, 1,3 милијарди евра во БиХ и 1,2 милијарди евра во Македонија. |