„Блекрок“ (BlackRock Inc.) планира да купи околу 10 отсто од акциите понудени во иницијалната јавна понуда (ИПО) на „Сркл“ (Circle Internet Group Inc.), според лица запознаени со ситуацијата, додека световите на традиционалните финансии и криптовалутите продолжуваат да ги продлабочуваат своите врски.
Издавачот на стабилни коини и некои од неговите акционери, вклучувајќи го и коосновачот и извршен директор Џереми Алајр, имаат цел да соберат до 624 милиони долари преку понудата, според поднесок до Комисијата за хартии од вредност.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот на денот, во избор на дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“ од Скопје.
Малите трговци не ги засакаа картичките
„Донекаде може и да ги сфатиме малите трговци, кои се борат за секој денар. Маржите се ниски, особено кај цигарите, мастиките и други производи што најчесто се купуваат кај нив. Големите синџири на маркети не се оптоваруваат со тоа, затоа што имаат огромен обрт секојдневно. ПОС-терминалите им ги даваме бесплатно, но сепак одлуката е кај нив. Провизиите за картичните трансакции постепено се намалуваат, со тоа што тенденцијата е да се изедначат со нивото на ЕУ, каде што се од 0,2 до 0,3 отсто од вредноста на трансакцијата“, велат од една домашна банка.
Точно е дека провизиите што ги наплаќаат банките, како и картичните компании „Виза“ (Visa), „Мастеркард“ (Master Card) и останатите во македонската трговија се намалуваат низ годиниве, но сепак попривилегирани се големите трговци...
Какви се очекувањата за градежништвото?
Градежната активност во регионот Адрија продолжува првенствено да биде поттикната од изградбата на станбени и нестанбени згради, со оглед на тоа што стапките на раст во високоградбата се повисоки отколку во нискоградбата.
Македонија, заедно со Хрватска, е единствената земја од регионот што забележа значителни стапки на раст на градежната активност од почетокот на оваа година. Годишната стапка на раст на обемот на градежната индустрија во првите два месеци е зголемена за 7,9 прценти. Очекуваната вредност на договорените градежни работи во првиот квартал од 2025 година е поголема за 60 проценти на годишно ниво.
Струјата нема да поскапи, ЕСМ со нов кредит ќе се бори со загубите
Нити една државна енергетска компанија нема да бара зголемување на цената на струјата за домаќинствата во следните шест месеци. Ова на брифинг пред новинарите во Министерството за енергетика го потврдија директорите на ЕСМ, МЕПСО и МЕМО.
Во моментов струјата за домаќинствата ЕСМ ја продава по цена од 62 евра за мегават час, а во првиот квартал производната цена изнесувала дури 98,9 евра за мегават час. Загубите, државната компанија ќе се обиде да ги намали со намалување на трошоците во работењето.
Производство во првиот квартал е пониско за 35 отсто од планот на компанијата, но се очекува дека до крајот на годината состојбата ќе се подобри и ЕСМ ќе произведе вишок кој ќе може да го продава по пазарни цени и ќе оствари добивка.
Дотогаш, компанијата ќе продолжи да се задолжува за да обезбеди пари за одржување на ликвидноста. Многу брзо ќе биде потпишан договор за кредит со една домашна банка во висина од 30 милиони евра. Каматната стапка ќе се движи околу 3,5 отсто, според сегашните услови.
Владата предложи укинување на царините за увоз на стоки од САД
Владата нa последната седница усвои предлог-закон за измени и дополнувања на Законот за царинска тарифа во кој меѓудругото се предвидува целосна либерализација на увозот на стоки со потекло од САД, односно укинување на царинските стапки за стоките кои доаѓаат во нашата земја од САД.
„САД се стратешки партнери на нашата земја и соработката со нив е значајна од секој аспект поради што Владата e пoдготвена да го прошири и продлабочи блиското партнерство помеѓу двете земји што се заснова на заеднички цели, интереси и вредности и да воспостави трајна соработка врз основа на заемен интерес. Приоритет на оваа Влада е да креираме политики со кои ќе создадеме поволно и предвидливо бизнис окружување за сите компании, вклучително и за домашните и странските компании и на таков начин да изградиме силна економија“, соопшти министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Големите технолошки компании се враќаат на чело на индексот S&P 500
Истите технолошки гиганти што помогнаа индексот S&P 500 во април да дојде до работ на мечкиниот пазар сега му даваат поттик со закрепнувањето на американските акции.
„Енвидија“ минатата недела најави сезона на заработка подобра од очекуваната за големите технолошки компании, објавувајќи силни изгледи за приходи и покрај ограничувањата на САД за продажба на нивните чипови во Кина. Со оглед на тоа што „Енвидија“ и „Мајкрософт“ се враќаат на работ на рекордно високи нивоа, трговците се обложуваат дека групата е подготвена да го подигне поширокиот пазар.
„Се чувствувам навистина добро во врска со технологијата што излегува од оваа сезона на заработка“, рече Брет Јуинг, главен пазарен стратег во „Фрст Френклин фајненшл сервисис“ (First Franklin Financial Services). „Сè уште има гориво во овој резервоар“.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...