Довербата на инвеститорите во германската економија во септември изненадувачки се подобри, поттикнувајќи надежи дека најголемата европска економија излегува од долгата стагнација. Сепак, ризици и натаму има, царините се главните.
Добро утро, ова се петте вести што се важни за почеток на денот.
Непродуктивна вработеност во Македонија, расте и вработувањето на црно
Бројот на вработените се намалува, а за сметка на тоа расте бројот на оние кои остануваат во сивата зона, неформално вработените. Нив ги има близу 100.000 заклучно со јуни годинава што претставува раст од 11,3 отсто во однос на истиот период лани.
Податоците за првата половина од годината покажуваат загрижувачки трендови на пазарот на труд ако се земе предвид дека токму перформансите на пазарот на труд се еден од најважните индикатори за „здравјето“ на целокупната економија.
Го анализираме пазарот: Берзите толку се залетани, што инвеститорите почнаа да се плашат
Берзите на главните пазари во САД и во Европа повторно уриваат рекорди, носени на бранот на големите технолошки компании, но инвеститорите се вртат и кон компаниите од одбранбениот сектор и здравството, како и оние со помала пазарна капитализација од различни сектори.
Технолошките компании толку се залетани со своите резултати и приноси, што тоа почнува и да ги загрижува инвеститорите, како што пишуваше светскиот сервис на „Блумберг“. Некои од нив почнуваат дури и да ги поставуваат своите позиции очекувајќи трендот да го загуби својот замав.
Кога успехот станува предизвик за љубовта и семејството
Во современото општество амбицијата често се вреднува високо и претставува симбол на моќ и напредок. Сепак, токму таа често остава длабоки траги во партнерските и семејните односи. Додека бизнис-светот бара постојана посветеност, приватната сфера очекува блискост и емоционално присуство – а овие два света не секогаш функционираат во хармонија.
Животните приказни на познати светски лидери и претприемачи често се огледало на овие тензии. Илон Маск јавно зборуваше дека неговата кариера повеќепати влијаела врз складот во партнерските односи. Поранешната директорка на „Јаху“ (Yahoo), Мариса Мајер, се врати на работа само две недели по породувањето – потег што некои го поздравија како пример за деловна посветеност, додека други го критикуваа прашувајќи се како таквото темпо влијае врз семејството. Уште една успешна жена, Шерил Сандберг, поранешна извршна директорка на „Мета“ (Meta), во своите книги и јавни настапи отворено проговори за предизвиците на балансирањето помеѓу кариерата и приватниот живот, особено кога се соочи со лична загуба.
„Алфабет“ во елитниот клуб – што е потребно една компанија да вреди повеќе од три билиони долари?
„Алфабет“ на 15 септември 2025 година стана четврта компанија во историјата чија пазарна капитализација ја надмина границата од три билиони долари. Со тоа „Гугл“ се приклучи на елитната група компании во која веќе се „Енвидија“, „Мајкрософт“ и „Епл“.
Овој финансиски праг не е само симболичен. Тој ги одразува длабоките промени во технолошката индустрија и довербата на инвеститорите во иднината на вештачката интелигенција. Покажува и способност на најголемите играчи успешно да се носат со регулаторните предизвици.
ЕУ ќе предложи даночни олеснувања за да поттикне инвестиции
Европската комисија најави дека на крајот на месецов ќе претстави нови предлози за намалување на даночните оптоварувања врз европските штедачи и инвеститори, како најнов обид за зајакнување на културата на штедење и инвестирање во Европа и мобилизирање на приватните заштеди.
Даночните мерки што се разгледуваат вклучуваат одбитоци за отворање штедни и инвестициски сметки, ослободувања од приходи од инвестиции и систем на одложување, така што луѓето ќе бидат оданочени само кога ќе повлечат средства од сметките, според нацрт-документот што го виде „Блумберг“.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...