Во современото општество амбицијата често се вреднува високо и претставува симбол на моќ и напредок. Сепак, токму таа често остава длабоки траги во партнерските и семејните односи. Додека бизнис-светот бара постојана посветеност, приватната сфера очекува блискост и емоционално присуство – а овие два света не секогаш функционираат во хармонија.
Животните приказни на познати светски лидери и претприемачи често се огледало на овие тензии. Илон Маск јавно зборуваше дека неговата кариера повеќепати влијаела врз складот во партнерските односи. Поранешната директорка на „Јаху“ (Yahoo), Мариса Мајер, се врати на работа само две недели по породувањето – потег што некои го поздравија како пример за деловна посветеност, додека други го критикуваа прашувајќи се како таквото темпо влијае врз семејството. Уште една успешна жена, Шерил Сандберг, поранешна извршна директорка на „Мета“ (Meta), во своите книги и јавни настапи отворено проговори за предизвиците на балансирањето помеѓу кариерата и приватниот живот, особено кога се соочи со лична загуба.
Погонско гориво или товар
Прочитај повеќе

Романса на работното место: Како „Колдплеј“ и прегратка уништија две кариери
Гледање над мониторот, пеперутки во стомакот што не ги почитуваат правилата, границата помеѓу работата и по работата станува сè потенка.
30.07.2025

„Гниење во кревет“ - каде е границата помеѓу здравата дремка и бегањето од обврските?
Зошто поминуваме часови во кревет без причина? Го истражуваме феноменот на „гниење во кревет“, психолог открива како да ја забележите разликата помеѓу креативното слободно време и одложувањето.
27.05.2025

Зошто се чувствувате заглавено на работа и како да се справите со тоа
Ако се чувствувате заглавено на вашата работа во моментов, не сте сами.
14.10.2024

Како запишувањето на вашите мисли и чувства може да ве направи подобар лидер
Зошто водењето дневник стана алатка број еден во деловниот свет и зошто треба да почнете да пишувате денес. Еве што ви помага да стекнете навика.
01.08.2025
Сите овие примери ја отвораат истата дилема: може ли деловниот престиж да се гради без висока цена во интимната сфера? Психотерапевтката Марија Милојевиќ вели дека луѓето што се исклучително амбициозни најчесто му посветуваат малку време на партнерството и потсетува дека, доколку е екстремна, амбицијата може да се одрази на сите аспекти од животот: „Некои лица поради кариерата го загрозуваат сопственото здравје, а понекогаш и животот, пријателствата и семејството.“
Психотерапевтката Марија Милојевиќ предупредува дека амбицијата често може да ги загрози другите животни аспекти. Фото: Марко Милојевиќ
Кога ќе се земат предвид и родовите улоги, притисокот станува уште поизразен. Додека амбициозниот маж најчесто се перципира како „победник“ и лидер, од жените се очекува истовремено да бидат успешни на работа и целосно присутни во семејството.
„Жените се под поголем притисок да балансираат меѓу семејството и кариерата, бидејќи од нив повеќе се очекува да бидат вклучени во грижата за децата, како и во семејните обврски. Тој голем притисок и очекувања неминовно влијаат врз партнерството, но и врз односот со децата“, додава соговорничката.
Понекогаш врвот може да биде многу осамено место. Фото: Depositphotos
Високите стандарди што си ги поставуваат, амбициозните луѓе често ги пренесуваат и на своите деца. Позитивната страна е тоа што децата можат да стекнат чувство на одговорност и работна етика гледајќи ги родителите. Но, опасноста се јавува кога стремежот кон деловен успех станува замена за блискоста, а родителското време се сведува на споредна ставка во живот преполн со деловни обврски. Статистиките покажуваат дека бројот на разводи е во пораст, што психотерапевтката Милојевиќ го поврзува со современиот начин на живот: „Современата доба носи брзина и сè помалку слободно време, парите се вредност пред емоционалната блискост и поврзаноста – и меѓу партнерите, и помеѓу родителите и децата.“
Партнерите како тим
Во идеални околности, кога двајцата партнери се еднакво посветени на кариерата, кога имаат јасни цели и споделуваат слични деловни вредности, амбицијата може да биде силно сврзувачко ткиво. Таквите парови, често нарекувани „моќни двојки“, во јавноста изгледаат како да успеваат да ги комбинираат љубовта и кариерата. Музичкиот могул Џеј-Зи и Бијонсе, како и Меган Маркл и принцот Хари, се глобални симболи токму на тоа: индивидуално остварени, но и подготвени своите проекти да ги испреплетат, со што го зајакнуваат заедничкиот идентитет.
Синергија и во работата и во животот: Џеј-Зи ужива во заедничките проекти со Бијонсе. Фото: Kevin Mazur/Getty Images
Сепак, ваквите односи носат и ризици. Недостигот од време, чувството на запоставеност и емоционалната дистанца може постепено да ја нагризат врската. „Ако двајцата партнери се еднакво посветени на работата, тоа може да биде добро за односот бидејќи никој не се чувствува искористено или запоставено. Но, доколку поради амбицијата не се негуваат емоционалната блискост и поврзаност, таквите парови се оддалечуваат еден од друг. Понекогаш остануваат заедно поради други причини, но емотивно не се чувствуваат поврзано“, објаснува Милојевиќ.
Решението, според неа, лежи во способноста партнерите да се гледаат себеси како тим. „Најважно во партнерската врска е да постојат блискост и поврзаност, но и да бидат ‘тимски играчи’. Тоа значи дека во одредени моменти едниот прави отстапки, а во други другиот. Само ако заедно се соочуваат со сите предизвици што ги носи животот, нивното партнерство ќе опстане и ќе расте“, заклучува Милојевиќ.
Отворената комуникација е предуслов за решение и подобар баланс. Фото: Depositphotos
Пет чекори до баланс меѓу кариерата и блискоста, според совети од експерти:
Усогласете ги приоритетите – дефинирајте заеднички цели и вредности.
Негувајте секојдневни ритуали – заедничко утринско кафе или кратки телефонски повици во текот на денот може да го одржат чувството на поврзаност.
Бидете тим – правете отстапки и поддржувајте се еден со друг во кризни ситуации.
Одвојте време само за вас – не поминувајте го слободното време исклучиво во големи друштва.
Комуницирајте отворено – споделувајте не само обврски туку и секојдневни мисли и искуства.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...