Остануваат уште малку слободни места за нашата конференција „Back to Business“, која ќе се одржи на 29 октомври во Скопје. Таа има цел да ги ангажира клучните актери во македонскиот бизнис-сектор и високите владини претставници на платформа што ќе навлезе во анализа на економските потенцијали и можности за развој на Македонија.
На оваа конференција подетално ќе разгледаме како земјата треба да ги редефинира своите позиции за да го забрза економскиот раст на одржливо ниво, бидејќи досегашните искуства не дадоа импресивни макроекономски резултати. Иако учеството е бесплатно, бројот на места е ограничен, па можете да присуствувате само ако се регистрирате на овој линк.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот на денот, во избор на дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“ од Скопје.
Мали компании со визија
Во период на зголемена потреба од иновативни и одржливи решенија, стартап-екосистемот во Македонија бележи значаен напредок. Клучен двигател на овој развој е стратешката соработка меѓу јавниот и приватниот сектор и стартап-заедницата, која сè почесто се позиционира како катализатор за економски раст, дигитална трансформација и зелена транзиција.
Во рамките на проектот „Стартап херои“, девет микропроизводители на храна и пијалаци своите иновативни идеи ги претворија во атрактивен производ со потенцијал да одговараат на барањата на малопродажбата и да се пласираат во македонски синџир на супермаркети. Проектот им помогна во финализирање на производот, унапредување на пакувањето, тестирање/истражување на пазарот, маркетинг, сертификација и слично.
Интересно е тоа што во процесот на пласирање и промоција беа применети алатки од областа на невромаркетингот, современа дисциплина што ги спојува маркетингот, невронауката и когнитивната психологија. Овие методи им помогнаа на компаниите подобро да ги разберат навиките и реакциите на потрошувачите, со цел да креираат комуникациски стратегии што влијаат на емоциите, мотивацијата и одлуките за купување.
Институционален пинг-понг со данокот на јаглерод
Законот за климатска акција, кој претставува правен основ за воведување на данокот на јаглерод, сè уште не е донесен, а надлежното Министерство за животна средина и Владата си ја префрлаат одговорноста.
Од 1 јануари 2026 година компаниите што произведуваат електрична енергија, цемент, алуминиум, вештачки ѓубрива, железо и челик подлежат на плаќање данок на јаглерод. Ако давачката не биде дефинирана навреме, наместо во земјава, парите на домашните компании по основ на јаглеродниот надоместок ќе завршуваат во странство. Освен законот за климатска акција, за воведување надоместок се потребни и подзаконски акти, но од Министерството за животна средина не добивме конкретен одговор дали регулативата ќе стапи во сила навреме.
Воведувањето на давачката е дел од европската регулатива за воведување механизам за прекугранично јаглеродно приспособување (англ. Carbon Border Adjustment Mechanism – CBAM). Компаниите на кои се однесува регулативата уште од октомври 2023 година почнаа да ги искажуваат емисиите на јаглероден диоксид што се вградени во нивните производи. Целта е цената на увезените производи да ја рефлектира содржината на јаглероден диоксид за која производителите во ЕУ плаќаат таква давачка.
Српската „Алта банка“ е нов сопственик на „Стопанска банка Битола“
„Алта банка“ од Србија е новиот сопственик на „Стопанска банка Битола“. Понудата ја прифатиле 262 акционери. Тие продале вкупно 344.420 хартии од вредност, што претставува 88,09 отсто од акционерскиот капитал.
Банката од Белград понуди по 3.777 денари за акција издадена од „Стопанска банка Битола“. Потребно беше да се продадат најмалку 273.795 акции, односно 70,03 отсто од вкупно издадените 371.538 обични акции со право на глас.
Кина ја засилува трговската војна со САД
Кина воведе санкции за пет американски подружници на јужнокорејската компанија „Ханва оушн“ (Hanwha Ocean Co.) и најави можни дополнителни мерки против бродскиот сектор – најнов потег во серијата заемни удари меѓу Пекинг и Вашингтон во пресрет на очекуваните трговски разговори.
Овој потег предизвика пад на глобалните берзи во вторникот, бидејќи инвеститорите ги намалија очекувањата за смирување на тензиите меѓу двете најголеми светски економии. Акциите на „Ханва оушн“ паднаа за 6,2 отсто, додека акциите на кинеските бродоградители забележаа раст.
Со овој чекор, Пекинг ја продлабочува долготрајната криза со САД за доминација во поморскиот сектор. Двете земји веќе си воведоа специјални такси за пристаништата на бродовите една на друга, додека САД ги мобилизираат своите сојузници – особено Јужна Кореја – за заживување на ослабената американска бродоградбена индустрија.
Трговците стравуваат од трајни последици по крахот на криптото
Крахот не го погоди само биткоинот. Тој уништи цели екосистеми на шпекулативни токени што ветуваа генерациско богатство преку вирални мемиња, брендирање големи имиња и слепа верба во бумот.
Биткоинот падна за 13 проценти по новиот американско-кинески царински конфликт. Но штетата беше многу поголема кај помалите токени, од кои многу паднаа и до 80 проценти пред привремено да закрепнат. Мемекоинот на Доналд Трамп, промовиран годинава од американскиот претседател, во петокот падна за 37 отсто, според „Коин маркет кап“ (CoinMarketCap). Токенот WLFI на „Ворлд либерти фајненшл“ (World Liberty Financial Inc.), исто така поврзан со семејството Трамп, падна за сличен процент.
Од избришаните 380 милијарди долари, околу 131 милијарда долари доаѓаат од алткоини, според „Теникс рисрч“ (10x Research).