Рускиот производител на нафта „Лукоил“ ја прифати понудата од трговецот со енергија „Гунвор груп“ (Gunvor Group) за купување на неговата меѓународна единица „Лукоил Интернешнл ГмбХ“, соопшти вчера компанијата. „Лукоил“ претходно објави планови за продажба на своите меѓународни операции откако беше погоден од санкциите на САД минатата недела. Договорот е предмет на одобрение од американската влада. „Лукоил“ има најголеми меѓународни операции меѓу сите руски нафтени гиганти.
Добро утро, ви пишува Владимир Николоски од дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“. Подолу петте вести што ги издвоивме за почеток на денот.
Македонците штедат, ли штедат: за пет години нови 3,5 милијарди евра депозити
Македонските граѓани и компании во банка чуваат преку 10,2 милијарди евра во депозити, податок на Народната банка за месец септември 2025 година. Вкупните депозити пораснале за околу една третина, односно 34.1 отсто за три години, при што депозитите на корпоративниот сектор пораснале нешто повеќе, за 36,6 отсто, додека кај домаќинствата за 34,9 отсто. Граѓаните чуваат околу 6,9 милијарди евра во банка, додека компаниите околу 2,9 милијарди евра.
Иако каматните стапки за штедење последниве години се на историски најниски нивоа, тоа не ги спречува граѓаните своите слободни средства да ги вложуваат токму во банка. За само три години домаќинствата вложиле речиси две милијарди евра во банка, додека компаниите околу 800 милиони евра. Ако направиме споредба, пак, со нивото на штедење од пред пандемијата, на крајот од 2019 година вкупните депозити во македонските банки изнесувале околу 6,7 милијарди евра, што значи преку 3,5 милијарди евра пораст во штедењето за пет години.
Зошто пораснаа акциите на „Алфабет“, а паднаа на „Мета“ и „Мајкрософт“?
Пазарот ја награди „Алфабет“, матичната компанија на „Гугл“, а ги казни „Мета платформс“ и „Мајкрософт“ откако трите гиганти кои се дел од групата Величествени 7 во средата ги објавија резултатите од работењето во третиот квартал годинава. Имено, по објавата вредноста на акциите на „Алфабет“ порасна за околу седум проценти, а на „Мета платформс“ и на „Мајкрософт“ падна за осум и за четири проценти соодветно.
Заедничко за сите компании е што продолжуваат да вложуваат милијарди во развој на производи и услуги базирани на вештачка интелигенција и покрај засилените стравувања дека станува збор за сектор кој создава балон на пазарот. Всушност, првичната реакција на пазарот на последните квартални резултати го отсликува степенот на доверба на инвеститорите во оправданоста на огромните трошења во вештачката интелигенција односно нивната подготвеност да ги надоместат овие трошоци преку приходи од други услуги и производи.
Брзиот раст на соларната енергија во Европа ја доведува електромрежата до граница на издржливост
Кога пред околу една деценија беше воведен системот за рано предупредување што им сигнализира на операторите низ Европа за нарушувања во електроенергетската мрежа, на екранот доминираше зелената боја. Сигурно, без прекини. Денес тие мапи сè почесто се обојени во жолто, црвено, а понекогаш дури и црно, бојата на целосен прекин на струја.
Тој вообичаен „семафор“ во реално време покажува како успехот на соларната енергија, со околу четири нови панели што се инсталираат некаде во Европа секоја секунда се судира со ограничувањата на мрежата изградена во време кога обновливите извори сè уште не биле во центарот на производството на електрична енергија. Ситуацијата станува сè потешка за управување, а операторите предупредуваат дека немаат алатки потребни за балансирање на ефектите од соларната енергија, покажуваат разговорите со неколку европски управители на мрежи.
Централните банки забрзано купуваат злато и покрај рекордната цена
Централните банки го забрзаа купувањето на злато во третиот квартал. Тие купија 220 тони злато во периодот јули-септември, што е зголемување од 28 проценти во однос на претходниот квартал и запирање на забавувањето во почетокот на годината, според извештајот на Светскиот совет за злато. Националната банка на Казахстан беше најголемиот поединечен купувач, додека централната банка на Бразил купи злато за прв пат по повеќе од четири години.
Централните банки додадоа 634 тони златни прачки во своите резерви годинава до септември – што е помалку во однос на истиот период во секоја од последните три години, но удобно над просекот пред 2022 година, пред руската инвазија на Украина. Светскиот совет за злато прогнозираше купувања во цела 2025 година во опсег од 750 до 900 тони.
Растот на цената на среброто создава проблеми на индустријата која најмногу го користи
Цените на златото и среброто продолжија да паѓаат оваа недела по краток период на смирување, додека сигналите за можно намалување на трговските тензии меѓу САД и Кина, како и очекувањата за нови потези од централните банки, ги охрабрија инвестициите во поризична актива. Спот цената на златото моментално се движи околу 3.960 долари за унца, под психолошката граница од четири илјади долари, додека среброто се тргува околу 47,7 долари по неколку дена притисок на пазарот.
И покрај овој пад, цените и понатаму се блиску до историски високи нивоа кои во последните месеци силно ги оптоварија производителите на соларна опрема, најголемите индустриски потрошувачи на сребро. Среброто оваа година е меѓу најнестабилните суровини. Имено, во првите месеци од 2025 година неговата цена порасна за повеќе од четириесет проценти и достигна највисоки нивоа во последните десет години, што дополнително ги зголеми трошоците на соларната индустрија.
 
                
        
        
         
                 
                     
                 
                 
                             
                             
         
         
         
         
         
         
         
         
         
         
         
         
         
                         
                        .png) 
                 
            