Се гушиме во поткасти за биохакинг (обид на луѓето да го „хакираат“ сопственото тело за да функционира подобро, побрзо или подолго, со различни методи што вклучуваат научни и технолошки решенија), во скапи клубови за долговечност, суплементи што ги препорачуваат славни личности и апликации за следење на виталните параметри што го бележат секој наш чекор, па дури и тоа дали ‘рчаме.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот на денот, во избор на дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“ од Скопје.
Берзански преглед: Страв од криптопазарот, рекорд на франкот
Овој месец, индексот S&P 500 падна за повеќе од 1,2 отсто поради растечките грижи за економијата и вреднувањето на акциите. Слабиот почеток на месецот го поставува индексот на пат кон најлошиот ноември од 2008 година, пишува „Блумберг“.
На Волстрит, во четвртокот пазарите забележаа еден од најлошите денови од април.
Биткоинот првпат по шест месеци падна под 95.000 долари. Зголемената одбивност кон ризик доведе до нето-одлив од околу 870 милиони долари од биткоин берзанските фондови (ЕТФ) — втор најголем дневен одлив досега.
Швајцарскиот франк во петокот достигна рекордно ниво во однос на еврото.
Милиони деца во недоволно безбеден интернет-простор
Зависноста од интернет и играње онлајн игри е дел од предизвиците на новото време. Но не станува збор само за вклучувањето и седењето во тој виртуелен свет, туку уште поголем предизвик претставува контролата на содржините на кои се изложени децата. „Роблокс“ (Roblox) е една од платформите за игри што подолго е во жариштето на дебатите за забрана или ограничување на возраста за користење.
Платформата нуди многу игри, а нуди и можност секој сам да креира игра, па дури и да заработува од неа доколку стане популарна. Тука веќе настануваат проблемите. Толку многу креатори на содржини во еден виртуелен неограничен простор што едноставно не е можно комплетно да се контролира содржината што се креира и што им се сервира на играчите, кои инаку лесно се навлекуваат и најчесто се тие од најчувствителната категорија – тинејџери, но и помали деца.
Што е „all weather“ портфолио?
Дали постои начин инвеститорите да ги заштитат своите средства односно да остварат заработка и во услови на континуирани економски и пазарни шокови. Токму тоа е идејата зад таканаречено „портфолио за секакви врeмиња“ (all weather portfolio), инвестициска стратегија развиена од американската компанија за управување со средства „Бриџвотер Асосиејтс“ (Bridgewater Associates) под водство на нејзиниот основач, Реј Далио.
Далио сфатил дека секој извор на поврат на капитал може да се разложи на неговите составни делови и да се анализира попрецизно со испитување на двигателите на тие поединечни делови. На пример, цената на живината зависи од цената на пченката и сојата. Цената на номиналната обврзница може да се разложи на реална компонента на принос и инфлациски дел. Овој начин на размислување ги поставил темелите за конструирање на „all weather“ портфолиото - ако средствата можат да се разложат на различни составни делови, а потоа да се сумираат во целина, истото може да се направи и со едно портфолио.
Причини поради кои Германија не може да ја намали зависноста од Кина
Германските бизнис-лидери одамна ги препознаа предупредувањата дека прекумерното потпирање на Кина носи ризик од економска катастрофа, но во практика ретко реагираат. Од автомобилската до хемиската индустрија, најголемите германски извозници ги игнорираат повиците на владата и вложуваат милијарди во проекти кои уште повеќе ги врзуваат за кинеската економија. Според податоците на Институтот МЕРИКС, германските корпоративни инвестиции во Кина пораснале на 5,7 милијарди евра во периодот 2023–2024.
И покрај предупредувањата, државните функционери малку направија за промена на трендот. Во приватни разговори се анализираат можни планови, но се избегнува директно мешање во странските инвестиции — нешто што, според висок германски функционер, „традиционално не е дел од германскиот идентитет“. Иако и бизнис-секторот и политичарите меѓусебно ја префрлаат одговорноста, и понатаму останува нејасно кој ќе ги сноси трошоците од оддалечување од Кина: компаниите, работниците, потрошувачите или државата.
Продолжена лиценцата на „Лукоил“
Американското Министерство за финансии ја продолжи дозволата за одредени трансакции поврзани со „Лукоил“, во рамки на напорите да се обезбеди контролирано повлекување на руската компанија од нејзините меѓународни операции. Новата лиценца овозможува работење со дел од бензинските станици и договори за продажба на странската актива на компанијата до 13 декември, додека посебната дозвола за ентитетите на „Лукоил“ во Бугарија е продолжена до 29 април.
Според лица запознаени со процесот, американските власти интензивно разговараат со сојузници од Централна Европа до Блискиот Исток, како и со потенцијални купувачи. Целта е да се овозможи доволно време за затворање на трансакциите и да се пронајдат алтернативни сопственички структури кои би спречиле руско влијание врз деловните операции.