Лари Финк, привремениот копретседател на Светскиот економски форум (СЕФ), отворено размислува за промена на локацијата на главниот настан, со што годишниот јануарски собир би се преместил од Швајцарија на друга локација.
„Би сакал да видам СЕФ да почне да прави нешто ново: да ги одржува своите состаноци и разговори таму каде што всушност се гради модерниот свет“, напиша тој на Линкдин. „Давос, да. Но исто така и места како Детроит и Даблин - и градови како Џакарта и Буенос Аирес.“
Извршниот директор на „Блекрок“ (Blackrock Inc.) во објава во понеделникот призна дека форумот веројатно ќе остане „синоним за Давос“ уште некое време. Сепак, рече тој, форумот на крајот ќе се симне од симболичната околина на Давос и ќе се приближи до реалниот свет, „планината ќе се спушти на земја“, наведе тој, алудирајќи на романот на Томас Ман „Магичната планина“.
„Фајненшл тајмс“ во средата објави дека Финк приватно разговарал за опцијата за преместување на главниот настан на други локации на ротациска основа, посочи весникот, повикувајќи се на луѓе запознаени со ова прашање.
Портпаролот на СЕФ изјави дека форумот е „воодушевен што е во Давос оваа година и со нетрпение очекува да ја продолжи соработката и партнерството на сите нивоа со Швајцарците“.
Финк го преиспитува концептот на форумот и сака да го прошири неговиот дострел надвор од политичките и бизнис-лидери. Копретседателот Андре Хофман, кој е потпретседател на одборот на фармацевтскиот гигант „Рош холдинг“, се согласува.
Форумот, кој со децении се одржува на швајцарските Алпи, е под силен притисок во последните години по обвинувањата за недолично однесување против неговиот основач Клаус Шваб. Шваб (87) на крајот го напушти форумот, иако беше ослободен од одговорност за какво било недолично однесување.
Евентуалниот потег би бил удар за Швајцарија. СЕФ, како непрофитна организација, помогна да се зацврсти позицијата на земјата како место за глобални дипломатски и деловни разговори на високо ниво.
Давос
Bloomberg
Новото раководство на форумот успеа да привлече рекорден број шефови на држави и влади на годинашниот собир, иако претседателот на САД, Доналд Трамп, кој треба да се обрати подоцна в среда, привлече најголемо внимание.
Светскиот економски форум се одржува во Давос од 1971 година, иако беше преместен во Њујорк на една година, во 2002 година, за да се покаже солидарност по терористичките напади од 11 септември. За време на пандемијата на ковид беше разгледана можноста за одржување на форумот во Сингапур, но тие планови подоцна беа отфрлени.
За градот Давос, секое трајно преместување би имало негативно влијание врз локалната економија, бидејќи рестораните, баровите и хотелите би останале без нивниот вообичаен прилив на гости.
Студија на Универзитетот во Сент Гален процени дека собирот во 2017 година генерирал околу 60 милиони швајцарски франци (66 милиони долари) приходи за економијата на Давос, како и околу два милиона швајцарски франци приходи од локални даноци.