Кога минатиот месец стапија во сила новите американски санкции против руската нафтена индустрија, Бугарија се најде пред итен проблем. Меѓу компаниите што беа погодени се најде и „Лукоил“, сопственик на најголемата бугарска рафинерија – наследство од долгогодишните блиски врски со Москва.
Владата реши да ја преземе контролата над постројката „Нефтохим“ на Црно Море и целокупниот локален имот на „Лукоил“. Беа одземени правата на акционерите, а беше назначен управник што треба да преговара за можна продажба. Парламентарната комисија имаше потреба од само 26 секунди за да го поништи 26-годишното сопствеништво и да го официјализира потегот пред да истече рокот што САД го поставија за наоѓање решение.
Овој неочекуван пресврт претставува најсилен удар на руското економско присуство на Балканот во последните неколку децении. Потегот на претседателот Доналд Трамп, насочен против руските нафтени компании, ја погоди самата срцевина на руското влијание во регионот, каде што Истокот и Западот се натпреваруваат веќе со векови.
Прочитај повеќе
Блазе на рафинериите, тешко на возачите
И покрај падот на цената на суровата нафта во последните месеци, тоа речиси не се чувствува на бензинските пумпи. Што ја предизвикува ваквата ситуација?
15.11.2025
Продолжена лиценцата на „Лукоил“ додека активно се бараат нови купувачи
САД ги продолжија роковите и отвораат трка за преземање на имот вреден милијарди – од Америка до Персискиот Залив голем број заинтересирани чукаат на врата...
15.11.2025
Европа и Блискиот Исток влегуваат во трка за имотите на „Лукоил“ пред санкциите
По повлекувањето на „Гунвор“ од зделката, владите очајно бараат начин да ги спасат меѓународните средства на „Лукоил“ пред истекот на рокот за санкциите.
12.11.2025
„Гунвор“ ја откажа зделката со „Лукоил“ откако САД ја нарекоа „марионета на Кремљ“
Откако САД ја обвинија дека е под влијание на Кремљ, „Гунвор“ се повлече од зделката што можеше да ја издигне на врвот на светската нафтена индустрија.
07.11.2025
Bloomberg
Во Србија владата разгледува купување на НИС (Нафтна индустрија Србија АД) за да ја преземе контролата од рускиот „Газпром“. Претседателот Александар Вучиќ, кој се соочува со сериозни политички предизвици, сака да ја избегне национализацијата, но мора да го убеди Вашингтон дека „Газпром“ ќе се повлече за да избегне санкции што би можеле да ја погодат земјата.
Во Бугарија одамна се предупредуваше дека Русија има премногу голем удел во економијата, особено во енергетскиот сектор. „Лукоил“ се жалеше дека е под притисок да ги продаде рафинеријата и мрежата од 220 бензински пумпи низ земјата. Но досега не се случи ништо конкретно.
„Основата на руското влијание секогаш била доминација во енергетиката - нафтата и гасот - како продолжување на советското наследство, кое никој не го допираше со децении“, вели Руслан Стефанов од Софискиот центар за проучување на демократијата. „Голем дел од тоа сега исчезнува. Ова се последни потреси, затоа и предизвикуваат толку голема нервоза“.
Официјалните лица во Софија и во Белград разбраа дека останувањето во руската орбита веќе не е одржливо по руската инвазија на Украина во февруари 2022.
Бугарија е членка на Европската Унија и наскоро ќе го воведе еврото, додека Србија има амбиција да му се приклучи на блокот. Но, историските врски и зависноста од руските енергенти со години ги забавуваат промените.
По повеќе векови блиски односи, руското економско влијание во овие две земји дополнително се засили во 1999 година. „Лукоил“ тогаш ја купи „Нефтохим“, денес најголемата компанија во Бугарија. Србија, пак, се најде изолирана откако НАТО ја бомбардираше земјата за да ја принуди да ја повлече војската од Косово. Русија тогаш се наметна како главен сојузник на Белград во одбивањето да ја признае косовската независност.
Клучните руски рафинерии на Балканот под притисок околу сопственоста
Bloomberg
Стефанов вели дека сегашниот пресврт е резултат исклучиво на американскиот притисок, бидејќи ЕУ нема доволно влијание. Без санкции, смета тој, ништо не би се променило.
Кога ќе се повлечат руските нафтени гиганти од Бугарија и Србија, влијанието на Путин во регионот ќе биде сериозно ослабено, нагласува Марио Бикарски од компанијата ВМ (Verisk Maplecroft). „Можностите за лобирање и неформални врски со политичките и бизнис-елити драстично ќе се намалат“, вели тој.
Бугарската врска со Русија е длабоко вкоренета. Независноста од Османлиското Царство ја стекна во 1878 година благодарение на Руско-турскиот конфликт, што секоја година се обележува како национален празник на 3 март. Граѓаните и денес полагаат цвеќе на спомениците, меѓу кои и на статуата на царот Александар II во Софија.
За време на комунизмот, земјата беше најверен сојузник на Советскиот Сојуз – толку многу што доби прекар 16-та република, бидејќи диктаторот Тодор Живков сакал да му се приклучи на СССР. Денес односите се многу повеќе прашање на интерес отколку на историја.
Bloomberg
Бугарија го протурка законот што овозможи одземање на „Нефтохим“ само неколку часа откако американското Министерство за финансии на 7 ноември ја одби можноста „Гунвор“ да го купи меѓународниот имот на „Лукоил“, нарекувајќи ја компанијата „марионета на Кремљ“. Десет дена подоцна, државниот управник Румен Спецов официјално ја презеде контролата над компанијата. Спецов, поранешен шеф на даночната управа и шампион во бодибилдинг, ѝ помогна на владата да ги убеди САД дека ниту еден денар од локалното бизнис-работење на „Лукоил“ не се прелива во Русија.
Благодарение на тоа, „Нефтохим“ доби одложување и ќе може да работи до април. Ако дотогаш не најде нов сопственик, владата ќе побара уште шест месеци, најави премиерот Росен Желјазков. Парите од продажбата ќе бидат уплатени на сметка до која „Лукоил“, додека е под санкции, нема да може да пристапи.
Потенцијални купувачи од САД, Европа и Персискиот Залив веќе изразија интерес. „Лукоил“ соопшти дека ги презема „сите неопходни чекори“ за да ги продаде рафинеријата „Нефтохим“, мрежата на бензински пумпи и другиот имот во Бугарија.
„Прашањето не е дали ќе се случи преминот кон неруско сопствеништво – ќе се случи“, вели Илијан Василев, кој беше бугарски амбасадор во Москва во 2000 година. „Вистинското прашање е дали Бугарија ќе го води овој процес сама или ќе се одвива надвор од нејзина контрола.“
Bloomberg
Во Србија ситуацијата е многу помалку јасна. НИС, кој е во руска сопственост, минатиот месец остана без извор на нафта по истекот на американските дозволи. Вучиќ побара од „Газпром“ да најде купец за да се избегне национализација. „Газпром“ побара од САД да ја продолжат дозволата за работа на НИС додека не се пренесе контролата на трета страна.
Но НИС има нафта само за околу една недела, по што државата ќе мора да користи резерви или да купува поскапа нафта од други пазари. Тоа ја зголемува веројатноста дека Вучиќ ќе се одлучи за привремено преземање на рафинеријата. Тој истакнува дека решението мора да биде најдено до 23 ноември.
„Ако не се договорат за цената, мојот предлог е да понудиме повеќе“, рече Вучиќ на 16 ноември. „Колку и да чини, ќе најдеме пари“, додавајќи дека владата сака да избегне „конфискација и национализација“.
Тоа дополнително ќе го ослаби руското влијание, кое беше обновено од српските националисти по распадот на Југославија. Вучиќ и другите лидери со години се обидуваат да балансираат помеѓу Истокот и Западот, со голема зависност од рускиот гас.
Русија може да се обиде да го врати економското влијание на Балканот, но тоа сега ќе биде многу потешко, оценува Бикарски.
„Дури и кога ќе заврши војната во Украина и кога можеби ќе се укинат санкциите, Русија тешко ќе ја врати доминацијата на енергетскиот пазар на регионот, бидејќи постои многу поширок круг на посигурни доставувачи и партнери“, вели тој. „Москва ќе мора да бара други патишта за да го задржи геоекономското влијание.“