Европската централна банка (ЕЦБ) ги зголеми трите клучни каматни стапки за 25 базични поени, при што каматната стапка на депозитите достигна 2,25 отсто.
Банката ја зголеми и прогнозата за инфлацијата во еврозоната. ЕЦБ сега очекува инфлацијата во 2026 година да изнесува три отсто, во однос на претходната прогноза од 2,6 отсто. За 2027 година се предвидува инфлација од 2,3 отсто, наместо претходно проектираните два отсто, додека прогнозата за 2028 година е два отсто.
Во новите економски проекции, ЕЦБ ги зголеми прогнозите за инфлацијата во 2026 и 2027 година поради повисоката цени на енергентите, што се очекува делумно да се прелее врз инфлацијата кај храната, стоките и услугите. Во истиот период се очекува забавување на растот поради влијанието на војната врз цените на суровините, реалните приходи и довербата на потрошувачите.
ЕЦБ подготви и нови сценарија за да ја земе предвид неизвесноста со која продолжува да се соочува. Тие ќе бидат објавени заедно со новите проекции по прес-конференцијата. Според „Блумберг“, можно е претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард, претходно да даде одредени насоки за нив.
Истовремено, Европската централна банка ги намали очекувањата за економскиот раст. Растот на БДП во 2026 година се проценува на 0,8 отсто, наспроти претходната прогноза од 0,9 отсто, а за 2027 година на 1,2 отсто, наместо 1,3 отсто. За 2028 година се очекува раст од 1,5 отсто.
Во образложението на одлуката, ЕЦБ наведе дека војната на Блискиот Исток создава инфлаторни притисоци и дека зголемувањето на каматните стапки е оправдано во низа можни сценарија.
Банката повтори дека идните одлуки ќе се носат од состанок до состанок, врз основа на пристигнатите економски податоци, инфлациските изгледи и ризиците за економијата, додавајќи дека не е однапред определена за конкретна насока на каматните стапки.