text size
Сѐ подолгиот животен век, нискиот наталитет и стареењето на населението веќе со децении го ставаат под силен притисок македонскиот пензиски систем. Моделот заснован на генерациска солидарност, во кој придонесите на вработените ги финансираат пензиите на пензионерите, станува сѐ потешко одржлив во услови кога бројот на пензионери постојано расте, а бројот на активни осигуреници не го следи истото темпо. Дополнителен показател за ваквиот тренд е и растечката зависност на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување од државниот буџет. Токму овие демографски и финансиски предизвици беа причината Македонија пред две децении да започне со воведување на повеќестолбен пензиски систем, кој покрај државната пензија воведе и задолжително капитално финансирано осигурување, со цел да обезбеди поголема одржливост на системот и посигурни приходи за идните генерации пензионери. Нашата анализа покажува дека денес, кога населението продолжува да старее, а притисокот врз јавните финансии расте, прашањето не е дали реформата била потребна, туку како таа да се продлабочува за да се одговори на демографските предизвици што допрва доаѓаат.
Зошто беше потребна реформа на системот за пензиско осигурување?
Неповолните демографски движења долги години наназад, како и економските проблеми со кои што се соочуваше државата беа причина за зголемување на бројот на невработените и намалување на бројот на активни осигуреници од една страна, и зголемување на бројот на пензионери од друга страна. Ова доведе до намалување на соодносот осигуреници и пензионери.
Прочитај повеќе
Кои се клучните фактори за висината на пензиите во Македонија?
И покрај тоа што поминаа две децении од реформата на пензискиот систем, во јавноста се уште се шират шпекулации и постојат нејасностии околу причините за оваа реформа.
22.07.2026
Пензиската реформа во Германија ќе биде одобрена до крајот на годината
Канцеларот Фридрих Мерц изјави дека неговата влада има цел да ја протурка сеопфатната реформа на пензискиот систем низ парламентот до крајот на годината.
24.06.2026
Листа на држави со најдобри пензиски системи во светот
Холандија и годинава го задржа првото место на глобалниот пензиски индекс, додека Сингапур за првпат се проби меѓу најдобрите.
15.10.2025
Демографскиот фактор има значајно влијание врз пензискиот систем воопшто, а светскиот тренд на стареење на населението, ја погодува и Македонија. Ниската стапка на фертилитет и зголеменото очекувано траење на животот како најзначајни демографски фактори за пензискиот систем, водат кон намален број на активно работоспособно население односно намален број на осигуреници од една страна и зголемен број на пензионери кои што подолго користат пензија од друга страна. Стапката на фертилитет во Република Македонија во периодот по 1990 година во просек изнесувала 1,6, што е далеку под стапката потребна за да почне едно население да се шири. Намалувањето на стапката на фертилитет доведува до стареење на популацијата.
Имено, очекуваното траење на животот при раѓање во 2023 година, во нашата држава изнесува 76,63 години (74,48 мажи и 78,86 жени). Просекот за Европа изнесува 82,3 години.
Јавните финанансии под притисокДемографските и други предизвици со кои се соочува Македонија предизвикаа од година во година да се зголемувааат буџетските трансфери до ФПИОМ. Така што, во минатата година тие достигнаа 53,8 милијарди денари (876 милиони евра), што е еднакво на 40 проценти од вкупните приходи на ФПИОМ.
|
Каква е улогата на вториот и на третиот столб?
Пензијата од првиот и вториот столб треба да се гледаат како една целина. Пензијата од првиот столб ја исплаќа ФПИОМ и е ограничена со максимална заменска стапка од околу 40 проценти. Пензијата од вториот столб се добива од средствата кои се акумулираат на индивидуална сметка. Тие средства се акумулираат во тек на работниот век на лична индивидуална сметка, се инвестираат и се оплодуваат. Затоа е многу важно да се потенцира дека идната пензија зависи од личната акумулација, односно од висината на личните примања на осигуреникот низ работниот век, и должината на истиот, т.е. на работниот стаж. Пензијата од првиот и вториот столб се сметаат како една целина и заедно го формираат основниот пензиски приход.
Третиот столб претставува доброволно штедење. Во тек на работниот век, осигуреникот може дополнително да штеди во пензиски фонд како индивидуалец или компанијата да уплаќа дополнителен пензиски придонес во пензискиот фонд. Повторно, тие средства се лични, на индивидуална сметка и се оплодуваат. Средствата од третиот столб треба да обезбедат поголема финансиска слобода и сигурност во пензионерските денови, како дополнување на основниот пензиски приход.
Што покажуваат истражувањата?
„Алијанц“ (Allianz) во последното издание „Глобален пензиски извештај 2025“ анализира 71 пензиски систем низ целиот свет со помош на „Алијанц пензиски индекс“ (API) на компанијата. Индикаторот се состои од три столба: анализа на демографската и фискалната состојба и проценка на одржливоста (на пр. периоди на финансирање и придонеси) и соодветноста (на пр. покриеност и нивоа на пензии) на пензискиот систем. Вкупно се земаат предвид 40 параметри, со оценки помеѓу 1 (нема потреба од реформа) и 7 (итна потреба од реформа). Пондерираниот збир на сите параметри го одразува притисокот за реформа во соодветниот систем.
Непондерираниот вкупен резултат за сите анализирани пензиски системи е 3,7, што сигнализира континуиран висок притисок за реформа. Сепак, постојат значителни разлики меѓу земјите.
„Постои мала група земји, како што се Данска, Холандија и Шведска, кои со вкупен резултат далеку под 3 се справуваат релативно добро бидејќи навреме го поставија курсот за одржливост со прифаќање на капитално финансираните системи“, наведуваат од „Алијанц“.
Оттаму додаваат дека на прв поглед, може да изненади што Јапонија е исто така на оваа листа.
„Но, како ниедна друга земја, Јапонија постојано има поинаков пристап: подолго работење. Дури и денес, една третина од лицата на возраст од 65 до 70 години сè уште се вработени; во следните неколку години, се очекува ефективната возраст за пензионирање да се зголеми на 70 години“, укажуваат од „Алијанц“.
Во извештајот се констатрира дека далеку поголемата група ја сочинуваат земји со вкупен резултат под 4, каде што постои итна потреба од реформи за заштита на пензиските системи од ефектите на демографските промени.
„Оваа група вклучува многу земји во развој како што се Малезија, Колумбија и Нигерија. Нивниот проблем честопати не е дизајнот на пензискиот систем сам по себе, туку неговиот ограничен дофат: уделот на неформално вработените кои не се опфатени обично е над 50 проценти. Во овие земји, затоа, прво се потребни далекусежни реформи на пазарот на трудот за да се создаде основа за сеопфатен пензиски систем“, велат од „Алијанц“.
Од меѓународната финансиска институција преупредуваат дека без реформи, пензискиот систем во овие земји ќе стане уште еден фактор што ја зголемува нееднаквоста.
„Конечно, третата група пензиски системи вклучува многу европски земји како што се Германија, Франција и Италија, чии пензиски системи досега презедоа само несигурни чекори кон финансирање – доминира системот „плаќај според потрошувачката“ (pay-as-you-go) и притисокот за реформи е соодветно висок со оглед на брзото стареење на општествата“, посочуваат од „Алијанц“.
Всушност, според анализата на „Алијанц“, најдобро рангираните пензиски системи на глобално ниво се повеќестолбни, односно вклучуваат капитално финансирани компоненти (кај нас присутни преку вториот и третиот столб, односно задолжителните и доброволните пензиски фондови).
Што велат експертите?
Весна Стојановска, претседателка на Управниот одбор на „КБ Прво пензиско друштво“ вели дека пензиските реформи во Македонија, кои започнаа во 2006 година, имаа за цел создавање стабилен, одржлив и правичен пензиски систем.
„Соочени со демографските промени, продолжувањето на животниот век и намалувањето на бројот на работоспособното население, државата беше принудена да воведе реформи што ќе обезбедат долгорочна одржливост на фондот на ПИОМ и сигурна и редовна исплата на пензиите“, вели Стојановска.
Весна Стојановска
Таа објаснува дека основната цел на реформите не е само намалување на финансискиот товар врз државниот буџет, туку и воспоставување пензиски систем кој ќе биде отпорен на економските и демографските предизвици.
„Со нив се создаваат услови за поголема финансиска одржливост, се поттикнува формалното вработување, се зајакнува довербата во пензискиот систем“, наведува Стојановска.
Според неа, двостолбниот пензиски систем претставува значаен сегмент на овие реформи. Тој овозможува идните пензии да се финансираат од два извори – задолжителното државно пензиско осигурување и средствата акумулирани на индивидуалните сметки во задолжителните приватни пензиски фондови.
„На овој начин се воспоставува рамнотежа помеѓу принципот на меѓугенерациска солидарност и индивидуалното капитално штедење, со што се диверзифицираат изворите на приходи во пензија и се зајакнува долгорочната стабилност на пензискиот систем“, вели Стојановска.
Воедно, додава таа, со постепеното пензионирање на осигурениците кои се членови на двостолбниот систем, се очекува постепено намалување на финансискиот товар врз Фондот на пензиското и инвалидското осигурување (ФПИОМ).
„Овој ефект ќе стане поизразен по 2032 година, кога поголем број осигуреници ќе започнат да остваруваат дел од својата пензија од задолжителните приватни пензиски фондови. На тој начин се создаваат предуслови за подобрување на финансиската одржливост и стабилизација на Фондот на ПИОМ“, вели Стојановска.
Можност за сигурност и засилен економски развој
Стојановска посочува дека средствата на осигурениците во задолжителните пензиски фондови се законски одвоени од средствата на пензиските друштва и се инвестираат во диверзифицирано портфолио составено претежно од висококвалитетни хартии од вредност, во согласност со законските ограничувања и принципите на претпазливо инвестирање. Ваквиот пристап обезбедува умерено ниво на ризик и стабилни долгорочни приноси.
„Во постојните економски услови и во рамките на важечката законска и инвестициска рамка, приносите на задолжителните пензиски фондови се споредливи со приносите што ги остваруваат пензиските фондови во повеќе европски земји. За периодот од 2006 до крајот на 2025 година, трите задолжителни пензиски фондови – ‚КБ Прво‘, ‚Сава пензиско‘ и ‚Триглав пензиско‘ – остварија вкупна добивка од околу 1,03 милијарди евра, која е распределена на индивидуалните сметки на нивните членови“, информира Стојановска.
Таа укажува дека покрај обезбедувањето сигурни пензиски приходи, современите пензиски системи имаат и значајна развојна функција.
„Средствата акумулирани во пензиските фондови претставуваат значителен извор на долгорочен капитал кој, може да придонесе за развој на домашниот пазар на капитал, финансирање на инфраструктурни и развојни проекти, поддршка на економскиот раст и отворање нови работни места. Оттука, едно од клучните прашања во развојот на пензискиот систем е како средствата на пензиските фондови да се стават во функција на економскиот развој, при што ќе се зачува нивната основна цел – обезбедување сигурни и стабилни пензии за идните пензионери“, вели Стојановска.