text size
Во македонската јавност во изминатиов период активно се води дебата околу стабилноста на пензискиот систем во земјата, главно поради тоа што од година во година се повеќе се зголемуваат трансферите од државниот буџет до Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ФПИОМ) без кои не би била можна редовна исплата на пензиите на осигурениците кои го оствариле правото на пензија. Во оваа дебата често се полемизира околу оправданоста на пензиската реформа со која пред две децении беше воведено капитално финансираното пензиско осигурување односно повеќестолебн систем во кој функционираат првиот столб (државниот ФПИОМ), задолжителниот втор столб (приватни пензиски фондови) и доброволниот трет столб(приватни пензиски фондови).
И покрај тоа што поминаа две децении од реформата во јавноста се уште се шират шпекулации и постојат нејасностии околу причините за оваа реформа, начинот на кој се распределуваат придонесите на осигурениците, како тие се оплодуваат од страна на приватните фондови и каква би била висината на пензиите на идните пензионери доколку постоеше само ФПИОМ односно дали приватните фондови ја оправдуваат нивната улога.
Со цел да придонесе кон оваа дебата, „Блумберг Адрија“ направи анализа на актуелната состојба и побара мислење од економски експерти за суштинските прашања околу пензискиот систем во Македонија. Главен заклучок е дека реформата на пензискиот систем е повеќе од оправдана бидејќи нашата земја се соочува со низа предизвици, а истовремено приватните пензиски фондови веќе покажаа дека на долг рок се способни да остваруваат приноси кои во иднина би обезбедиле повисоки пензии за осигурениците односно би биле дополнување на пензиите од ФПИОМ.
Прочитај повеќе
Државата ќе го спасува ПИОМ со парите од Агенцијата за вработување
Сегашната стапка која се издвојува за ПИОМ изнесува 18,8 отсто, со измените во Законот таа ќе стигне до 19,9 отсто. Издвојувањето пак за осигурување во случај на невработеност од сегашните 1,2 отсто ќе се сведе на само 0,1 отсто.
26.06.2026
Каде во светот најдобро се вртат парите на пензионерите - Македонија некаде на средината
Капитално финансираните пензиски системи во светот уриваат рекорди според достигнатата вредност.
27.11.2025
Како до повисок раст во земјава: Структурни реформи наместо буџетска експанзија
Социјалните трансфери се фиксен трошок, кој јаде половина од вкупните расходи.
02.10.2025
Три предизвици за пензискиот систем
Марјан Петрески, професор на Универзитетот Американ Колеџ Скопје, соосновач на Институтот за економски истражувања и политики Фајненс Тинк и неизвршен член на Советот на Народната банка вели дека македонскиот пензиски систем се соочува со три структурни предизвици.
„Првиот е демографскиот – населението старее, наталитетот е низок, а бројот на лица во работна возраст расте побавно од бројот на пензионери. Вториот е состојбата на пазарот на труд, каде што иселувањето и неформалната економија – особено зачестеноста на т.н. плата во плик – ја намалуваат основата од која се плаќаат придонеси. Третиот е фискалниот предизвик – Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ФПИОМ) веќе подолг период не може сам да ги финансира пензиите и значителен дел од средствата доаѓаат од државниот буџет. Тоа значи дека одржливоста на системот е сè повеќе поврзана со состојбата на јавните финансии“, наведува Петрески.
Марјан Петрески
Во однос на прашањето за функционалноста на тростолбниот пензиски систем, Петрески смета дека воведувањето на тростолбниот пензиски систем беше правилна и далекувида реформа.
„Основната негова предност е што ги диверзифицира изворите на пензиски приходи и ризиците. Првиот столб обезбедува меѓугенерациска солидарност и социјална сигурност, вториот овозможува капитализација на индивидуалните придонеси и намалување на демографскиот ризик, додека третиот создава можност за доброволно дополнително штедење. На долг рок, ваквата комбинација е поотпорна од систем што се потпира исклучиво на тековните придонеси на вработените“, вели Петрески.
Тој укажува дека преминот кон повеќестолбен систем носи транзициски трошоци, бидејќи дел од придонесите се пренасочуваат во вториот столб.
„Но, тие трошоци се очекуван и составен дел од реформата и не треба автоматски да се толкуваат како доказ дека вториот столб е неодржлив. Дополнително, тезата дека транзициските трошоци го прават дефицитот во ФПИОМ е просто неточна, тие придонесуваат со 20-30 проценти, а остатокот беше генериран со политичките одлуки за ад-хок зголемување на пензиите над износот на законското усогласување, што го правеа сите влади во последниве 20 години“, посочува Петрески.
Петрески констатира дека во јавноста, па и од страна на релевантни чинители, сè почесто се изнесува оценката дека првите генерации кои ќе се пензионираат според тростолбниот систем ќе добиваат значително пониски пензии.
„Тоа е легитимна хипотеза што заслужува внимание, но не и заклучок што може да се прифати без сериозна емпириска потврда. За да се оцени успешноста на вториот столб, потребна е сеопфатна актуарска анализа која ќе ги земе предвид висината и континуитетот на уплатите, остварените приноси на пензиските фондови, очекуваниот животен век, транзициските трошоци, како и вкупната пензија што осигуреникот ќе ја добива од првиот и вториот столб заедно“, наведува Петрески.
Според него, не треба да се заборави дека вториот столб никогаш не бил замислен да ја замени пензијата од првиот столб, туку да ја надополни, а оценката за неговата успешност треба да се прави врз основа на вкупната пензија што ќе ја остварува осигуреникот, а не врз основа на износот од еден столб изолиран од останатите.
Како се дели придонесот за пензиско и инвалидско осигурување?
Заклучно со 30.06.2026, придонесот за пензиско и инвалидско осигурување изнесуваше 18,8 проценти од бруто-платата на вработеното лице. Од нив 12,8 проценти останува во ФПИОМ за финансирање на трошоците на ФПИОМ, а 6 проценти, или нешто помалку од една третина од вкупниот придонес, доаѓаа на личната сметка на членот во приватните пензиски фондови.
Од 01.07.2026 во примена е нова, зголемена стапка на пензиски придонес, која изнесува 19,9 проценти. Од тој процент 6 проценти ќе се префрла на индивидуална сметка на членот. Значи, нема зголемување на процентот за задолжително пензиско осигурување.
Откако ќе се платат придонесите, вкупниот износ на придонес за пензиско и инвалидско осигурување се уплаќа во фондот на ФПИОМ. Потоа, ФПИОМ има обврска во рок од пет работни дена да ги префрли парите на лична сметка на осигуреникот во приватниот пензиски фонд. Понатаму, пензиските друштва ги инвестираат средствата.
Каде пензиските друштва ги инвестираат парите на осигурениците?
Портфолијата на задолжителните пензиски фондови се балансирани, во согласност со законската рамка и регулатива, која ги определува дозволените лимити за инвестирање во поединечни класи на инструменти. Триесет проценти од средствата се инвестирани во висококвалитетни акции и ЕТФ-ови(фондови со кои се тргува на берза) во странство. Околу 2,5 проценти во акции на македонски компаниии, македонски инвестициски фондови и депозити во банки. Околу 65 проценти во обврзници, најголем дел во домашни државни обврзници, а околу 2,5 проценти во странски обврзници.
Изложеноста во инструменти со варијабилен приход (акции, ЕТФ-ови) е на максималната дозволена граница. Друштвата повеќе години наназад иницираа зголемување на дозволениот проценти за инвестирање во акции и ЕТФ во странство. Воведувањето на мулти фондовите што се актуализираше во почетокот на годината исто така беше уште еден обид како да се постигнат поголеми приноси за членовите преку креирање на три портфолија со различна инвестициска стратегија во зависност од возраста. Преку поголема изложеност во акции се остварува и повисок принос, а како искуство може да се спомене Хрватска, којашто во 2014 година воведе мултифондови и ги оствари проекциите за повисоки приноси.
Од што ќе зависи висината на пензијата на осигуреник кој е член во првиот и вториот столб?
Висината на пензијата за член од првиот столб зависи од должината на пензискиот стаж и висината на платата во текот на целиот работен век. Подолг пензиски стаж и повисоки примања во текот на пензискиот стаж, значи и повисока пензија.
Пензијата од вториот столб зависи од должината на пензискиот стаж и висината на пензискиот придонес, која зависи од платата, приносите и даночниот третман. Подолг пензиски стаж, повисоки придонеси во приватните фондови и повисоки приноси значи поголема пензија.
Од друга страна, на пензијата од вториот столб се плаќа персонален данок на доход во износ од 10 проценти и тоа значително ја намалува пензијата од вториот столб, за разлика од исплатата на пензија од прв столб, за која не се плаќа перонален данок. Една пензија од два извори, нема исти третман во поглед на персоналниот данок.
Со остварување на правото на пензионирање, пензионерот почнува да добива пензија од ФПИОМ и од приватните пензиски друштва. Од средствата на лична сметка на пензионерот, по строго дефинирани формули, се пресметува износот на програмираното повлекување и се исплаќа на месечно ниво.
Колкав е просечниот годишен принос што го оствариле задолжителните пензиски фондови?
Двата задолжителни фонда („КБ Прво“ и „Сава“) кои се од почетокот на реформата, заклучно со 30.06.2026 година оствариле просечен годишен принос од над 5,6 проценти, додека за последните 12 месеци сите три задолжителни фондови кои се на пазарот оствариле принос од над 10 проценти. Како за илустрација за период од 2015 до 2025 година просечните каматни стапки на депозитите биле 1,5 проценти додека приносите на фондовите над 5,7 проценти односно повисок за повеќе од 4,2 п.п.
Кога станува збор за анализа на висината на пензија на осигуреник којшто е член само на првиот столб во однос на осигуреник кој е член на првиот и вториот столб, пресметката може да се направи само преку заменски стапки. Заменската стапка значи процент од просечната плата што ја примал осигуреникот во текот на целиот работен век, сведена на сегашна вредност. Вака пресметана пензија за еден осигуреник на едностолбен систем со стаж од 34 години, маж, ќе има заменска стапка од 53 проценти. Доколку е член на задолжителниот пензиски фонд, вкупната пензија изразена преку заменска стапка со просечен принос од 5 проценти, ќе изнесува 59 проценти. За жени, со стаж од 35 години, заменските стапки ќе изнесуваат 49 проценти од едностолбниот пензиски систем или 63 проценти ако е член на двостолбен пензиски систем.
Клучни фактори за висината на пензијата
Весна Стојановска, претседателка на управниот одбор на „КБ Прво пензиско друштво“ вели дека разбирањето на факторите кои ја определуваат висината и одржливоста на пензијата е клучно за анализа на секој пензиски систем и неговата долгорочна стабилност. Таа посочува дека пензијата не зависи од еден изолиран елемент, туку од комбинација на повеќе меѓусебно поврзани фактори кои заедно го формираат конечниот исход за секој осигуреник.
„Во таа насока, должината на осигурувањето, висината на платата и пензиските придонеси низ работниот век на осигуреникот, даночниот третман и остварените приноси претставуваат четири основни фактори кои директно влијаат врз акумулацијата на средства и висината на пензијата по пензионирањето. Овие фактори имаат и значајна индивидуална димензија, бидејќи директно ја определуваат идната пензија на секој осигуреник“, наведува Стојановска.
Весна Стојановска
Таа укажува дека во минатото беа донесени ад-хок мерки кои имаат негативно влијание на пензиите од задолжителниот фонд.
„Намалениот придонес кој се уплатува на лични сметки беше намален од 7,42 проценти на 6 проценти. Понатаму, при понатамошните зголемувања на вкупната стапка на придонесот не се одржа пропорционалната распределба помегу првиот и вториот столб која беше дефинирана на почетокот на реформата. Дополнително, нееднаквиот даночен третман помеѓу пензијата од првиот и вториот столб има негативно влијание на исплатите од приватните пензиски фондови“, вели Стојановска.
Според неа, мерката за ослободување од придонеси негативно влијае на акумулацијата на средствата во приватните пензиски фондови.
Во минато, беа донесени мерки со кои за одреден период работодавачите беа ослободени од плаќање придонеси за одредени категории вработени. Тоа значи дека за членовите за кои важеше оваа мерка, за периодот кога важи мерката, немаше уплати во приватните пензиски фондови. Тоа диреткно влијае врз акумулацијата на средства од една страна и изгубениот принос на тие средства од друга страна.
Но и покрај тоа, додава таа, компаративните анализи што ги има направено „КБ Прво пензиско друштво“, покажуваат дека пензијата изразена преку заменска стапка за еден осигуреник кој целиот работен век го поминал во двостолбниот пензиски систем ќе биде поголема од заменската стапка на осигуреник во едностолбниот пензиски систем.
„Секоја успешна пензиска реформа бара конзистентност, континуитет и дисциплина во креирањето и спроведувањето на политиките, бидејќи честите и непланирани интервенции ја намалуваат довербата во системот и неговата долгорочна ефикасност“, вели Стојановска.
Ако зборуваме за тоа како до поголеми пензии од вториот столб, треба да се разгледаат прашањата за:
-
Враќање на процентот на распределба во вториот столб при воведување на реформата, односно 35 проценти од придонесот на ПИО да се уплатуваат на личните сметки на членовите.
-
Воведување на концептот на мулти фондови, преку добро поставени и дефинирани старосни граници за различни портфолија и добро поставени лимити за инвестирање на секој од фондовите.
Какво влијание имаат политичките ад-хок одлуки за зголемување на пензиите врз одржливоста на ФПИОМ?
Според Петрески, ад-хок зголемувањата можат краткорочно да го подобрат животниот стандард на пензионерите, особено во услови на висока инфлација, но ако не се поткрепени со раст на приходите на ФПИОМ, тие го продлабочуваат дефицитот на Фондот.
„Разликата мора да се покрие од државниот буџет, што значи повисоки јавни расходи, поголемо задолжување или помалку средства за други јавни политики“, вели Петрески.
Тој додава дека затоа е важно пензиите да растат според однапред утврдена формула, која ги зема предвид инфлацијата и растот на платите. Петрески укажува дека кога правилата се заменуваат со дискрециски политички одлуки, се нарушува предвидливоста на системот и се создаваат ризици за неговата долгорочна финансиска стабилност.
„Тврдам дека ако ги немаше политички-мотивираните адхок зголемувања на пензиите во последниве 20 години, односно ако наместо ад-хок се одеше со предвидените законски зголемувања, сега немаше пензискиот систем, односно прашањата како старосната граница за пензионирање, значењето на вториот столб и сл. да бидат жестоки прашања во јавната дебата“, вели Петрески.
Какви економски реформи се потребни за да се обезбеди стабилност на пензискиот систем?
Професорот Петрески вели дека најважната реформа не е во самиот пензиски систем, туку во економијата.
„Потребен е исклучив фокус кон политики што создадат повеќе формални и подобро платени работни места, бидејќи токму придонесите од вработените се основниот извор на приходи за ФПИОМ. Истовремено, треба да се намали неформалната економија, особено да се формализира делот од платата кај полуформални работни места, т.н. плата во плико, да се поттикне но не и да се наметне подолго останување на пазарот на труд и да се задржат младите во земјата“, вели Петрески.
Во самиот пензиски систем, додава тој, клучно и најитно е да се зачува стабилна и предвидлива формула за усогласување на пензиите, да се избегнуваат политички интервенции.
„На среден рок, неопходен ни е општествен договор за санација на состојбата во ФПИОМ преку распоредување на товарот од реформата врз сите засегнати страни, и тековните вработени, и тековните пензионери, како и да се продолжи со развојот на вториот и третиот столб. На долг рок, одржлив пензиски систем не може да постои без повисока продуктивност, повисоки плати и повисока стапка на вработеност. Тоа се вистинските предуслови за финансиски стабилен пензиски систем“, заклучува Петрески.