Глобалниот долг остана стабилен на ниво од 235 отсто од светскиот БДП, покажуваат најновите податоци на ММФ, но сепак се наоѓа на историски високи нивоа. Додека приватниот сектор ја намалува задолженоста, владите ширум светот продолжуваат да го зголемуваат јавниот долг, што го отвора прашањето за одржливоста на јавните финансии во наредниот период.
Долгот на САД кои сега се во буџетска блокада, според најновите податоци на ММФ се зголемил од 119 на 121 отсто од БДП. Трамп откако се всели во Белата куќа се обидува да најде начини за намалување на трошоците, преку отпуштања и кратење на голем број програми. И токму кратењето на финансирањата во областа на здравството, доведе до блокада на Владата на САД што според процените може да остави без работа околу 750.000 работници.
Буџетски проблеми има и Франција каде поради кризата со јавниот долг се сменија дури пет премиери во рок од две години. Последниот премиер „падна“ поради плановите за остро намалување на дефицитот. А и новиот премиер е под притисок. Од него се бара да ги зголеми даноците за богатите како дел од напорите за намалување на најголемиот буџетски дефицит во еврозоната. Франција се наоѓа во финансиска криза затоа што јавната администрација, локалните власти и системот за социјално осигурување трошат повеќе отколку што заработуваат.
Прочитај повеќе

Алатките на ЕЦБ не можат да ги решат фискалните проблеми на Европа, вели Слајпен
Европските политичари не треба да се потпираат на инструментите за итни случаи на Европската централна банка за решавање на нивните фискални проблеми, според членот на Управниот совет, Олаф Слајпен.
28.09.2025

Иднината на Франција е на коцка поради високиот јавен долг
Париз има трет највисок јавен долг во Европската Унија, веднаш по Атина и Рим, што би можело да знаци недоверба за актуелниот француски премиер — особено во земја која веќе има највисоко даночно оптоварување во Европа.
06.09.2025

На ПИОМ ќе му требаат над 211 милиони евра повеќе пари во 2026 година
Поголемиот буџет е потребен за новите зголемувања на пензиите.
02.09.2025

Долг од 60 отсто од БДП - невозможна мисија? Глобалните ризици ни го отежнуваат патот
Новата еврообврзница ќе биде скапа.
19.08.2025

Владата планира задолжување од над милијарда евра кај домашните банки и на меѓународниот пазар
Можноста за ново задолжување се разгледува во период кога јавниот долг на земјата надмина 9,71 милијарди евра.
11.08.2025
Германија е зафатена со бран откази. Од почетокот на минатата година досега големите корпорации кои се мотор на најголемата европска економија најавија околу 150.000 отпуштања. Владата на канцеларот Мерц се обидува да поттикне закрепнување на земјата преку договорот за трошење стотици милијарди евра за инфраструктура и одбранбени инвестиции. Сепак, експертите стравуваат дека овие позајмени пари ќе се користат за „покривање дупки во буџетот“, а без суштински реформи растот нема да биде долгорочен.
Колку простор за маневар има во Македонија?
Иако земјава е на пат кон фискална консолидација, преку враќање на буџетскиот дефицит кон законските три отсто, структурата на јавните расходи е проблем и во земјава. Околу половина од вкупните расходи одат за таканаречените социјални трансфери кај кои нема голем простор за маневар, односно се фиксни трошоци.
Според фискалната стратегија за периодот од 2026 до 2030 година, тие продолжуваат да растат и за пет години ќе надминат 3,8 милијарди евра.
Следната година, според истата стратегија, расходите се планирани на ниво од 413.995 милиони денари или над 6,7 милијарди евра. Од тие пари, близу 3,2 милијарди евра ќе одат за социјални трансфери.
Најголемата ставка во таканаречените социјални трансфери се плаќањата кон Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Според ребалансот на буџетот за 2025 година, од вкупно 3,1 милијарди евра, дури 1,9 милијарда евра се трансфери кон ПИОМ.
За следната година на ПИОМ ќе му требаат над 210 милиони евра повеќе пари за да може да ја врши основата функција – исплата на пензии. Оттука, главната препорака е стоп за ад хок зголемување на пензиите.
„Дополнителни 200 милиони евра за ПИОМ во 2026 година укажуваат на растечки притисоци од демографските промени и последици од претходните ад хок зголемувања, кои веќе го продлабочија дефицитот на Фондот. Според препораките на ММФ, нема фискален простор за нови зголемувања надвор од законските рамки и се сугерира враќање на индексација според стапката на инфлацијата (2–3 отсто), за заштита на куповната моќ и одржливоста на системот. Главен приоритет треба да биде обезбедување на долгорочната стабилност на Фондот, преку јакнење на пензискиот систем и воведување нови извори на приходи, на пример државен удел во енергетските капацитети, со што дел од профитот би бил насочен кон пензискиот фонд“, вели во изјава за „Блумберг Адрија“ Кирил Миноски, поранешен министер за финансии.
Без структурни реформи нема висок раст, а следната година ќе биде потешка
Според владините проекции, растот годинава треба да изнесува 3,7 отсто. Иако е евидентно закрепнувањето на економијата, сепак податоците за првата половина од годината најавуваат дека владината проекција е оптимистичка.
Друг проблем е инфлацијата, која останува леплива и во август беше за 4,4 отсто повисока на годишно ниво. Според аналитичкиот тим на „Блумберг Адрија“, таа ќе остане повисока од економскиот раст до крајот на годината.
Токму тоа, според Миноски, е главниот ризик за економијата. Според него, потребни се структурни реформи за да се достигнат планираните бројки.
„За остварување на овие цели с потребни целосна дигитализација и редизајн на процесите во институциите од областа на јавните финансии. На расходната страна, приоритет е намалување на трошоците за администрацијата преку реформа за зголемување на ефикасноста, како и ограничување на непотребните трошења. Исто така, акцент треба да се стави на капиталните инвестиции, кои треба да се базираат на добро подготвени проекти. Неопходно е инфлацијата да се држи под контрола и да не ја надмине стапката на раст на БДП, бидејќи во спротивно постои ризик ефектите од проектираниот економски раст да се анулираат“, вели тој.
Во проекциите на Владата веќе оваа година просечната стапка на инфлација ќе биде пониска од реалниот раст на БДП, а во следната растот ќе стигне до 4 отсто, додека инфлацијата ќе се врати на целта од 2 отсто.
Двигател на растот треба да бидат инвестициите во инфраструктурата, кои се проектираат на ниво од над 5 отсто од БДП во 2026 година. Но, без потребните реформи на јавната администрација, без подобрување на управувањето со јавните финансии, без јакнење на капацитетите за апсорпција на средства и стимулирање на приватните инвестиции „ефектот од јавното трошење би останал претежно краткорочен“, вели Миноски.
Последниот извештај на ОЕЦД предупредува дека ефектот од царинските политики на Трамп сè уште не се почувствувал во целост и главниот удар се очекува следната година. Македонските бизнисмени исто така предупредуваат дека следната година ќе биде потешка за македонските компании затоа што зависат од нарачките од земјите од Европската Унија.
И Миноски вели дека овие предизвици може да влијаат негативно на македонскиот раст.
„Главни предизвици во остварувањето на оваа цел се можниот пад на приватната потрошувачка, забавувањето на економската активност во ЕУ (особено автомобилската индустрија) и доцнењето во реализацијата на капиталните проекти, што би го ограничило ефектот од јавните инвестиции“, вели тој.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...