Инфлацијата не попушта. Податоците за ноември што оваа недела ги објави државната статистика покажаа дека таа изнесувала 4 отсто. И нас не нè мачат само зголемените цени туку и смалените производи – шринкфлацијата е крива што со повеќе пари купуваме сè помалку.
Инаку, токму инфлацијата е една од причините што државата одлучи да ја ревидира фискалната стратегија до 2030 година. Освен инфлацијата, корекција има и на прогнозите за БДП и за долгот. Економијата нема да расте брзо колку што се очекуваше, а долгот ќе тежи повеќе во споредба со претходните проекции.
Прочитајте повеќе:
Грција е најпривлечна за странските пензионери: Како стои Македонија?
Нема поголема продуктивност без јасни цели и стратегии
Финансискиот менаџмент предизвик за малите бизниси: Побарајте совет наместо да гасите пожари
На глобалните пазари вчера акциите се доближуваа до историски рекорд благодарение на најавите за идните политики на Фед за каматните политики. Сепак, во Федералните резерви на САД се насетуваат лесни несогласувања, кои ќе треба да ги пегла наследникот на Пауел. Се отвора и прашањето дали евтините пари ќе му се удрат од глава на Трамп.
Она што не е под прашање е дека среброто влегува во „златната доба“, а побарувачката ќе експлодира следната година. Поскапува и бакарот, а главната дилема е дали ќе го има доволно.
Анализиравме кој плаќа данок на капитални добивки од странство во земјава, како изгледа длабокотехнолошката индустрија во регионот Адрија и што ќе носи профит следната година. Проверивме и кои се трите пораки за инвеститорите во регионалниот пазар на капитал.
Неделава студентите на Економскиот факултет во Скопје имаа ретка можност да слушнат како преку долгорочно инвестирање во акции и други финансиски инструменти може да обезбедат поголема финансиска стабилност. „Од џепарлак до портфолио“ е настан што го организираа „Блумберг Адрија“, Македонската берза и Економскиот факултет при УКИМ, а беше поддржан од „Шпаркасе банка“.
Прочитајте повеќе:
Никој веќе не се грижи за купот? Фудбалскиот бизнис ја јаде традицијата
САД ќе воведат задолжителни проверки на социјалните мрежи за некои патници
Битката за „Ворнер“ продолжува иако на крајот на минатата недела личеше на завршена работа. Сега во трка за гигантот влегува и зетот на Трамп, откако претседателот на САД предупреди дека договорот меѓу „Нетфликс“ и „Ворнер“ може да биде антимонополски проблем.
И покрај засилените дипломатски напори, мирот во Украина изгледа далеку. Зеленски изјави дека сè уште нема договор за Донбас, на состанок со европските лидери ги разгледуваше деталите за завршување на војната, а најави и референдум за територијалните прашања. Во меѓувреме Русија поднесе тужба против „Евроклир“ најавувајќи одмазда доколку ЕУ ги употреби руските замрзнати средства за финансирање на Украина.