text size
Повисоки долгови и обврски по повеќе основи го усложнуваат профилот на просечниот должник на „ЕОС Матрикс“. Според компанијата, ваквите промени ја зголемуваат потребата отплатата да се договара според финансиските можности на секој корисник.
Анализата на компанијата покажува дека просечниот долг достигнал 3.811 евра, што всушност е околу 50 отсто повеќе од претходно анализираниот период, а секој корисник во просек има по 1,6 задолжувања. Исѕтовремено, бројот на корисници со микрофинансиски производ пораснал за 25 отсто.
Според истражувањето што денеска беше презентирано од страна на ЕОС Матрикс, просечниот корисник, односно должник е маж на 48 години, но зад просечните вредности, како што беше нагласено има големи разлики. Повеќе од 58 отсто од корисниците имаат само едно задолжување, додека дел имаат по девет или десет долгови по основ на различни финансиски производи. Најголемата група корисници должи помалку од 2.000 евра.
Повеќе фактори за неплатените долгови
Катерина Бошевска, главна извршна директорка на „ЕОС Матрикс“ Македонија и ЕОС Косово појасни дека доцнењето со отплатата не значи дека граѓаните намерно ги избегнуваат обврските. Зад неплатените долгови, како што истакна, често постојат различни човечки фактори, како што е отказ од работното место, смрт на близок, задоцнета плата, намалени приходи или презадолженост.
Податоците за младите го покажуваат влијанието на вработувањето врз подмирувањето на обврските. Корисниците до 25 години во просек подоцна почнуваат да ги отплаќаат долговите, најчесто поради невработеност. Но откако ќе се вработат, за пократок период го исплаќаат задолжувањето во целост. Повозрасните корисници, пак, почесто отплаќаат делумно и во подолг период.
Bloomberg Adria
„Добиваме јасен сигнал дека потребата од професионална и индивидуализирана поддршка се зголемува. Истражувањето покажува дека се менува финансиското однесување на граѓаните, и особено сме горди што сите анкетирани корисници се изјасниле дека се задоволни од услугата што ја добиваат од EOS Матрикс. Ова е резултат на долгогодишното искуство и на нашата посветеност да се изгради доверба со секој корисник на нашите услуги. Како еден од водечките чинители на секундарниот финансиски пазар, компанијата има значајна улога во управувањето со побарувањата и поттикнување на ликвидноста во домашната економија“, вели Бошевска.
Должници од 18 до 89 години
Корисниците опфатени со анализата се на возраст од 18 до 89 години. Најмладиот има микрофинансиски производ, а највозрасниот трансакциска сметка. Според бројот на задолжувања, доминира возрасната група од 41 до 55 години.
Мажите сочинуваат околу две третини од корисниците. Жените, според компанијата, се поефикасни во навременото подмирување на обврските. Најголем дел од корисниците се во Скопје, по што следуваат Гостивар и Тетово Видот на задолжувањето се разликува според возраста. Кај повозрасните доминираат кредитите, додека кај помладите најчести се кредитните картички и микрофинансиските производи, (брзи кредити).
Речиси половина од корисниците извршиле уплата
Истражувањето на ЕОС Матрикс покажува дека околу 48 отсто од корисниците извршиле некаква уплата, делумна или целосна, а просечниот износ на уплата е околу 1.200 евра. Според статистиката на компанијата, речиси 30 отсто од корисниците чии побарувања ги презема целосно го затвораат долгот. Помалиот износ на задолжување, според „ЕОС Матрикс“, значи и поголема веројатност за побрза отплата.
Во анкета спроведена со корисници во период од 30 дена, сите испитаници изразиле задоволство од услугата и од добиената поддршка при изнаоѓањето решение за финансиските обврски. Околу 93 отсто се изјасниле дека добиле јасни и лесно разбирливи информации, додека седум отсто биле делумно задоволни од информациите.
Тренд на помладите генерации - избираат дигитална комуникација
Во последните две години, како што соопшти Бошевска, бележи раст на користењето на платформата MyEOS за онлајн плаќање и на бројот на отворени профили. Во првата година по нејзиното лансирање имало близу сто регистрирани корисници, а во наредните години бројот достигнал неколку стотици.
„Помладите се поотворени кон дигиталните канали, вклучувајќи е-пошта и апликации за пораки. Повозрасните почесто ја задржуваат директната комуникација со вработените и доаѓаат физички во канцелариите.
Одделната европска студија на групацијата, „EOS Banking AI Barometer“, пак покажува дека 46 отсто од потрошувачите забележуваат подобрена комуникација со банките благодарение на вештачката интелигенција. За чувствителни финансиски теми, 29 отсто попрво би разговарале со вештачка интелигенција отколку со човек.
Клиентите најмногу ја ценат технологијата поради полесниот пристап до информации и побрзата услуга. Околу 54 отсто ја сметаат за корисна при пребарување информации, а 51 отсто ги издвојуваат побрзата комуникација и постојаната достапност. Помала е довербата во нејзината способност да ги разбере барањата, да биде прецизна и да решава проблеми, односно позитивно се изјасниле само меѓу 35 и 36 отсто од испитаниците.
Очекувањата од банките се дека околу 61 отсто од испитаниците би поддржале предупредувања од вештачка интелигенција при ризик од пречекорување на сметката. Во случај на финансиски тешкотии, 54 отсто сакаат таа самата да понуди одложување на рата, а 51 отсто да предложи индивидуален план за отплата на неплатените обврски.