Централата ТЕ – ТО АД Скопје ќе продолжи со работа од ноември. Таа работеше до 01 октомври, а во моментов се прави ремонт. Според плановите, гас ќе се набавува на слободниот пазар.
Димитар Кочовски, генералниот директор на компанијата денеска за плановите ги информираше претседателот на Стопанска Комора, Бранко Азески, потпретседателот на Комората, Зоран Јовановски и извршниот директор, Антони Пешев.
Кочовски очекува државата да ја компензира штетата што била предизвикана на почетокот на оваа година.
„ТЕ-ТО АД Скопје во првиот квартал од годинава го помогна енергетскиот систем во државата со 37 милиони евра, кои компанијата ги претрпе како загуба (изгубена добивка), поради што драстично се намали ликвидноста за следниот период. Сега се надеваме дека државата барем делумно ќе ја компензира оваа штета со цел да ја обновиме ликвидноста за да може централата нормално да функционира“, истакна Кочовски.
Тој информираше и дека ТЕ-ТО минатата година покрила 20% од вкупната потрошувачка на струја во државата или 30% од домашното производство дошло од гасната централа.
Според претседателот на Комората, Азески, ТЕ ТО е решение за проблемот на стопанството.
„Денеска имавме разговори со менаџментот за да се договориме како заеднички да настапиме пред државата, за да можеме да изнајдеме решение за компаниите коишто, ако овој капацитет работи со полна сила, сигурно нема да имаат проблем со набавка на електрична енергија“, изјави Азески.
Центарала ТЕ-ТО е изградена во 2012 година, како приватна инвестиција. Основната дејност е когенеративно производство на електрична и топлинска енергија во таканаречен комбиниран циклус.