Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во февруари 2024 година изнесува 39.276 денари, информираат од Државниот завод за статистика (ДЗС). Ова е намалување во однос на претходниот месец, кога изнесуваше 39.542 денари. Во јануари просечната плата се намали од речиси 40 илјади денари (39.998 денари), колку што беше во декември 2023.
Според податоците, просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен во февруари 2024 година, во однос на февруари 2023 година, е зголемена за 16,8 проценти.
„Ваквото зголемување се должи пред сѐ на зголемувањето на просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен во секторите: јавна управа и одбрана; задолжително социјално осигурување (25,4 отсто), административни и помошни услужни дејности (22,8 отсто) и уметност, забава и рекреација (20,3 отсто)“, посочуваат од ДЗС.
Намалување на просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: транспорт и складирање (9,8 отсто), рударство и вадење камен (7,4 отсто) и земјоделство, шумарство и рибарство (5,1 отсто).
Просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен во февруари 2024 година изнесува 58.967 денари.