Годишната инфлација во март изнесуваше 2,7 отсто, објави денеска Државниот завод за статистика. Цените на мало во март споредено со март лани се зголемиле за 2,2 отсто.
На месечно ниво, статистичарите измерија инфлација од -1,3 отсто, а „намалувањето на инфлацијата во март 2025 година, во однос на февруари 2025 година, е резултат на намалувањето на трошоците на животот во следните групи: храна и безалкохолни пијалаци за 3.0 отсто, транспорт за 1.8 отсто, мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата за 0.6 отсто, алкохолни пијалаци, тутун и наркотици за 0.5 отсто и разновидни стоки и услуги за 0.3 отсто“, соопшти ДЗС.
Во март 2025 година, во однос на февруари 2025 година, зголемување на трошоците на животот е забележано кај домувањето, водата, електриката, облеката и обувките, рестораните и хотелите...
Според министерот за економија Бесар Дурмиши ваквите податоци се доказ дека мерките даваат резултати.
„Цените на основните прехранбени производи се стабилизираат и се намалуваат. На годишно ниво во март 2025 година споредено со март 2024 година инфлацијата мерена преку трошоците за живот изнесува 2,7 отсто. Континуирано работиме на мерки за подобрување на стандардот на граѓаните и стабилизација на цените“ напиша министерот Дурмиши на социјалните мрежи.
„Замрзнати беа цените на 8 групи основни прехранбени производи: млеко,леб, брашно (тип 400 и тип 500), јајца, масло за јадење, јогурт и кисело млеко. Целта на овие мерки заштита на стандардот на граѓаните, намалување на цените на основните прехранбени производи и стабилизација на инфлацијата“, напиша Дурмиши.
Текстот е ажуриран со изјавата на министерот за економија Бесар Дурмиши