Како што се разгорува конфликтот меѓу Израел и Иран, станува јасно дека потресите на Блискиот Исток посредно дефинитивно се чувствуваат и во Македонија. Најдобар показател за тоа е последната одлука на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) за зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати, што е предизвикано од растот на берзанските цени на горивата, којшто е резултат на неизвесноста околу снабдувањето што ја носат вооружените напади меѓу двете земји. Сега неизбежно се наметнуваат прашањата дали производителите и трговците во Македонија ќе го искористат овој тренд за да ги префрлат зголемените трошоци за горивата на грбот на потрошувачите односно дали ќе има ново зголемување на цените и следствено на тоа повторно забрзување на инфлацијата?
Флуктуација по првичниот раст на берзанските цени
РКЕ во понеделникот одлучи малопродажните цени на нафтените деривати во Македонија да се зголемат во просек за 1,63 проценти. Оттаму објаснија дека референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 4,088 проценти, кај дизелот за 5,626 проценти, кај екстра лесното масло за 5,127 проценти и кај мазутот зголемувањето е за 5,691 проценти. Исто така, додадоа дека курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,6205 проценти.
Прочитај повеќе

Како влијае израелско-иранската војна врз глобалната економија?
Иран во својот арсенал има и опција за затворање на Ормутскиот Теснец.
17.06.2025

Нафтата флуктуира додека трговците очекуваат ескалација на војната меѓу Израел и Иран
Пазарот останува фокусиран на Ормутскиот теснец и на секој знак дека Техеран може да се обиде да го наруши протокот на сурова нафта низ водниот пат.
17.06.2025

Нафтата расте: Конфликтот меѓу Израел и Иран ги разгорува грижите за снабдувањето
Брент скокна за дури 5,5 проценти на отворањето пред да ги намали добивките на околу 75 долари за барел, додека Вест Тексас Интермедијет беше близу 74 долари.
16.06.2025
„Малопродажните цени на бензините еуросупер БС-95, еуросупер БС-98 и на еуродизел(Д-Е V) сезголемуваат за 1,50 ден/лит. Малопродажната цена на екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалува за 1 ден/лит. Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 1,293 ден/кг“, соопшти РКЕ.
По промената, цената на еуросупер БС-95 изнесува 76 денари за литар, на еуросупер БС-98 е 78 денари за литар, на еуродизелот е 67,5 денари за литар, на екстра лесното масло е 67,5 денари за литар, а на мазутот е 39,779 ден/кг.
Depositphotos
Во однос на идното движење на берзанските цени на горивата, а соодветно на тоа и на малопродажните цени во Македонија многу работи ќе зависат од тоа како ќе се развиваат воените дејствија, колку ќе траат и дали ќе предизвикаат прекини во транспортот на нафта од Блискиот Исток. „Блумберг Адрија“ веќе пишуваше дека по забрзаниот раст вчера цената на нафтата флуктуираше додека трговците ги анализираа коментарите на претседателот Доналд Трамп за конфликтот меѓу Израел и Иран, при што пазарот беше во неизвесност поради потенцијални прекини во снабдувањето. Нафтата од типот Брент скокна за 2,2 проценти пред да се намали на близу 73 долари за барел, додека Вест Тексас Интермедиет (West Texas Intermediate) беше под 72 долари, откако фјучерсите затворија пониско во понеделникот поради знаците дека Иран бара деескалација. Двете страни, сепак, продолжија со нападите, кои започнаа во петокот со таргетирање на нуклеарни објекти во Иран.
Инфлацијата веќе забрза
Инфлацијата во земјава забрза уште пред да почнат новите вооружени пресметки на Блискиот Исток. Имено, според пресметките на Државниот завод за статистика (ДЗС) во мај инфлацијата изнесувала 3,3 проценти на годишно ниво. За споредба, инфлацијата во април изнесуваше 2,6 проценти.
Инфлацијата во мај е најизразена кај угостителските објекти, односно во рестораните и хотелите, каде што цените на годишно ниво поскапеле за 7,8 проценти. Храната и безалкохолните пијалоци поскапеле за 4,9 проценти. Од вкупно 12 ставки во кои се категоризирани трошоците на живот, цените поевтиниле само кај транспортот и тоа за седум проценти. Кога станува збор за индексите на цени на мало, во мај годинава во однос на истиот месец лани поскапување е регистрирано кај сите категории производи. Најмногу се покачиле цените на земјоделските производи, за 7,6 проценти, прехранбените производи поскапеле за 5,3 отсто, а индустриско-прехранбените производи за 4,5 проценти.
Инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во мај 2025 година во однос на април 2025 година изнесува 1,5 проценти, пишува во соопштението од ДЗС.
„Зголемувањето на инфлацијата во мај 2025 година, во однос на април 2025 година, е резултат на зголемувањето на трошоците на животот во следните групи: храна и безалкохолни пијалаци за 4,1 отсто, разновидни стоки и услуги за 1,5 отсто, алкохолни пијалаци, тутун и наркотици за 0,8 проценти, облека и обувки за 0,5 проценти, рекреација и култура за 0,4 отсто, мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата за 0,3 отсто, домување, вода, електрика, гас и други горива и здравје за 0,1 отсто“, информираа од Државниот завод за статистика.
Битно е да се забележи дека во мај престанаа да важат владините мерки за ограничување на маржите односно цените на основните производи.
Рекорден раст на платите
Еден од главните фактори кои влијае на инфлацијата е движењето на платите. „Блумберг Адрија“ веќе објави дека според последните податоци на ДЗС просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во Макердонија во март 2025 година изнесувала 44.763 денари, што е зголемување за 10,5 проценти во однос на истиот месец минатата година и нов рекорд на износот на просечната плата.
Од ДЗС информираа дека ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: образование за 15,8 проценти, рударство и вадење на камен (14,1 проценти) и административни и помошни услужни дејности (12,5 проценти).
Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: рударство и вадење на камен за 12,3 проценти, уметност, забава и рекреација за 6,8 проценти и преработувачка индустрија за 6,4 проценти.
Повеќе меѓународни институции веќе укажаа дека континуираниот раст на платите поттикнува инфлација и затоа препорачаа умерено зголемување на платите во администрацијата и на пензиите и зголемување на продуктивноста кај работната сила во стопанството.
Народната банка гледа потреба за претпазливост
Извршниот одбор на НБРМ минатата недела одлучи да не ја менува каматната стапка на благајничките записи и таа да остане на нивото од 5,35 проценти, а каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена на нивоата од 3,95 и 4 проценти, соодветно. Тоа беше втора седница на одборот на која се носи одлука за задржување на основната камата на исто ниво. Последното намалување на каматата на благајничките записи беше во февруари.
„На седницата беше оценето дека сегашната поставеност на монетарната политика е соодветна на економските услови, имајќи ги предвид и присутните ризици од надворешното и од домашното окружување. Со ваквата одлука се задржува внимателниот карактер на монетарната политика. Комбинацијата на досегашните мерки — тековните каматни стапки, промените кај задолжителната резерва и применетите макропрудентни мерки — е насочена кон јакнење на ценовната стабилност на среден рок и кон зачувување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото“, соопшти НБРМ.
Оттаму укажаа дека инфлациските остварувања и понатаму претставуваат важен сегмент што треба внимателно да се следи, како и дека забрзувањето на инфлацијата во мај на 3,3 проценти во најголем дел се должи на растот на цените на прехранбената компонента, што следува по завршувањето на важноста на мерките за ограничување на растот на цените.
„Од друга страна, порастот на базичната компонента на инфлацијата на годишна основа значително забави, додека трендот на намалување на цените на енергентите се задржа и во мај. Досегашните остварувања кај инфлацијата се малку над очекувањата, што покажува одредени продолжени ефекти и потреба од претпазливост“, велат од НБРМ.
Од Народната банка информираа дека најновите проекции за берзанските цени на примарните производи за следниот период се променети во надолна насока, но и покрај тоа неизвесноста од идната динамика на цените на примарните производи на берзите поради геополитичките тензии и климатските промени сè уште е високо изразена.
„Оттука, ризиците за идната динамика на инфлацијата и натаму постојат и се поврзани со продолжената неизвесност од променливото надворешно окружување, но и со домашни фактори коишто делуваат на побарувачката“, посочија од централната банка.
Ќе има ли сезонско намалување на цените на зеленчукот и овошјето?
Досегашните искуства покажуваат дека во пролетните месеци и на почетокот на летото сезонското овошје и зеленчукот имаат голем придонес кон растот на инфлацијата бидејќи нивните цени се енормно високи, но вообичаено како што се наближува есента тие опаѓаат. Доколку ваквите историски трендови се повторат и годинава, тогаш тоа би можело да придонесе кон стабилизирање односно намалување инфлацијата во претстојните месеци.
Depositphotos
Сепак, доколку производителите и трговците решат да заработат на евентуалниот бран поскапувања на горивата поради состојбата на Блискиот Исток, тогаш може да се очекува дека инфлацијата во Македонија ќе биде над посакуваната граница од два процента и во наредниот период.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...