Претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ) Кристин Лагард изјави дека ризиците за инфлацијата и економскиот раст во еврозоната станале помалку изразени.
„Мислам дека ризиците што ги имаме - нагоре кога станува збор за инфлацијата и надолу кога станува збор за економскиот раст - сега веројатно се значително поизбалансирани отколку пред неколку недели, поради она што се случува и што се одвива со голема брзина“, изјави таа во средата на годишниот собир на централните банки.
Лагард, која учествуваше на заеднички панел со претседателот на Федералните резерви (Фед) Кевин Ворш, гувернерот на Банката на Англија Ендру Бејли и гувернерот на Банката на Канада Тиф Маклем, зборуваше само три недели откако нејзината институција стана првата меѓу земјите од Г7 која ги зголеми каматните стапки по избувнувањето на војната меѓу Иран и Израел.
ЕЦБ тогаш ја образложи таа одлука со проценка дека шокот се шири низ економијата и дека не може да се дозволи инфлацијата да излезе од контрола.
Мировниот договор меѓу САД и Иран доведе до пад на цените на нафтата, со што беше отстранет главниот двигател на инфлацијата. Најновиот извештај за еврозоната, објавен во среда, покажа дека растот на цените се забавил повеќе од очекуваното.
„Ги преземаме сите соодветни чекори за да обезбедиме стабилност на цените“, рече Лагард. „Нема да дозволиме инфлацијата да излезе од контрола. Ќе ги преземеме сите неопходни мерки, а тоа веќе и го направивме.“