Обединетите Арапски Емирати формираа федерално тело за регулирање на индустријата за игри, потенцијално отворајќи го патот за легализација на коцкањето во заливската земја.
Новото тело се формира за да воведе „водечка регулаторна рамка во светот“ за националните лотарии и комерцијалните игри на среќа, објавија државните медиуми доцна во неделата. Овој потег доаѓа еден месец откако „Вин Рисортс“ (Wynn Resorts), која гради одморалиште за игри во ОАЕ вреден 3,9 милијарди долари, соопшти дека очекува да ја добие лиценцата „наскоро“.
Со регулаторниот одбор ќе претседава Џим Мурен, поранешен главен извршен директор на „МГМ Рисортс Интернешенел“ (MGM Resorts International). Кевин Мулали, кој има речиси тридецениско искуство во индустријата за игри, ќе биде главен извршен директор на новиот ентитет, кој ќе ги координира регулаторните активности и ќе управува со националното лиценцирање.
Претходно оваа година, високи владини претставници изјавија за „Блумберг“ дека нема непосредни планови да се дозволи коцкање, но оператори на казино, консултанти и адвокати запознаени со ова прашање велат дека имало рани разговори и се размислува за промена.
Дозволувањето на коцкањето би било голема промена за ОАЕ каде исламскиот или шеријатскиот закон е главната основа за законодавството. Оваа практика е забранета според исламот и е нелегална во земјата, каде што прекршителите можат да бидат казнети со парична казна или затвор во траење од две години, или и двете.
Во април, „Вин Рисортс“откри детали за планираното одморалиште на брегот на ОАЕ. Островот Вин Ал Марјан Бичфронт (Wynn Al Marjan Beachfront) ќе биде еден од најголемите имоти за игри во светот со 1.500 соби и вили, а се гради во Рас Ал Каима - емират на околу 45 минути од Дубаи.