Владите ширум светот реагираа со претпазливост откако Врховниот суд на САД ги поништи широките итни царини на претседателот Доналд Трамп, при што некои ја потврдија постојната соработка, а други зазедоа став на чекање за да ги проценат неговите следни чекори.
Јужна Кореја објави дека пресудата ја поништува „реципрочната“ царина од 15 отсто што моментално се применува на нејзините стоки, додавајќи дека ќе ги продолжи разговорите за имплементација на минатогодишниот трговски договор. Индонезија, која во четврток го финализираше својот договор со фиксирана царина од 19 отсто на американскиот извоз, објави дека ја следи одлуката на судот и последниот потег на Трамп да воведе глобална царина од 10 отсто според друг закон.
Иако главно ја нарушува домашната економска агенда на Трамп, судот удри по неговата редовна употреба на закани со увозни даноци за да ги дисциплинира сојузниците и противниците во геополитички прашања - од немири на Блискиот Исток и суверенитетот на Гренланд до купување руска нафта. Клучното прашање за неговата надворешна политика е дали ќе може да го задржи тој непосреден притисок со побавни и поограничени овластувања за царини.
Прочитај повеќе
Панета од ЕЦБ: Царините им наштетија повеќе на САД отколку на другите земји
Американската економија го носи најголемиот товар од царините воведени од претседателот Доналд Трамп, вели членот на Управниот совет на Европската централна банка, Фабио Панета.
пред 2 часа
Трамп црта нов трговски пат по блокадата од Врховниот суд
По поразот од судот, американскиот претседател има помало влијание
пред 4 часа
Што со парите кои САД веќе ги собраа од царините - Врховниот суд отвора нов проблем за Трамп
Повеќе од 1.500 компании поднесоа тужби во трговскиот суд во очекување на пресудата, според анализа на „Блумберг“.
пред 6 часа
Американската автомобилска индустрија ќе биде поштедена од новите царини на Трамп
Автомобилските производители од Детроит во петок навечер дознаа дека ќе бидат поштедени од царините што претседателот Доналд Трамп ги воведе откако Врховниот суд на САД ги поништи повеќето од неговите глобални давачки.
пред 7 часа
Кои се опциите на Трамп откако Врховниот суд пресуди дека неговите царини се нелегални?
Тој има најмалку пет резервни опции за наметнување тарифи на различни начини.
пред 18 часа
Трамп ќе воведе глобална царина од 10 проценти по одлуката на Врховниот суд
Претседателот изгледаше видливо фрустриран додека зборуваше за ограничувањата на неговата моќ, со оглед на пресудата.
пред 19 часа
Врховниот суд на САД ги поништи глобалните тарифи на Трамп
Судот му го нанесе најголемиот правен пораз на Трамп откако се врати во Белата куќа.
пред 22 часа
Пратениците во Европската унија, која се соочи со 15 отсто т.н. реципрочна давачка, ќе одржат итен состанок во понеделник за повторна проценка на трговскиот договор со САД.
Трговскиот комитет на Европскиот парламент требаше да гласа во вторник за напредување кон ратификација на договорот.
„Ќе ги разгледаме внимателно последиците и ќе се прилагодиме соодветно,“ изјави францускиот претседател Емануел Макрон на новинарите на земјоделскиот саем во Париз во саботата. „Ако тоа помогне да се смири ситуацијата, тогаш добро. Мислам дека треба да се фокусираме на смирување на работите на меѓународно ниво.“
Италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани, цитиран од агенцијата „Анса“, рече: „Секогаш е добра вест кога царините се укинуваат, но не мислам дека ќе има големи промени.“
Портпарол на британската влада, која доби најниска реципрочна стапка од 10 отсто, рече дека ќе работи со американската администрација за да го разбере влијанието на пресудата врз билатералните односи. Како дел од договорот со Трамп, Британија имаше преференцијални царини за челик, фармацевтски производи и автомобили што остануваат на сила.
„Од британска перспектива најдобрата опција - и онаа што веројатно ќе ја преземе владата - е да каже многу малку,“ рече Сем Лоу, специјалист за трговија во консултантската фирма „Флинт Глобал“ во Лондон. „Нашите главни интереси со САД - автомобилите и челикот - не се засегнати од пресудата.“
Олеснување за договорот за слободна трговија меѓу САД, Мексико и Канада
Двата најголеми трговски партнери на САД, Мексико и Канада, беа поштедени од новата стапка од 10 отсто, а Белата куќа појасни дека остава во сила изземање за многу стоки испорачани според договорот за слободна трговија меѓу САД и овие две земји (УСМКА). Сепак, тој договор е под ревизија оваа година и Вашингтон сигнализираше дека ќе има промени.
Марсело Ебрард, министер за економија на Мексико и главен преговарач за УСМКА, повика на „претпазливост“ и потсети дека повеќе од 85 отсто од извозот на Мексико во САД не е предмет на царини, додека челикот, алуминиумот и автомобилите се опфатени со други инструменти што не беа засегнати од пресудата.
Потпретседателот на Бразил, Жералдо Алкмин, рече дека преговорите со САД ќе продолжат, вклучително и за нетарифни прашања како дата-центри и стратешки минерали. Претседателот Луис Инасио Лула да Силва „секогаш ги брани дијалогот и преговорите. Тоа продолжува,“ рече Алкмин. Лула и Трамп треба да се сретнат во Вашингтон во март.
Во средината на долг празник за Нова година, Кина немаше непосредна реакција. На истиот ден кога судот ја донесе одлуката, Трамп најави планови да отпатува во Пекинг од 31 март до 2 април за средба со својот колега Шји Џјинпинг.
Двете најголеми економии во светот ќе се обидат да го задржат трговското примирје постигнато минатата година, кое се прошири надвор од царини и опфати контроли на извозот на стоки како ретки земјени елементи, авионски мотори и софтвер за дизајн на чипови. Само што овој пат, Трамп нема да има толку непосреден притисок во преговорите како што имаше минатата година.
Постапувајте претпазливо
Сепак, функционери од Белата куќа рекоа дека очекуваат земјите со веќе финализирани договори да ги почитуваат своите обврски додека новата царинска стратегија на администрацијата се спроведува во наредните недели. Стапката од 10 отсто треба да стапи во сила во вторник.
Малезија, која сè уште не го ратификувала својот трговски договор со САД, исто така објави дека чека поголема јасност за случувањата, додека Камбоџа најави дека ќе продолжи со ратификацијата на сопствениот договор со Вашингтон.
„Очекувам повеќето азиски партнери да постапат претпазливо, со постојните договори кои во голема мера ќе останат на сила додека двете страни ги разгледуваат импликациите во наредните недели,“ рече Даниел Критенбрик, партнер во „Азија груп“, кој служеше како помошник-државен секретар на САД за источноазиски и пацифички прашања.
Администрацијата сè уште има повеќе начини да создаде притисок во тековните трговски преговори.“
Во својата одлука со сооднос 6-3 донесена во петокот, Врховниот суд пресуди дека користењето на деценискиот федерален закон за итни овластувања од страна на Трамп за воведување т.н. реципрочни царини е незаконско. Минатиот април Трамп го повика Законот за меѓународни итни економски овластувања (IEEPA) за да воведе давачки на десетици трговски партнери на САД, во распон од 10 до 50 отсто.
Пркосот на Трамп
По пресудата, Трамп во петокот брзо се движеше за да ја зачува својата трговска агенда, најавувајќи планови да воведе глобална царина од 10 отсто на странски стоки. Новата основна давачка според Член 122 од Законот за трговија од 1974 година му дава на претседателот еднострано право да воведува царини, но оваа недокажана правна одредба поставува ограничување од 150 дена за тоа колку долго давачките можат да останат на сила.
Перспективата за повеќе казнени мерки ја поттикнува претпазливоста кај азиските земји, од кои многу се потпираат на американските потрошувачи за купување на нивните стоки. Новите прашања носат дополнителна комплексност за бизнисот и отвораат нови дилеми за веќе склучените договори, смета Дебора Елмс, раководителка на трговската политика во „Хинрич фондацијата“.
„Неизвесноста за трговските партнери всушност е поголема отколку што беше претходно,“ рече Елмс. „Таа неизвесност ќе ги држи будни многу странски влади овој викенд.“
Според проценка на „Блумберг економикс“, американската влада досега собрала околу 170 милијарди долари во царини воведени од Трамп користејќи го IEEPA.
Илјадници увозници се подготвуваат да започнат она што би можело да биде долга битка за да се обидат да ги повратат тие плаќања.
На прес-конференција во петокот, Трамп одговори пркосно на одлуката на судиите, укажувајќи дека секој процес на поврат ќе заглави во судовите со години и рече дека ќе ги користи своите други, правно посилни овластувања за царини со сличен или дури поголем ефект.
„Одиме напред, ќе можеме да собираме повеќе пари и повеќе нема да има сомнеж,“ рече тој во Белата куќа. „Бројките би можеле да бидат далеку поголеми од стотиците милијарди што веќе сме ги собрале.“