text size
Инвестициите во центри за податоци на глобално ниво од 100 милијарди долари во 2015 година се зголемија на 500 милијарди долари во 2024 година. Лани, Меѓународната агенција за енергија (IEA) прогнозираше дека годишните инвестиции, според нејзиното основно сценарио, ќе надминат 800 милијарди долари до 2030 година.
Во меѓувреме, прогнозите се сменија. Капиталните инвестиции на водечките провајдери на облачни услуги се зголемија за повеќе од 75 отсто, што поттикна поширока преоценка на идните потреби за инфраструктура, се наведува во обемниот извештај „Бумот во изградбата на центри за податоци: ризици и трендови кај осигурителните барања“ на „Алијанц“, една од најголемите осигурителни и финансиски групации во светот.
Неодамнешните проценки укажуваат дека годишните глобални инвестиции во центрите за податоци би можеле да надминат еден билион долари уште во 2027 година и да достигнат приближно 1,6 билиони долари до 2030 година, со што инфраструктурата за вештачка интелигенција станува еден од најголемите инвестициски циклуси во последните неколку децении.
Прочитај повеќе
ББА анализа: Како центрите за податоци станаа главен двигател на индустријата за климатизација
Индустријата за греење, вентилација и климатизација во последниве години е во процес на структурна трансформација.
14.07.2026
Европа мора да инвестира во ВИ со отворен код или да ѝ препушти сè на Кина
За да се натпреварува во глобалната трка за развој на помоќни модели и агенти со ВИ, Европа ќе треба да се справи и со високите цени на енергијата и да изгради повеќе центри за податоци.
20.01.2026
ВИ го менува светот - но инфраструктурата одлучува кој ќе победи
ВИ не е само прашање на софтвер, алгоритми и чипови - туку станува збор и за електрична енергија што не смее да прекине, мрежи што не смеат да откажат и системи што мора да се бранат 24/7.
06.01.2026
„ВИ инфраструктурата повеќе не се гради за да поддржи само еден технолошки тренд, туку за да ја постави основата на следната генерација на глобалната економија. Како што примената на вештачката интелигенција се проширува низ различни индустрии, а владите ги забрзуваат инвестициите во стратешки компјутерски капацитети, централното прашање сè помалку е дали побарувачката ќе продолжи да расте, а сè повеќе дали ќе може да се обезбеди доволна инфраструктура во потребниот обем“,вели Јао Лу, инвестициски стратег во „Алијанц рисрч“.
Големи потреби за струја и вода и недостиг на соодветни локации
Иако капитал има доволно, а побарувачката продолжува да расте, ширењето на ВИ-инфраструктурата се соочува со сè поголеми ограничувања поврзани со енергетиката, синџирите на снабдување, регулативата и физичките ризици. Заедно, овие фактори сè повеќе ќе одредуваат каде ќе продолжат инвестициите и со какво темпо новите капацитети ќе бидат ставени во функција.
„Долгорочната инвестициска перспектива останува многу привлечна. Побарувачката, капиталот и јавните политики укажуваат на продолжување на експанзијата. Клучното прашање повеќе не е дали ќе има инвестиции, туку каде тие ќе се концентрираат. Сè повеќе капиталот се насочува кон пазари кои можат ефикасно да поддржат големи ВИ-инфраструктурни проекти“, наведува Лу во извештајот.
Струја
Енергетската инфраструктура станува главната пречка за идната експанзија. Големите центри за податоци често можат да се изградат во рок од 18 до 24 месеци, но преносната инфраструктура, приклучоците кон електричната мрежа и дополнителните производствени капацитети за електрична енергија што се потребни за нивно функционирање честопати бараат повеќе години за да бидат развиени.
„Овој растечки јаз помеѓу изградбата на центрите за податоци и развојот на енергетската инфраструктура доведува до доцнење на проектите, одложување на приходите и продолжување на периодот потребен за поврат на инвестициите“, стои во извештајот.
Вода
Водата станува сè покритичен ресурс за ВИ-инфраструктурата. Се проценува дека центрите за податоци во САД ќе потрошат над 167 милијарди литри до 2030 година.
„Во регионите со недостиг на вода, потребите за ладење можат да ги ограничат операциите дури и без појава на екстремни временски настани, а истовремено привлекуваат поголемо внимание од регулаторите и отпор од локалните заедници“, наведуваат од „Алијанц“.
Отпор на локалното население
Актуелниот случај во Пехчево не е изолиран. Отпорот на локалните заедници на глобално ниво станува значаен ризик за реализација на проектите.
„Како што центрите за податоци стануваат поголеми и енергетски поинтензивни, локалното население сè повеќе изразува загриженост поради потрошувачката на електрична енергија, употребата на вода, зафаќањето земјиште и влијанието врз животната средина“, стои во извештајот.
Само во Соединетите Американски Држави, локалното противење во првиот квартал од 2026 година довело до одложување или блокирање на најмалку 75 проекти, со вкупна вредност од речиси 130 милијарди долари. Воедно, 71 отсто од Американците се изјасниле дека не поддржуваат изградба на центар за податоци во близина на нивната заедница. Њујорк неодамна воведе едногодишен мораториум за издавање дозволи за големи центри за податоци, Холандија во 2022 година привремено ги замрзна барањата за нови хиперскалерски објекти, а Ирска воведе построги услови според кои новите приклучоци на електроенергетската мрежа се условени со обезбедување дополнителни капацитети за производство на енергија од обновливи извори.
Климатски ризици
Физичките ризици поврзани со климатските промени се наметнуваат како еден од најзначајните, но често потценети долгорочни предизвици за секторот на центрите за податоци.
Според проценка од јуни 2026 година, која опфатила 97 пазари на центри за податоци ширум светот, 79 отсто од глобалниот капацитет се наоѓа во области со зголемена изложеност на акутни природни опасности, вклучувајќи поплави, тропски циклони и шумски пожари. Дополнително, 54 отсто од капацитетот е изложен на долгорочен топлотен и сушен стрес.
„Акутните природни опасности создаваат нестабилност преку физички оштетувања на инфраструктурата, прекини во работата и зголемени осигурителни трошоци. Од друга страна, хроничните проблеми како високите температури и недостигот на вода постепено ги зголемуваат оперативните трошоци поради поголемите потреби за ладење, намалената енергетска ефикасност и сè поголемиот притисок врз локалните водни ресурси“, наведуваат експертите од германски „Алијанц“.
„Овие проекти мора да бидат замислени, управувани и реализирани така што потенцијалните последици од секоја одлука да бидат познати уште од самиот почеток и соодветно да се предвидат во дизајнот“, вели Даниел Шредер, виш инженер за ризици во компанијата.
Пожар и природни катастрофи
Центрите за податоци лоцирани во оддалечени подрачја се наоѓаат подалеку од службите за итни интервенции, што може дополнително да ги зголеми потенцијалните штети од природни катастрофи.
Пожарите во центрите за податоци се релативно ретки, но можат да имаат сериозни последици. Ризиците дополнително се зголемуваат поради сè поголемиот обем и густина на опремата, користењето привремени извори на енергија и генератори поради ограничувањата на електричната мрежа, забрзаните рокови за изградба што можат да доведат до човечки грешки, како и поголемиот обем на постројки за производство на електрична енергија и инсталации на батерии, стои во извештајот.
Трката за обезбедување простор и зголемените потреби на центрите за податоци за енергија од обновливи извори ги поттикнуваат инвеститорите да градат во области со поголема изложеност на природни катастрофи, особено на торнада, поплави, шумски пожари и силни бури.
Речиси 80 отсто од глобалниот капацитет на центрите за податоци се наоѓа во подрачја со зголемена изложеност на акутни природни опасности, додека повеќе од половина, односно 54 отсто, се изложени на долгорочен топлотен и сушен стрес.
Кога станува збор за основното управување со ризици, локацијата на центарот за податоци е од клучно значење, вели Стефан Цинк, глобален раководител за осигурување на имот во секторите телекомуникации и центри за податоци во „Алијанц“.
„Тоа е особено важно за намалување на ризиците од природни катастрофи, како што е избегнувањето подрачја кои се склони кон поплави и обезбедувањето добар пристап до службите за итни интервенции“, вели тој.