text size
Во Килкени повторно паѓа силен дожд, но ќе биде потребно уште многу време за пасиштата на фармерот Денис Дренан на југоистокот на Ирска да се опорават од летните топлотни бранови.
„Токму интензитетот на жештината толку многу ја исуши почвата. Целосно е изгорена“, вели Дренан. „Како кога ќе се вратите од годишен одмор и ќе ги затекнете сите собни растенија мртви.“
Ирска го забележа најсувиот јули откако постојат мерењата, додека екстремните температури низ Европа и недостигот од дожд ги опустошија пасиштата и клучните крмни култури, како што е пченката. Обединетото Кралство го имаше најтоплото лето во историјата на мерењата, а Франција беше погодена од еден од најдолгите и најинтензивните топлотни бранови.
Европските земјоделци сега се соочуваат со недостиг од сточна храна, бидејќи изгорените полиња ги принудија уште во текот на летото да ги трошат резервите наменети за зимата. Тоа го наруши вообичаениот ритам на сточарството, во кој добитокот потоплите месеци ги поминува на пасење, додека земјоделците создаваат резерви од сено и силажа за зимата, кога свежа трева речиси и да нема.
Цените на сточната храна силно растат бидејќи залихите стануваат сè поскудни, поради што некои земјоделци размислуваат за намалување на стадата. Тешките услови истовремено го намалуваат производството на млеко, а последиците би можеле да се прелеат врз прехранбената индустрија и на крајот врз потрошувачите.
„Ме погодува троен удар. Хранењето на кравите ме чини цело богатство, кравите не даваат млеко колку што би требало, а моментално најмногу ме загрижува тоа што веќе ги трошам резервите на сточна храна наменети за зимата“, рече Дренан, кој е и претседател на Ирското здружение на добавувачи на млеко за млекарниците.
Поради недостигот од трева, Дренан мора да посегне по залихите на сточна храна неколку месеци порано отколку вообичаено. Поскапата силажа и концентрираната сточна храна повеќе од двојно ги зголемија неговите дневни трошоци за хранење, на 5,80 евра по крава.
Штетата се протега далеку надвор од пасиштата. Долготрајните горештини и сушата во Европа ги погодуваат и клучните култури за сточна храна, поради што Европската унија би можела да стане уште позависна од скапиот увоз.
Цените на пченката во Париз се зголемија на највисоко ниво во последните три години. Лошата жетва во Европската унија ја намалува домашната понуда, додека нарушувањата во црноморскиот регион дополнително ја зголемуваат загриженоста околу достапноста. Растот на цените создава нов притисок врз сточарите, за кои пченката е еден од клучните извори на сточна храна.
Намалувањето на залихите на пченка во ЕУ ги подигна цените на највисокото ниво во последните три години| Bloomberg
Ниту алтернативните извори на сточна храна не носат големо олеснување. Пченката за силажа, една од клучните крмни култури, особено тешко настрада, а Европската комисија проценува дека приносите ќе бидат 12 отсто пониски од петгодишниот просек. Така, за земјоделците остануваат уште помалку можности за надоместување на недостигот од сточна храна.
Поради тоа, европското здружение на производители на сточна храна (FEFAC), проценува дека на Европската унија годинава ќе ѝ бидат потребни дополнителни седум милиони тони увозна пченка за да ја задоволи побарувачката за сточна храна. Приносите на сојата би можеле да паднат уште повеќе, за 14 отсто, додека послабите приноси на крмните култури би можеле да ги зголемат трошоците за набавка на производи од соја за сточна храна во ЕУ за повеќе од една милијарда евра во 2027 година.
Сè поголемата потреба на Европа од увоз на сточна храна доаѓа во особено неповолен момент. Ескалацијата на тензиите меѓу Москва и Киев сериозно го наруши клучниот црноморски коридор за извоз на житарици, што се заканува дополнително да ја отежне набавката од Украина.
Културите клучни за производство на сточната храна ги чувствуваат ефектите од сушата | Bloomberg
Горештините не ги погодија само приносите на пченката, туку и луцерката и шеќерната репка, со што дополнително се стеснети можностите за исхрана на добитокот, рече Фабрис Кутурие, претседател на ФГ (FRSEA Grand Est), регионалниот огранок на најголемиот француски земјоделски синдикат.
„Во моментов најголемиот проблем е едноставно достапноста“, рече Кутурие, земјоделец од источна Франција. „Речиси и нема да има нуспроизводи, односно остатоци по преработката на растенијата, кои би можеле да се искористат како сточна храна.“
Екстремните горештини и сушата го погодија најголемиот дел од најголемите европски сточарски региони, од Франција и Германија до Шпанија и Ирска, па земјоделците не можат да го надоместат недостигот од сточна храна со набавки од други делови на Европа.
На Франција отпаѓа речиси една четвртина од вкупниот број на говеда во ЕУ, кој изнесува 71,6 милиони грла | Bloomberg
Во Франција, која има најголем број говеда во Европа, растот на тревата е намален за 50 отсто, рече Лудовик Блен, потпретседател на француската Национална федерација на производители на млеко. Недостигот од сточна храна веќе се одразува врз производството на млеко.
„На некои млечни фарми производството е намалено за околу 30 отсто“, рече Блен. „Ако немаме храна за животните, не можеме ниту да произведуваме млеко.“
Намалената понуда на млеко во Европската унија, дополнително погодена од топлото и сушно време, веќе создава притисок врз растот на цените на млечните производи на светскиот пазар, објави во петокот Организацијата на Обединетите нации за храна и земјоделство (FAO). Индексот на цените на млечните производи на ОН во август порасна за 2,3 отсто, првпат по четири месеци пад.
Ситуацијата би можела дополнително да се влоши ако земјоделците, поради силниот раст на цените на сточната храна, почнат да ги намалуваат млечните стада. Некои веќе се принудени на драстични потези.
„Луѓето веќе ги колат кравите пред зимата бидејќи знаат дека нема да можат да ги хранат“, рече Софи Грегори, фармерка која се занимава со производство на млеко во Дорсет, Англија. „Потрошивме многу пари за да обезбедиме доволно крма, но не знам дали ќе ја има доволно.“
Во Килкени, земјоделците се подготвуваат за тешки месеци бидејќи залихите на сточна храна се намалуваат.
„Никој нема вишок. Во тоа е проблемот“, рече Дренан, кој, како и другите ирски земјоделци, во претходните години можел да увезува сено или луцерка од Франција. „Но оваа година ја немаме таа можност. Затоа, оваа зима нè очекуваат сериозни проблеми.“