Глобалните емисии на стакленички гасови кои ја загреваат планетата треба да паднат за околу 10 проценти до 2035. година во однос на нивото од 1990. година, штo, според Обединетите нации, би бил првиот пад досега забележан во нивните проекции. Но светот сѐ уште е далеку од патот кој би го ограничил глобалното затоплување на 1,5 °C, цел која светските челници ја поставија пред десет години со потпишувањето на Парискиот договор.
„По прв пат човештвото успева јасно да го сврти трендот на раст на емисиите, но темпото се уште е премногу бавно“, изјави во вторникот Симон Стил, извршен секретар на Рамковна конвенција за климатски промени на ОН (UNFCCC). „Потребно ни е сериозно забрзување.“
Ефектите од емисиите веќе се видливи во секојдневниот живот и економиите. Суши, бури и топлотни бранови секоја година одземаат илјадници животи и предизвикуваат економски штети вредни милијарди долари. Затворањето на јазот помеѓу актуелните нивоа на емисии и она што научниците го сметаат за сигурни граници ќе биде еден од најголемите предизвици со кои ќе се соочат земјите на климатскиот самит COP30 следниот месец во Бразил.
Прочитај повеќе
Откритие наградено со Нобел може да ја реши глобалната криза за вода
Технологијата ја претвора влагата од воздухот во вода за пиење без потреба од струја...
16.10.2025
Многу корпоративни планови за климатска транзиција не се реални, покажуваат студиите
Студијата покажува дека само два отсто од компаниите направиле реални планови за пренасочување на капиталот од средства со висок удел на јаглерод.
17.09.2025
Науката повеќе не може да предвиди колку ќе биде силен следниот топлотен бран
Две третини од смртните случаи за време на најновиот топлотен бран во Европа се поврзани со климатската криза, покажува најновата анализа.
21.07.2025
Падот кој го предвидуваат ОН се темели на ветувањата на земјите кои сочинуваат околу 80 проценти од глобалните емисии. Но тоа е далеку под намалувањето од 60 проценти до 2035. година, што научниците го сметаат за неопходно за да се задржи глобалното затоплување до крајот на векот близу 1,5 Целзиусови степени и да се избегнат најтешките последици од климатските промени.
Во вторникот, UNFCCC објави и свој нов извештај за национално утврдени придонеси (NDC Synthesis Report), кој се темели на плановите на земјите познати како Национално утврдени придонеси или НДЦ (NDC). Парискиот договор предвидува дека земјите мора да ги достигнат овие планови на секои пет години, а новиот круг треба да биде доставен во 2025. година. Но до 30 септември тоа го направиле само 64 земји, кои заедно сочинуваат околу една третина од глобалните емисии, доволно за ОН да изработат извештај.
Темпото на намалување на емисиите, сè уште е премногу бавно
Bloomberg
Кина, најголемиот светски загадувач, постави цел за намалување на нето-емисиите на стакленички гасови за 7 до 10 проценти во следната декада, но тој план сѐ уште не е официјално доставен до ОН. Европската унија се обидува да постигне договор помеѓу своите 27 членки за заеднички план, што треба да го направат до 4 ноември, премногу доцна за овој извештај, но навреме за COP30. Индија засега не објавила кога ќе го достави својот НДЦ.
Меѓу земјите чии климатски планови се вклучени во анализата се Бразил, Обединетото Кралство и Норвешка. Во извештајот е вклучен и американскиот план поднесен во време на претседателот Џо Бајден, но малку е веројатно дека тој ќе се спроведе под актуелниот претседател Доналд Трамп.
Анализата на 64 национални планови покажува дека нивната имплементација би можела да доведе до намалување на емисиите за 17 проценти до 2035. година во однос на 2019. година. Ако сите планови навистина се остварат, емисиите на овие земји ќе достигнат врв пред 2030. година, потоа значително ќе паднат по 2035. година, а повеќето земји ќе постигнат климатска неутралност до 2050. година, што се клучни чекори во избегнувањето на опасно затоплување.
UNFCCC истакна дека по прв пат, повеќето климатски планови ги вклучуваат сите сектори на економијата и имаат повисоко ниво на квалитет и веродостојност. Покрај намалувањето на емисиите, познато како ублажување, плановите сега вклучуваат и прилагодување на климатските промени, финансирање, пренос на технологија, изградба на капацитети и решавање на економските загуби и штети кои ги предизвикуваат климатските промени.
За разлика од претходните изданија, овогодишниот извештај не содржи проценка колку би се зголемила температурата до крајот на векот, бидејќи примерокот на земји кои ги поднеле плановите е премал. ОН планира да го ажурира извештајот во наредните денови, а новото издание би можело да содржи и проценка на температурата. Минатата година, ОН процени дека температурите до 2100. година би можеле да пораснат помеѓу 2,1 и 2,8 Целзиусови степени во однос на прединдустриското време.
Токму минатата недела своите планови ги поднесоа Јужноафриканската Република, Малезија и Индонезија, а се очекува дека тоа ќе го направат и други земји пред и за време на самитот на челниците COP30 во бразилскиот Белем, на 6 и 7 ноември.
Како да се затвори јазот до целта од 1,5 °C ќе биде едно од главните прашања за успехот на самитот, но и едно од најспорните. Додека земјите кои ја поддржуваат амбициозната климатска политика, како што се оние во Европската унија, бараат посилни мерки за ублажување, други земји како Саудиска Арабија и Индија решително се противат на тоа.