Вести

Заработката на ‚Самсунг‘ навестува проблеми за техничката индустрија

Извор: Tim Culpan/Bloomberg

07. Јули 2022, 08:43

Цените на клучните производи слабеат

Производителите се подготвени да продаваат за помалку само за да се ослободат од залихите

Заработката на ‚Самсунг‘ навестува проблеми за техничката индустрија

Bloomberg

Samsung Electronics Co. („Самсунг“) денеска објави одредени податоци за заработката, доволно за да се запрашаме што ќе се случува во блиска иднина.  Приходите од вториот квартал и оперативниот профит на јужнокорејскиот технолошки Голијат најавуваат тешка втора половина од годината за светските производители на технолошки хардвер.

Продажбите малку ги намалуваат проценките, но тоа е најмногу поради тоа што аналитичарите ги намалуваат своите прогнози во текот на изминатите две недели во очекување на влошување на ситуацијата на пазарот за чипови, паметни телефони и другата електроника на „Самсунг“. Бројката веројатно беше засилена со падот на корејската валута (вон) од речиси 7 отсто во текот на тој период. Она што е од суштинско значење, е дека оперативниот профит пропушти со поголема маргина од приходот. „Самсунг“ обезбеди само прелиминарен опсег за податоците, а оваа анализа се заснова на тие информации. Целосното расчленување на броевите по категории ќе дојде подоцна овој месец.

Сепак, она што досега се знае, е дека цените на неговите клучни производи слабеат. Иако „Самсунг“ е најпознат по паметните телефони, а неодамна се најде на насловните страници бидејќи тврди дека е прв што произведува полупроводници на напредниот јазол од 3 нанометри (најава која во основа е маркетиншки трик), голем дел од неговите приходи и најголемиот дел од профитот доаѓаат од мемориските чипови, особено DRAM кои помагаат да се забрза работата на компјутерите и „флешот“ кој складира податоци.

Бидејќи овие компоненти, кои се користат во повеќето електронски уреди, се стоковен производ, секое забавување има тенденција да влијае и на пратките и на цените. Веќе има знаци дека производителите се подготвени да продаваат за помалку само за да се ослободат од залихите.

„Соочени со неизвесна побарувачка во втората половина на 2022, некои добавувачи на DRAM почнаа ефективно да изразуваат јасни намери да ги намалат цените“, напиша оваа недела истражувачката компанија TrendForce од Тајпеј. „Оваа ситуација ќе предизвика пад на цените на DRAM во третиот квартал од претходните 3 отсто на 8 отсто, на речиси 10 отсто квартал на квартал“.

Bloomberg
 

Забавувањето на стоковите производи има тенденција да создаде мултипликативен ефект. Пад на цените од 10 отсто заедно со пад на побарувачката од 10 отсто значи пад на приходите од 19 отсто (0,9 помножено со 0,9 е 0,81). Падот од 15 отсто и во двете е еднаков на 44 отстотен удар на продажбата. Ова значи дека дното може многу брзо да се продлабочи на пазарот за мемориски чипови.

Најавата на „Самсунг“ може да ги поттикне аналитичарите да ги намалат прогнозите за оперативниот профит на фирмата во 2022 година за 4 до 6 отсто, напиша аналитичарот на Bloomberg Intelligence, Масахиро Вакасуги по објавата. 

„Последователниот раст на профитот во третиот квартал можеби нема да биде толку силен како што се очекуваше, поради послабата побарувачка за компјутери и паметни телефони предизвикана од инфлацијата“, додава тој.

Американскиот ривал Micron Technology Inc („Микрон“) издаде рано предупредување минатата недела. Додека третиот по големина светски производител на DRAM објави приходи и оперативна добивка за кварталот завршен на 2 јуни, што во голема мера беше во согласност со проценките, неговата прогноза за следните три месеци е 20 отсто пониска од очекувањата. Сега на пазарите за компјутери и паметни телефони се гледа како на многу послаби отколку што се мислеше.

Тајванската Semiconductor Manufacturing Co., која не произведува многу мемориски чипови, но е главен играч за процесорите што ги поткрепуваат телефоните, компјутерите и серверите, исто така гледа знаци на забавување поради извештаите дека клучните клиенти побарале да ги намалат или одложат нарачките.

Пред едвај шест месеци, технолошкиот хардверски сектор изгледаше прилично имун на глобалното забавување бидејќи стриминг услугите и облак технологијата продолжија да ја поттикнуваат побарувачката за чипови и сервери, додека потрошувачите имаа волја и можност да ги купуваат најновите гаџети. Таа слика сега брзо исчезнува и инвеститорите треба да се подготват за уште тешки вести кои се на повидок.

Сите новости од рубриката Коментар

Коментар

сите новости од рубриката Коментар