Италијанскиот премиер, Марио Драги, му понуди оставка на претседателот на државата, во потег што ќе ги зголеми шансите за предвремени избори на почетокот на октомври.
Поранешниот шеф на Европската централна банка, му ја соопшти својата одлука на претседателот, Серџо Матарела, на состанок одржан утрово, се вели во соопштение од кабинетот на претседателот.
Драги претходно денеска во парламентот најави дека во текот на денот и формално ќе ја поднесе оставката до претседателот. Веднаш по неговата објава, акциите во Италија паднаа, а приносите на десетгодишните државни обврзници пораснаа.
Падот на владата на Драги беше неизбежен откако тројца коалициски партнери ја повлекоа поддршката во вчерашното гласање за доверба.
Во средата вечерта, тројцата коалициски партнери му ја повлекоа довербата на Драги, односно одбија да учествуваат во гласањето, практично соборувајќи ја неговата влада и покрај тоа што го преживеа гласањето за доверба. Италијанскиот Сенат гласаше со 95 гласа „против“, 38 „за“ во гласањето за доверба на премиерот.
Драги поднесе оставка и минатата недела, но претседателот Серџо Матарела ја отфрли и го упати во Парламентот за да види дали може да обезбеди широка коалиција.
Марио Драги е на чело на италијанската влада од февруари 2021 година.