Според речиси сите мерила, понеделникот, 15 јуни, беше исклучителен ден за најбогатите луѓе во светот.
На затворањето на тргувањето во Њујорк, 500-те најбогати луѓе на планетата го зголемија своето богатство за 336 милијарди долари. Тоа е најголемиот пораст некогаш забележан во еден ден, покажуваат податоците од Bloomberg Billionaires Index. Со тоа нивната заедничка нето-вредност достигна рекордни 13,3 билиони долари.
Илон Маск | Bloomberg
Пазарите во понеделникот започнаа со голем оптимизам откако САД и Иран постигнаа привремен договор за повторно отворање на Ормускиот теснец. Дополнително, компанијата „Спејс екс“ (Space Exploration Technologies Corp. / SpaceX) во претходната недела оствари спектакуларно деби на берзата како јавно претпријатие. Тој оптимизам го турна индексот Dow Jones Industrial Average на рекордно ниво, додека Nasdaq 100 и MSCI World Index го завршија тргувањето блиску до своите историски врвови..

Акциите на „Спејс екс“ беа главниот двигател на овој раст на богатството, бидејќи малите инвеститори масовно се втурнаа да купуваат акции. Пазарната вредност на компанијата скокна за 20 проценти. Тоа придонесе за зголемување на нето-богатството на Маск за дури 164 милијарди долари - што е речиси еднакво на вкупната добивка на преостанатите 499 луѓе на индексот на „Блумберг“ (Bloomberg) и еден од најголемите еднодневни скокови некогаш забележани.
Богатството на Маск веќе со години јасно ја покажува огромната нееднаквост меѓу светската богаташка елита и сите останати. Но сега стана и пример за сè поголемиот јаз во самите редови на ултрабогатите. Индексот покажува дека првите 50 луѓе сега контролираат 6,5 билиони долари, што е речиси еднакво на износот од 6,8 билиони долари што го поседуваат преостанатите 450 луѓе на листата.