Глобалните акции закрепнаа по дводневниот пад, откако компанијата „Микрон“ (Micron Technology) објави исклучително оптимистичка прогноза за продажбата, што повторно го поттикна ентузијазмот за инвестиции поврзани со вештачката интелигенција, додека нафтата брент ги избриша сите добивки остварени за време на воените случувања.
Фјучерсите на Nasdaq 100 пораснаа за два отсто, додека договорите на S&P 500 напредуваа за 0,6 отсто. Јужнокорејскиот индекс Kospi зајакна речиси седум отсто, а поширокиот индекс MSCI Asia Pacific се зголеми за 1,7 отсто. Фјучерсите на европските акции пораснаа за 0,3 отсто. Акциите на „Микрон“, најголемиот американски производител на мемориски чипови за компјутери, скокнаа околу 15 отсто по затворањето на пазарот, откако кварталните резултати ги надминаа очекувањата, а прогнозата за продажба значително ги надмина проценките на Волстрит, што покажува дека растот поттикнат од вештачката интелигенција и натаму останува силен.
Прочитај повеќе
Нафтата ги брише добивките - цената падна под нивото од пред војната
Брент нафтата ги избриша сите добивки од времето на војната откако протокот низ Ормускиот Теснец се зголеми поради напредокот во мировните преговори меѓу САД и Иран.
пред 2 часа
Нафтата брент падна четврти ден по ред и се спушти под 72,48 долари за барел, нивото на кое тргувањето заврши пред почетокот на конфликтот, откако сообраќајот низ Ормускиот Теснец се забрза благодарение на напредокот во мировните преговори меѓу САД и Иран. Тој пад, заедно со силните резултати на „Микрон“, им донесе олеснување на инвеститорите на акциските пазари по распродажбата на технолошките акции, која го спушти глобалниот берзански индекс на најниско ниво во последните две недели.
Вниманието на пазарите сега е насочено кон објавувањето на инфлацискиот показател што најмногу го следат американските Федерални резерви (Фед). Индексот на доларот на „Блумберг“ остана стабилен откако очекувањата за порестриктивна монетарна политика му помогнаа во средата да достигне највисоко ниво во последните седум месеци. Американските државни обврзници ослабеа по растот во претходната трговска сесија.
Bloomberg
„Резултатите на 'Микрон' ги потсетија инвеститорите дека силниот циклус на побарувачка за мемориски чипови и пошироката приказна за вештачката интелигенција ќе продолжат“, изјави Хју Лам, инвестициски стратег во компанијата „Беташерс“ (Betashares).
„Иако расположението на инвеститорите може нагло да се менува поради големи движења на цените на акциите, структурните ограничувања во понудата на DRAM и NAND меморија претставуваат потпора што треба да спречи позначителен пад на овие акции најмалку до 2027 година.“
Дополнителен поттик за оптимизмот пристигна од Јужна Кореја, каде што „СК Хајникс“ (SK Hynix) соопшти дека планира да собере околу 29 милијарди долари преку котирање на акции во САД. Во меѓувреме, „Киоксија“ (Kioxia Holdings), добавувач на NAND меморија што стана највредната јапонска компанија, најави понуда на американски депозитарни потврди. Акциите на двете компании пораснаа за околу 15 отсто.
„Микрон“ соопшти дека очекува приходи од приближно 50 милијарди долари во тримесечјето што завршува во август. Аналитичарите во просек предвидуваа 43,2 милијарди долари. Побарувачката за стандардни мемориски чипови и меморија со голем пропусен опсег, клучна компонента на системите за вештачка интелигенција, и понатаму ја надминува понудата.
Bloomberg
Компанијата наведува дека ги користи недостигот на пазарот за да склучува долгорочни договори со клиентите, од кои многу важат и до пет години, со што добива подобра прегледност на идната продажба и полесно ги планира капиталните инвестиции.
„Дополнителните информации за долгорочните договори што компанијата ги потпиша со купувачите им влеваат поголема доверба на инвеститорите дека ваквите нивоа на заработка можат да се одржат со текот на времето, што е клучен фактор за растот на вреднувањето на акциите на производителите на меморија“, изјави Веј-Серн Линг, директор во банката УБП (Union Bancaire Privée) во Сингапур.
Златото под притисок, биткоинот во плус
На другите пазари, златото го продолжи падот еден ден откако зајакнувањето на американскиот долар и можноста за повисоки каматни стапки ја турнаа цената на металот под 4.000 долари за унца за првпат од ноември. Тоа дополнително изврши притисок врз акциите на компаниите поврзани со производството на злато.
Биткоинот порасна за еден отсто. Криптовалутата се соочува со големо истекување на опции, што би можело дополнително да го оптовари пазарот кој веќе се бори со слабеење на институционалната побарувачка и неповолно макроекономско опкружување.
Приносот на десетгодишните американски обврзници се зголеми за два базични поена, на 4,41 отсто, бидејќи инвеститорите го очекуваат објавувањето на мајскиот индекс на лична потрошувачка (PCE), за кој аналитичарите предвидуваат забрзување на инфлацијата и на месечно и на годишно ниво.
Тоа следува по падот на приносите од околу 10 базични поени во средата, што укажува на нова проценка на идната насока на монетарната политика на американските Фед. Пазарните учесници сè повеќе ја проценуваат можноста за зголемување на каматните стапки уште следниот месец по првиот состанок со кој претседаваше Кевин Ворш.
Двегодишните приноси, кои се почувствителни на монетарната политика на Фед, останаа стабилни на околу 4,14 отсто по падот во средата, повлекувајќи се од 16-месечниот максимум од 4,23 отсто достигнат во понеделникот.
„Податоците за PCE инфлацијата ќе имаат значително влијание врз пазарите“, изјави Ник Твидејл, главен пазарен аналитичар во компанијата „АТ Глобал“ (AT Global Markets).
„Доколку податоците бидат во согласност со очекувањата или ги надминат, доларот би можел дополнително да зајакне. Тоа исто така би можело да го наруши моменталното позитивно расположение кон поризичните средства.“
Во меѓувреме, Кина започна со пласирање државни обврзници во вредност до пет милијарди евра, што би можело да претставува нејзино најголемо издание на обврзници деноминирани во евра досега. Истовремено, Народната банка на Кина воведува еднодневен рок на достасување во операциите на отворениот пазар, што претставува важен чекор во реформата на начинот на управување со краткорочните трошоци за задолжување.