text size
По падот на пазарната вредност од 570 милијарди долари за нешто повеќе од еден месец, „СК Хајникс“ (SK Hynix Inc.) од една од најбараните инвестиции поврзани со вештачката интелигенција стана една од најголемите непознаници во инвестициските портфолија.
Акциите на јужнокорејскиот производител на мемориски чипови паднаа за 45 отсто во однос на рекордот достигнат во јуни, поради загриженоста околу пренатрупаните позиции на инвеститорите и наглиот раст на волатилноста предизвикан од задолжувањето. Загубата на пазарната вредност на компанијата во тој период може да се спореди дури и со падот на вредноста на „Спејс екс“ (SpaceX).
Акциите во вторникот паднаа и до 13 отсто, откако „Информејшн“ (Тhe Information) објави дека кинеска компанија со државна поддршка почнала масовно производство на литографски машини за длабока ултравиолетова (DUV) литографија, што дополнително ги засили стравувањата дека Кина напредува кон самодоволност во производството на полупроводници побрзо отколку што се очекуваше.
Прочитај повеќе
Падна над 20 отсто, па нагло се врати - што се случува со „СК Хајникс“?
Акциите на јужнокорејска компанија за мемориски чипови го сменија курсот за само неколку часа.
14.07.2026
Веќе не е прашање колку чипови произведувате, туку кому му ги продавате
Од масовно производство до чипови по нарачка...
13.07.2026
Јужнокорејскaта компанија „СК Хајникс“ собра милијарди на Волстрит
Јужнокорејскиот гигант „СК Хајникс“ собра неверојатни 26,5 милијарди долари од инвеститорите, потврдувајќи ја својата клучна улога во трката за чипови за вештачка интелигенција.
10.07.2026
Иако се очекува „СК Хајникс“ в среда да објави уште еден квартал со рекордни резултати, благодарение на тоа што бумот на вештачката интелигенција ги зголемува цените на чиповите, инвеститорите стануваат сè повнимателни. Најголемиот страв е дека растот на цените на мемориските чипови ќе ги принуди купувачите да ја намалат потрошувачката и да се свртат кон поевтини алтернативи.
„Главното прашање сега е дали мемориските чипови земаат преголем дел од колачот“, изјави Енди Вонг, директор за повеќе класи средства во ПАМ (Pictet Asset Management HK Ltd.), чиј фонд во последните недели ја намали изложеноста кон акциите на „СК Хајникс“. Пазарот сака да види дали „нешто може да ја промени перцепцијата дека 'СК Хајникс' извлекува преголеми маржи од целиот синџир на снабдување“.
SK Hynix го напушти клубот на компании вредни билион долари| Bloomberg
Акциите на компанијата имаат големо значење за светските инвеститори откако нејзините американски депозитарни потврди (ADR) беа котирани на берза, а сега се тргуваат под цената по која беа понудени на 9 јули. Внимание привлече и наглиот раст на бројот на левериџ ЕТФ-фондови (ETF) поврзани со акциите на „СК Хајникс“, што дополнително ја засили волатилноста.
И покрај тоа, акциите и натаму се на пат да забележат уште една година со троцифрен раст, благодарение на тоа што компанијата рано стекна предност во производството на ХБМ (high-bandwidth memory - меморија со голем пропусен опсег) за примена во областа на вештачката интелигенција. Годинашната корекција се вклопува во пошироката претпазливост кон производителите на технолошка опрема, додека растат сомнежите во одржливоста на инвестициите на најголемите технолошки компании во инфраструктура за вештачка интелигенција.
Оваа недела се очекуваат важни резултати на водечките технолошки компании, вклучувајќи ја и „Мета“ (Meta Platforms Inc.), чиј план да продава вишок компјутерски капацитети за вештачка интелигенција претходно овој месец предизвика загриженост околу идната побарувачка. „Епл“ (Apple Inc.) веќе предупреди на раст на трошоците, а според медиумските извештаи лобира за одобрување на набавка на мемориски компоненти од кинески конкуренти, вклучувајќи ја и ЦХМТ (CXMT Corp).
Инвеститорите ги очекуваат и целосните квартални резултати за периодот што заврши во јуни на најголемиот конкурент, „Самсунг“ (Samsung Electronics Co). Најголемиот светски производител на стандардни мемориски чипови го стигнува „СК Хајникс“ во сегментот ХБМ, изјави Ким Минџи, портфолио-менаџер во МАМ (Must Asset Management) од Сеул.
„Кварталните резултати сами по себе веројатно нема да бидат доволен поттик за акциите на 'СК Хајникс'“, рече Ким и додаде дека инвеститорите многу повеќе ги интересира дали компанијата ќе ги зголеми исплатите кон акционерите, вклучително и преку откуп на сопствени акции. „Уште поважни се резултатите на најголемите технолошки компании и дали тие ќе продолжат да ги зголемуваат капиталните инвестиции, како и каква побарувачка очекуваат.“
Акциите на SK Hynix значително варираат по остриот пад | Bloomberg
Големиот пад на акциите ја направи процената на вредноста на „СК Хајникс“ попривлечна за инвеститорите, имајќи ја предвид цикличната природа на пазарот на мемориски чипови. Со акциите на „СК Хајникс“ сега се тргува по вредност помала од четири пати од очекуваната добивка во наредните 12 месеци, што е речиси двојно пониско отколку пред еден месец и под коефициентот од 6,2 кај конкурентот „Микрон“ (Micron Technology Inc).
„СК Хајникс“ претставува „многу привлечна можност за купување“ благодарение на поволната проценка на вредноста и продолжувањето на раздолжувањето на јужнокорејските мали инвеститори, напиша Шон О, директор за тргување со акции во НХИС (NH Investment & Securities). Истовремено, додаде дека инвеститорите ја намалуваат изложеноста или задржуваат помали позиции во пресрет на сезоната на објавување резултати на американските технолошки компании.
Во актуелната сезона на финансиски извештаи бројни компании забележаа силен пад на акциите и покрај одличните резултати. Акциите на „Самсунг“ паднаа за повеќе од шест отсто по прелиминарниот извештај за добивката објавен на 7 јули, што дополнително го оптовари поширокиот азиски технолошки сектор.
Аналитичарите очекуваат „СК Хајникс“ да пријави дека приходите во кварталот заклучно со јуни се повеќе од тројно повисоки во однос на истиот период лани, на околу 57 милијарди долари, додека оперативната добивка би требало да биде околу шестпати поголема.
„Резултатите на 'СК Хајникс' би можеле да станат тест за расположението на светскиот пазар кон хардверот за вештачка интелигенција“, изјави Џејмс Ови, пазарен стратег во ТБ (Tiger Brokers). „Очекувањата речиси совршено се вградени во цената на акцијата, па дури и мало разочарување би можело да предизвика силна реакција.“