text size
Резултатите на најголемите американски банки за третиот квартал покажуваат дека нестабилноста на пазарите може да биде извор на високи приходи, но и дека има значителни разлики во однос на тоа како големите играчи од Волстрит се снаоѓаат во услови на зголемени геополитички тензии, повисоки каматни стапки и неизвесност околу економските перспективи. Додека тргувањето со акции забележа силни резултати, деловите поврзани со обврзниците не ги исполнија очекувањата, а инвестициското банкарство не успеа целосно да го искористи потенцијалот за раст.
Заедничката слика од кварталните извештаи што деновиве ги објавија „ЏП Морган Чејс“ (JPMorgan Chase), „Голдман Сакс“ (Goldman Sachs), „Ситигруп“ (Citigroup), „Велс Фарго“ (Wells Fargo), „Банка на Америка“ (Bank of America) и „Морган Стенли“ (Morgan Stanley) е дека финансискиот сектор и натаму заработува милијарди долари, но резултатите сè повеќе зависат од структурата на приходите, контролата на трошоците и способноста да се искористат движењата на пазарите. Забележително е дека веднаш по објавата на резултатите пазарот „дебело“ казни дел од банките.
Акциите ги билдаа приходите, пад кај обврзниците
Прочитај повеќе
Волстрит гледа загрижувачки сигнал по најновата распродажба на обврзници
Геополитичката неизвесност и растечкото задолжување ги загрижуваат инвеститорите, кои бараат поголем надомест за ризиците од долгорочните американски обврзници.
09.10.2026
ЕУ ги засилува проверките на банките поради ризиците од државните обврзници
Европските супервизори ги засилуваат проверките на државните обврзници во банките, чии портфолија надминуваат четири билиони евра. Засега не гледаат штета за банките.
09.10.2026
Француската криза ги влече надолу акциите на европските банки
Распродажбата на акциите на европските банки продолжи во средата, при што акциите на компании како „Сосиете женерал“ и „Дојче банк“ паднаа за повеќе од 5 отсто, бидејќи растечката загриженост поради политичките превирања ги зголеми приносите на обврзниците.
07.10.2026
Волстрит очекува рекордна година, со профит над 90 милијарди долари
Финансиските професионалци би можеле да добијат највисоки бонуси досега.
06.10.2026
Најјасната разлика се гледа во тргувањето со акции и со инструменти со фиксен принос. „Голдман Сакс“ оствари 6,44 милијарди долари приходи од тргување со акции, што е над очекувањата на аналитичарите анкетирани од „Блумберг“. Од друга страна, приходите од обврзници и стоки изнесуваа 3,47 милијарди долари, речиси еден процент помалку од истиот период лани и значително под прогнозите на пазарот.
„ЏП Морган“ забележа уште поизразен контраст. Приходите од тргување со акции скокнаа 49 проценти на годишно ниво, на рекордни 4,95 милијарди долари, додека приходите од тргување со инструменти со фиксен принос паднаа четири проценти. Вкупните приходи од тргување достигнаа 10,3 милијарди долари, малку под очекувањата.
Кај „Банка на Америка“ приходите од тргување со обврзници паднаа 17 проценти, на 2,55 милијарди долари, додека тргувањето со акции порасна 10 проценти, на 2,51 милијарда долари.
„Блумберг њјуз“ објави дека трговските оддели на Волстрит се соочуваат со последици од зголемувањето на каматните стапки, откако Федералните резерви ја зголемија својата референтна стапка во септември за да ја ограничат инфлацијата, а приносите од 10-годишните државни обврзници се приближија до највисокото ниво за речиси четвртина век претходно овој месец. Повисоките приноси ја намалуваат вредноста на постојниот долг, што може да ја намали побарувачката за трговски услуги, но да ги зголеми приходите од кредитните бизниси.
„Големите фискални дефицити, лепливата инфлација, зголемените цени на активата, зголемените каматни стапки и геополитичките услови продолжуваат да се менуваат под површината“, рече главниот извршен директор на „Голдман Сакс“, Џејми Дајмон. „Овие сили може да бидат управливи, но ние остануваме подготвени за широк спектар на исходи.“
Од друга страна, геополитичките ризици и неизвесноста околу вештачката интелигенција предизвикуваат чести промени на цените на акциите, што отвора можности за трговците. Ова не значи дека сите банки со силно тргување со акции автоматски остваруваат подобар вкупен резултат. Важни остануваат и приходите од кредитирањето, управувањето со средства, советувањето при преземање компании и издавањето нови акции и обврзници.
„Морган Стенли“ го претвора ИПО-бумот во нови средства
„Морган Стенли“ е еден од најдобрите примери за тоа како финансиските институции се обидуваат да ги претворат поволните услови на пазарот во подолгорочни извори на приходи. Банката привлече рекордни 232 милијарди долари нето-нови средства во својата дивизија за управување со богатството, повеќе од двојно над очекувањата на аналитичарите. Околу половина од приливот бил поврзан со иницијалните јавни понуди на акции кои овозможуваат вработените и другите инвеститори да располагаат со акции во компании што излегуваат на берзата.
„Доколку овој пазар на иницијални јавни понуди продолжи во текот на следните 12 месеци, очекуваме и понатаму да имаме корист од него“, изјави во интервју главната финансиска директорка Шерон Јешаја, додавајќи дека не предвидува забавување на новите јавни котации, пренесе „Блумберг њјуз“.
Приходите од тргување со акции достигнаа 5,8 милијарди долари, над очекуваните 4,9 милијарди долари, додека вкупните приходи од тргување изнесуваа 7,81 милијарда долари. Нето-добивката се зголеми на 4,97 милијарди долари, од 4,66 милијарди долари една година претходно.
Добивките се силни, но не и рамномерни
„Голдман Сакс“ во третиот квартал од годинава оствари нето-приходи од 18,68 милијарди долари и нето-добивка од 5,29 милијарди долари. Приходите пораснаа 23 проценти во однос на истиот квартал лани, потпомогнати од активностите на глобалните пазари и инвестициското банкарство. Приходите од советување и финансиски услуги поврзани со корпоративни трансакции достигнаа 3,22 милијарди долари, што е над очекувањата.
„Ситигруп“, пак, оствари приходи од 23,8 милијарди долари, осум проценти повеќе од лани, и нето-добивка од 5,2 милијарди долари. Приходите од услугите за управување со парите на компаниите и владите пораснаа 15 проценти, на 6,6 милијарди долари, а тргувањето со обврзници, валути и стоки донесе 4,4 милијарди долари, најдобар трет квартал за оваа дивизија во најмалку една деценија.
Но добрите резултати не секогаш се претвораат во раст на цените на акциите. Акциите на „Ситигруп“ паднаа 5,6 проценти по објавувањето на резултатите, бидејќи инвеститорите беа претпазливи околу очекуваните приноси и темпото на откуп на сопствените акции.
„ЏП Морган“, најголемата американска банка, пријави нето-добивка од 15,3 милијарди долари, но резултатот беше под очекувањата на аналитичарите. Приходите од инвестициското банкарство и тргувањето не го достигнаа целосно потенцијалот што банката го најавуваше претходно. Сепак, очекувањата за нето-приходите од камати беа подобрени, што покажува дека кредитирањето и понатаму претставува важен извор на профит.
„Велс Фарго“ оствари нето-добивка од 5,95 милијарди долари, раст од 6,5 проценти, додека приходите се зголемија два процента, на 21,9 милијарди долари. Банката соопшти дека потрошувачите продолжуваат да трошат, доцнењето со отплатата на кредитите е ниско, а финансиските позиции на компаниите остануваат стабилни.
Кредитниот ризик засега под контрола?
Резултатите од кредитирањето нудат релативно смирувачка слика. „Велс Фарго“ издвои една милијарда долари за потенцијални кредитни загуби, помалку од очекувањата, додека нето-отписите на ненаплатливи кредити изнесуваа 983 милиони долари.
„Банка на Америка“ издвои 1,27 милијарди долари за потенцијално проблематични кредити, исто така помалку од прогнозите. Нејзините кредитни салда пораснаа на 1,23 билиони долари, што е 6,3 проценти повеќе од лани.
Сепак, постои разлика меѓу тековниот квалитет на кредитите и ризиците што може да се појават ако високите каматни стапки и инфлацијата продолжат да го притискаат буџетот на домаќинствата и компаниите.
Енормна казна за „Банка на Америка“
Кога станува збор за групата најголеми, вреди да се спомене дека „Банка на Америка“објави трошок од 1,2 милијарди долари за регулаторни казни поради пропусти во спречувањето перење пари и прекршување на санкциите. Трошокот ја намали добивката по акција за 17 центи, а акциите на банката паднаа за време на тргувањето по објавувањето на резултатите.
Извршниот директор Брајан Мојнихан изјави дека банката е свесна за сериозноста на проблемот и дека инвестирала милијарди долари во технологија и ангажирала илјадници вработени за борба против финансискиот криминал. Сепак, регулаторната интервенција покажува дека големината на банката и нејзините технолошки инвестиции не ја ослободуваат од одговорноста за контролите и усогласеноста со правилата.
Во целина, резултатите за третиот квартал покажуваат дека американскиот банкарски сектор и понатаму располага со силни извори на приходи, но дека успехот сè повеќе зависи од тоа каде и како банките заработуваат.