Хаос со платите во јавниот сектор – се пресметуваат според 200 системи
Министерот за финансии Фатмир Бесими во април добил за околу 55.000 денари или близу 900 евра повисока плата споредено со март. Тој, исто како и 1.060 функционери, има зголемена плата за 78 отсто. На годишно ниво зголемените плати на државните функционери ќе го чинат буџетот 960 милиони денари или над 15,5 милиони евра.
Покачените плати на функционерите целосно ја отворија веќе подотворeнaта Пандорина кутија за тоа како се пресметуваат платите во земјава.
И додека функционерите немаат проблем со нивната речиси удвоена плата, камен на сопнување е покачувањето на платата во администрацијата, за што, според министерот за финансии, сега не е најповолно време зашто тоа ќе го зголемело дефицитот во буџетот.
ЕК: Македонската економија годинава со раст од два процента
Раст на бруто-домашниот производ на Македонија од два процента годинава и од 3,1 проценти во 2024 година предвидува Европската комисија во својот нов извештај, кој го објави вчера.
Се предвидува растот на инвестициите да остане стабилен, со дополнително зголемување на постојните. Негативните надворешни влијанија се очекува да се намалат, во согласност со зголемената странска побарувачка и понискиот раст на увозот.
Од ЕК укажуваат дека дефицитот на тековната сметка значително се зголемил во 2022 година поради наглиот раст на цените на енергијата и зависноста од увоз.
Инфлацијата генерално забавува, но тоа не важи за храната, која останува скапа
Инфлацијата на светско ниво полека забавува, но не и растот на цените на дел од храната. Последниот извештај на ФАО, Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ОН), за април покажува дека на годишно ниво индексот на цени на храната FFPI се зголемил за 19,7 отсто, а на месечно ниво за 0,6 проценти.
На глобално ниво расте цената на месото, шеќерот и оризот. Причини за тоа има повеќе. Ништо различна не е ниту сликата во Македонија. Кај нас цената на месото, според податоците за април од Државниот завод за статистика, е покачена дури за 26 проценти на годишно ниво, односно за 1,4 отсто споредено со март годинава. А, шеќерот и кондиторските производи во април се поскапи за 12,8 проценти споредено со истиот месец лани.
Рекорден пад на цената на природниот гас во Европа
Цените на природниот гас во Европа го продолжија шестнеделниот пад, а главна причина за тоа е слабата побарувачка, која ја ограничува потребата од поагресивни набавки за пополнување на резервите.
Референтните фјучерси вчера паднаа под границата од 32 евра и се доближија до најниските нивоа забележани во јули 2021 година. Цените се повеќе од преполовени од почетокот на оваа година во услови на стабилно снабдување, релативно високи температури и посилен придонес на обновливите извори во производството на енергија.
Средба на Макрон и Маск за можна инвестиција за батерии за електрични возила
На маргините на собирот на околу 200 светски бизнис-лидери, кои во Версај ги покани лично францускиот претседател Емануел Макрон, се остварија и неколку средби во четири очи, меѓу кои и средба со Илон Маск, како и со директорите на „Фајзер“ и „Волт Дизни“. Целта е Макрон за да ја покаже својата способност за привлекување странски инвестиции.
Во својот обид да го подигне францускиот профил меѓу инвеститорите, Макрон особено се фокусира на тоа да ја направи северна Франција центар за производство на батерии за електрични автомобили и сродни материјали.