НАТО разгледува можност да го прескокне следниот годишен самит во 2027 година, во обид да ги намали тензиите со американскиот претседател Доналд Трамп, кој често ја критикува Алијансата, но и за да избегне дополнително внимание кон земјата домаќин, која е меѓу членовите со најниски трошоци за одбрана.
Разговорите за отстапување од досегашната практика на одржување годишни самити добија на интензитет оваа недела, додека лидерите на НАТО се собраа во Анкара. Според лица запознаени со разговорите, Трамп изјавил дека во турската престолнина отишол главно поради неговиот близок однос со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, а своето присуство повторно го искористил за да ги доведе во прашање важноста и улогата на воената алијанса.
Постојаните критики на американскиот претседател кон НАТО ја отворија можноста следниот самит, кој треба да се одржи во Албанија, да биде одложен за да се избегне создавање нова платформа од која Трамп би можел повторно да ги критикува сојузниците. Информациите ги пренесуваат извори што побарале анонимност поради чувствителноста на внатрешните разговори.
Прочитај повеќе
Трамп прогласи крај на примирјето со Иран по нападите
Повторната ескалација меѓу САД и Иран ги потресе енергетските пазари, а цените на нафтата повторно пораснаа по новите американски напади.
пред 54 минути
САД нападнаа над 80 цели, Иран возврати со ракети - нова ескалација на конфликтот
Мировниот договор е сериозно разнишан, а растат и стравувањата од нова криза во Ормускиот Теснец и нов скок на цените на нафтата.
пред 2 часа
Трамп оди на самитот на НАТО за да се сретне со Зеленски и да се соочи со сојузниците
Трамп пристигнува во Турција во вторник, каде што ќе се сретне со претседателот Реџеп Таип Ердоган пред самитот со целата одбранбена алијанса следниот ден, изјави портпаролката на Белата куќа Ана Кели.
06.07.2026
Рускиот напад на Киев ја разоткри слабоста на украинската одбрана
Смртоносен ноќен напад врз Киев ја откри критичната слабост на украинската противвоздушна одбрана.
06.07.2026
Албанија, за која е предвидено да биде домаќин на самитот, долго време беше меѓу земјите во НАТО што заостануваа во исполнувањето на обврската за издвојување најмалку два процента од бруто-домашниот производ за одбрана, иако во последниот период го достигна тоа ниво.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, се залага Алијансата да продолжи со годишните средби на највисоко ниво, за да ја задржи во центарот на глобалната агенда. Тој наедно се обидува да го убеди Трамп преку нагласување на високото зголемување на трошоците за одбрана меѓу сојузниците.
Сепак, не е јасно дали таквиот пристап ги намалува разликите меѓу Вашингтон и европските членки. Завршната декларација од самитот во Анкара, која лидерите треба да ја усвојат, според упатени лица, нема да содржи конкретна референца за следниот самит.
„Самитот ќе се одржи во Албанија, но дали ќе биде следната година или годината потоа, тоа е прашање за кое сè уште се разговара“, изјави високиот воен претставник на НАТО Џузепе Каво Драґоне.
Дебатата за иднината на самитите се одвива во период кога европските членки на НАТО паралелно се обидуваат да ја намалат зависноста од американските воени капацитети. Велика Британија, Франција и Германија започнаа иницијатива вредна 50 милијарди долари за развој на оружја со голем дострел без директно учество на САД, со цел Европа да го намали заостанувањето зад Русија во оваа област.
Планот предвидува во следната деценија европските сојузници да развијат системи способни да погодуваат цели на повеќе од 2.000 километри со голема прецизност. Европските арсенали во моментов имаат ограничени капацитети за вакви далекосежни удари, а резервите дополнително се намалија по испораките на ракети за Украина.
Недостигот од оружје со голем дострел стана уште поголема грижа во НАТО по руската инвазија врз Украина, во која Москва употреби стотици далекосежни конвенционални ракети. Загриженоста дополнително се зголеми откако Трамп го откажа планираното поставување на американски ракети „томахавк“ во Германија.
И покрај зголеменото потпирање на сопствени европски капацитети, сојузниците не ги прекинуваат врските со Вашингтон. Велика Британија неодамна објави дека ќе се приклучи на американската програма ПСМ (Precision Strike Missile), преку која британската армија ќе добие суперсонични балистички ракети со дострел до 500 километри.
Развојот на нови европски системи и можноста за промена на досегашниот формат на самитите покажуваат дека НАТО се соочува со период на внатрешно преиспитување, во кој сојузниците се обидуваат да го зачуваат единството, но и да се подготват за поизвесна и посложена безбедносна средина.