САД изведоа воен удар во Нигерија врз цели на таканаречената Исламска држава, во рамките на безбедносна и разузнавачка соработка со владата на африканската земја, која се бори да го спречи растечкото ниво на терористички напади во делови од државата.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека им наредил на американските сили да изведат „моќен и смртоносен удар“ против ИСИС. Министерството за надворешни работи на Нигерија ги потврди „прецизните удари врз терористички цели“ и соопшти дека земјата продолжува да соработува со меѓународни партнери, меѓу кои и САД, за справување со „постојаната закана од тероризам и насилен екстремизам“.
САД изведоа удари врз милитанти во Нигерија
Африканската земја потврди дека се погодени терористички цели
Bloomberg
Цената на нафтата остана стабилна, а пазарот реагираше воздржано по нападот, и тоа во услови на намален обем на тргување поради празниците. Нигерија е членка на ОПЕК (Organization of the Petroleum Exporting Countries).
Во ноември Доналд Трамп се закани со можна американска воена акција против исламските милитанти во Нигерија доколку владата на земјата не го запре „убивањето христијани“ од страна на овие групи. Во тоа време доларските обврзници на Нигерија забележаа пад низ целата крива на достасување, покажуваат податоците на „Блумберг“.
„Вечерва, по моја наредба како врховен командант, САД изведоа моќен и смртоносен удар против терористичките отпадници од ИСИС во северозападна Нигерија, кои со години, па дури и со векови, брутално напаѓаат и убиваат пред сè невини христијани!“, напиша Трамп на социјалните мрежи. „Претходно ги предупредив овие терористи дека доколку не го запрат колењето христијани, ќе мора да платат висока цена - и вечерва, тоа и се случи“.
Командата на американските сили за Африка соопшти дека нападот бил изведен „по барање од нигериските власти“ и дека биле убиени „повеќе припадници на ИСИС“. Министерот за одбрана Пит Хегсет вчера предупреди дека ќе има „уште напади“ доколку групата не престане да цели на „невините христијани во Нигерија (и на други места)“.
Трамп веќе ја прогласи Нигерија за „земја со зголемен ризик“ поради, како што наведува, загрозената безбедност на христијаните во државата. Републиканскиот сенатор Тед Круз, сојузник на Трамп, исто така инсистира Конгресот да ја означи Нигерија како држава што ги прекршува верските слободи.
Претседателот на Нигерија, Бола Ахмед Тинубу, ја отфрли квалификацијата на Трамп дека земјата е верски нетолерантна.
„Терористичкото насилство, без разлика дали е насочено кон христијани, муслимани или други заедници, претставува навреда за вредностите на Нигерија и за меѓународниот мир и безбедност“, наведе Министерството за надворешни работи во изјава објавена на платформата X во петокот.
Тинубу е под притисок поради растечкото присуство на исламистички групи во североисточна Нигерија, каде што регионот сведочи на напади врз десетици утврдени армиски бази. Според полицијата, осомничени припадници на „Боко Харам“ доцна во средата активирале експлозивна направа во џамија во Маидугури, при што загинале најмалку петмина. Нигерија има околу 230 милиони жители, речиси рамномерно поделени меѓу христијани и муслимани, а досега цел на напади биле двете заедници.
Трамп настојува да ја демонстрира американската воена сила на глобално ниво, и покрај предизборните ветувања дека ќе го ограничи ангажманот во странство.
Минатата недела САД изведоа силни воздушни напади врз повеќе од 70 цели во Сирија, како одговор на смртоносниот напад врз американските сили таму, за кој претседателот ја обвини групата Исламска држава.
САД исто така го засилија своето воено присуство во Карибите, при што Трамп нареди „целосна блокада“ на сите санкционирани танкери со нафта што влегуваат и излегуваат од Венецуела, како и удари врз наводни бродови за шверц на дрога, како дел од кампањата за зголемување на притисокот врз социјалистичкиот лидер Николас Мадуро. Сепак, критичарите тврдат дека овие напади врз бродови се незаконски.