text size
„Четиристотини и пет дена!“, Гернот Долнер се насмевнува додека минуваме низ сончевите ридови на Монтереј во Калифорнија. Токму откри колку време било потребно за да се развие разјарениот суперавтомобил со кој минуваме покрај дабовите шуми високо над Тихи Океан.
Извршниот директор на „Ауди“ има причина да биде горд. Од раѓањето на идејата до претставувањето на „нуволари“ (Nuvolari), вреден 700.000 долари, поминало зачудувачки малку време за индустрија што обично функционира во временски рамки што се мерат со децении, а не со денови.
Кога дизајнерскиот тим на „Ауди“ му го покажал на Долнер раниот концепт на автомобилот во март минатата година, тој веднаш знаел дека ќе привлече одреден тип купувачи, вели самиот. Затоа „Ауди“ го забрзал развојот на „нуволари“ за да стигне до производство пред електричното возило чии испораки сега се планирани за 2028 година.
Прочитај повеќе
Тест на „тојота Ц-ХР+“: Многу доблести, со многу малку компромиси
Како изгледа кога најдоверливиот јапонски бренд ќе одлучи да направи скок во целосно електрична насока?
08.09.2026
„Фолксваген тајрон“: Помалку теренец, повеќе семеен крузер
Го тестиравме „фолксваген тајрон“ со неговиот ефикасен 2.0 ТДИ мотор, погон на сите четири тркала и седум седишта. По заминувањето на „туарег“, овој автомобил е самиот врв на гамата на теренци на „Фолксваген“.
25.08.2026
Го возевме „фортинг Т5 ево“: „Ламборгини“ за македонски џеб
Агресивни линии на каросеријата, тенки дневни светла и огромна предна маска. Многумина би помислиле дека е „ламборгини урус“. Но не е...
15.07.2026
Го возевме „лексус ЛБХ“, мал теренец со голем луксуз
Mислевме дека најмалиот член на семејството можеби нема да биде на толку премиум ниво како неговите поголеми браќа, но се излажавме.
09.07.2026
Тест на „мазда ЦX-80“: Последниот самурај со шест цилиндри и седум седишта
„Мазда“ се спротивставува на неколку трендови одеднаш со речиси петметарскиот дизел теренец...
25.06.2026
„Нуволари“ има мотор В8 и три електромотори со вкупно 987 коњски сили - погонски систем осмислен за да ја искористи сè поизразената реалност дека богатите потрошувачи денес повеќе претпочитаат хибридни перформанси отколку целосно електричен погон.
„Хибридите се во петта брзина“, вели Ерин Китинг, извршна аналитичарка и виша директорка за економски и индустриски согледувања во „Кокс“ (Cox Automotive).
„Нуволари“ е најбрзиот и најмоќниот сериски автомобил што „Ауди“ некогаш го произвел. | Audi
Минатата година сочинуваа околу 14 отсто од новите автомобили продадени во САД, во споредба со помалку од три отсто во 2020 година. Во Европа хибридите сочинуваат 10 отсто од регистрациите и нивниот удел расте, од 7 отсто минатата година, според податоците на Европската асоцијација на производители на автомобили. Се очекува до 2030 година хибридите да сочинуваат 40 отсто од глобалното производство на автомобили, нудејќи практично решение што ги ублажува стравовите од ограничениот досег и логистичките проблеми со кои многу возачи сè уште се соочуваат при полнењето и возењето електрични автомобили.
Тоа веројатно нема да трае засекогаш. Со постепениот раст на цените на горивото и кинеската доминација на глобалниот пазар на достапни електрични возила, аналитичарите и раководителите велат дека автомобилската индустрија и понатаму оди кон целосно електрична иднина, дури и ако тој процес трае подолго од очекуваното. Во меѓувреме, хибридната технологија се покажа како изненадувачки отпорна, особено кај богатите купувачи што не сакаат да се откажат од моторите со внатрешно согорување што ги придвижуваат нивните омилени автомобили. Фактот дека многу од најновите хибриди што пристигнуваат на пазарот припаѓаат во самиот врв на луксузниот и спортскиот сегмент покажува дека таквите купувачи се подготвени да издвојат големи суми за машини што ги нудат предностите од двата света.
„Забележуваме дека колку е повисок сегментот толку ентузијастите повеќе го сакаат моторот со внатрешно согорување“, вели Долнер, објаснувајќи дека хибридниот погон на љубителите на автомобили и понатаму им овозможува пристап до посакуваното аналогно чувство поради кое, меѓу другото, привлечни се и механичките часовници. Електричните возила, од друга страна, се доживуваат како средство за мобилност, а не како статусен симбол на задоволство и вкус. „Колку е понизок сегментот толку повеќе се прифаќа батерискиот електричен погон.“
Продажбата на луксузни електрични возила се приближува до мртва точка, додека некои планирани електрични суперавтомобили се целосно откажани поради слаб интерес. Истовремено, спортските и скапите хибриди како „шевролет корвет и-реј“ (Chevrolet Corvette E-Ray), „порше 911 ГТС (Porsche 911 GTS), „мекларен артура“ (McLaren Artura), „ферари Ф80“ (Ferrari F80), „бгати турбилон“ (Bugatti Tourbillon) и моделите „ревуелто“ (Revuelto) и „темерарио“ (Temerario) на „Ламборгини“ (Lamborghini) привлекуваат големо внимание - и ги отвораат паричниците на купувачите.
Постарата технологија победува
Значајно е што „Ауди“ неопходниот камбек го врзува за технологија усовршувана уште во раните 2000-ти наместо за понапредниот целосно електричен погон. Задржувањето на моторот В8 на „Ауди“ беше клучно за стратегијата за пресврт на компанијата.
„Беше јасно дека ’нуволари’ нема да биде батериски електричен автомобил“, вели Долнер.
В8-моторот грми, достигнувајќи многу гласни 10.000 вртежи во минута. | Audi
Хибридизацијата го нуди најдоброто од двата света. Громогласните бензински мотори во комбинација со тивки и мазни електромотори им даваат на хибридите сурова тактилна моќ на моторот со внатрешно согорување, но и моментален вртежен момент и беспрекорна ефикасност на батерискиот погон.
„Една од работите по кои луѓето денес копнеат е автентичноста“, вели Ребека Линдланд, директорка за автомобилско советување во глобалната компанија за истражување на пазарот „Харис екс“ (HarrisX). „Хибридот испраќа порака дека, иако има електрична компонента, на некој начин дејствува многу поавтентично. Останува поверен на искуството со моторот со внатрешно согорување.“
Хибридите не се совршени - ги зголемуваат тежината и сложеноста на автомобилот и не го решаваат прашањето за нулта емисија. Но тие задоволуваат одредена потреба кај типот купувачи штосе спротивставуваат на целосно електричниот погон во автомобили со високи перформанси, иако се подготвени да прифатат негов дел.
„Автомобил со моќен класичен мотор е одличен, но е луд кога станува збор за потрошувачката на гориво“, вели Арон Гвардадо, долгогодишен љубител на „Ауди“ и сопственик на моделот „ауди РС6“ (Audi RS6). Овој страстен аматерски тркач бил поканет на ексклузивен настан за потенцијални купувачи во Лос Анџелес во август, каде што новиот суперавтомобил бил прикажан пред официјалното отворање на книгата за нарачки. „Навистина би сакал да го возам ’нуволари’“.
Хибридната технологија не е секогаш лесно да се продаде. Претходно во текот на неделата во Монтереј, Мате Римац, извршниот директор на „Бугати Римац“ (Bugatti Rimac), рече дека некои клиенти изразиле загриженост поради хибридниот хиперавтомобил „турбилон“, вреден 4,1 милиони долари, кога бил претставен во 2024 година. Тие не верувале во неговата долгорочност и се прашувале зошто батерискиот погон воопшто е потребен во таква висцерална машина.
„Им ги објаснив предностите на хибридот и им кажав дека батеријата има десетгодишна гаранција, а дури размислувам да ја направам доживотна, за никогаш да немаат проблеми“, рече Римац.
Тоа ги убеди. Додека беа потребни приближно шест години за да се распродаде претходникот на „турбилон“, „чирон“, Римац вели дека атрактивниот хибрид бил распродаден дури и пред официјално да биде претставен.
„Ова е ремек-дело на технологијата, софтверот, сè“, вели тој. „Мислам дека само треба правилно да се објасни што е тоа и да се направи како што треба.“
Хибридите се патот по кој треба да се оди
По враќањето на оддалечениот ранч што „Ауди“ го изнајмил во текот на неделата, седнувам на возачкото седиште и го изведувам „нуволари“ на тесниот пат. Покрај мене седи Виктор Ундерберг, шеф за развој на спортски автомобили во „Ауди“. Претходно работел во „Ламборгини“, а „нуволари“ го дели погонскиот склоп со „темерарио“. Едвај го контролира возбудувањето додека објаснува колку му било важно автомобилот да дејствува живо, како нешто што зборува само за себе.
Пространиот и минималистички ентериер ги интегрира сите контроли и клучни функции директно во видното поле на возачот. | Audi
„Автомобилот порачува: ‘Возете ме!’“, вели тој.
„Ауди“ некогаш беше синоним за последователни победи на рели-трките, слава на престижната трка „24 часа Ле Ман“ и Р8 - автомобил доволно кул за да го вози Тони Старк. Денес возењето „ауди“ е приближно еднакво провокативно како носењето тренерки. Повеќе сопственици со кои разговарав ми рекоа дека го засакале брендот поради караваните и купеата од почетокот на 2000-тите, кои пред сè ги дефинираше инженерството, но сметаат дека компанијата оттогаш го изгубила некогашниот жар. „Ауди“ во последните години се соочуваше со притисок врз профитните маржи, дополнително влошен од неинтересната понуда на модели.
Во Хјустон, Алберто Капетиљо Трегер во 2018 година купил „ауди тт“ (Audi TT) од 2005 година.
„Го обожавам“, вели тој за малото купе.
Но се согласува дека хибридите се патот напред.
„Би сакал жолт ’нуволари’.“
Жолтата боја би му прилегала. Со бруталистичка каросерија и боја што потсетува на опточен титаниум, „нуволари“ со централно поставен мотор изгледа како штотуку да излегол од филмот „Торн“. Неговите тенки светла се благо закосени, како автомобилот да го стеснил погледот. Моторот В8 се гледа под застрашувачките црни отвори за вентилација на задниот дел.
Мал спојлер, инспириран од технологијата што „Ауди“ ја развил за својот тим во Формула 1, е интегриран во монолитниот заден дел. Тој ја менува својата положба во зависност од тоа колку агресивно го возите автомобилот, чија максимална брзина е 349 километри на час. Огромните керамички сопирачки на тркала од 20 и 21 инчи го заокружуваат впечатокот дека станува збор за мрачен роботски ѕвер.
Додека забрзувам низ пределот покриен со жалфија, најсилен впечаток остава леснотијата со која автомобилот се вози, целосно спротивна на многу гласниот длабок звук на моторот и неговиот масивен изглед. „Нуволари“ се однесува неочекувано лесно, лесно минува низ свиоците и желно го голта патот штом ќе притиснам на педалот за гас. За леснотијата при мали брзини е заслужен хибридниот систем, што е изненадувачки тешко да се постигне кај екстремно моќните суперавтомобили.
Може да биде питом како овца во волча кожа - ако таа овца може да забрза од нула до сто километри на час за 2,5 секунди.
Не е за секого. Како и сите суперавтомобили, „нуволари“ има повеќе мртви агли, а наместо ретровизор користи камера, бидејќи ниската линија на покривот и решетките над моторот целосно го попречуваат погледот наназад.
„Нуволари“ ќе биде достапен во широк спектар на бои, вклучувајќи верзии од карбонски влакна, како и сатенски и мат финиш| Audi
Наместо рачки, има копчиња скриени во големите црни отвори за вентилација од двете страни на вратите. Тие се отвораат и откриваат спартанска внатрешност во сиви тонови: еден вертикален екран, две седишта од микрофибер (достапни се и кожени) и мала полица на која можеби може да собере женска чанта, но не многу повеќе од тоа.
Љубителите на естетиката што ги сакаат облините и љубителите на традиционалниот луксуз треба да побараат нешто друго. Ова е ода на соголениот минимализам.
Но во ера на сè повеќе поделена автомобилска култура, токму тој поларизирачки стил би можел да му оди во прилог. Повеќе од кога било, богатите купувачи на автомобили реагираат на дизајн што јасно порачува „ние, а не тие“ и ги одразува нивните лични вредности и вкус. Сè додека автомобилот предизвикува некаква емоција - љубопитност или одвратност - тоа е подобро отколку да не остава никаков впечаток.
Уште подобро ако станува збор за спектакуларен модел од ограничена серија како овој. „Ауди“ ќе произведе само 499 примероци.
Најверните љубители на брендот на претставувањата како она во Лос Анџелес, се чини, добро реагираат на доаѓањето на овој бескомпромисен плагин хибрид, кој како да порачува: „Ако разбираш, разбираш.“
Депозити нема да се примаат пред почетокот на 2027 година, но во овој момент, вели Долнер, „не мораме многу да објаснуваме“.