Луксузната индустрија, особено кога станува збор за часовници, испраќа сигнали од пазарот што најчесто не се едноставни. На пример, 2025 година за земјите од Заливот беше една од „посилните“, со пазар што достигнал околу 2,21 милијарди швајцарски франци, при што Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) сочинувале повеќе од половина од таа вредност. Во март годинава, поради конфликтот на Блискиот Исток, аналитичарите веќе предупредуваа дека мартовските извозни податоци не се сигурен индикатор за реалната побарувачка, бидејќи податоците од малопродажбата на луксузните куќи укажуваат на пад на продажбата од дури 50 проценти.
Во исто време, во Женева - на еден од најважните и највлијателни саеми во хоролошката индустрија, „Часовници и чуда“ (Watches and Wonders) - тонот беше значително поинаков. И покрај глобалната неизвесност, расположението остана изненадувачки оптимистично.
Додека некои производители веќе ги приспособуваат трошоците и го намалуваат уделот на злато во своите модели, „Ролекс“ (Rolex) оди во спротивна насока: без видливи компромиси во материјалите, дизајнот или амбицијата. Брендот претстави нова серија лимитирани и екстремно ексклузивни модели „дејтона“ (Daytona).
Прочитај повеќе
Најдобрите модели од најпознатиот саем за часовници
И покрај годината полна со подеми и падови за индустријата, атмосферата на најголемиот настан во хорологијата беше оптимистична, па дури и малку разиграна. Еве ги најдобрите парчиња...
17.04.2026
Моделот „Пепси“ на Ролекс експлодира на секундарниот пазар по најавата за повлекување
„Пепси“ на Ролекс исчезнува и од секундарниот пазар! Шпекулациите за повлекување на моделот ги кренаа цените преку ноќ.
27.03.2026
Како вашата луксузна инвестиција да биде долготрајна
Инвестирањето во себе, било преку здравје, технологија или луксузни брендови, станува новиот начин за градење сигурност.
01.03.2026
Во одбрана на копиите - од Мона Лиза, чантата Биркин до куклата Лабубу
Како копиите и репликите ја обликуваат уметноста, луксузот и културата, и зошто имитацијата може да биде вредна сама по себе, а понекогаш и попрофитабилна од оригиналот?
17.02.2026
Овие часовници „ролекс“ изгледаат идентично, но зошто златниот чини 17.000 долари помалку?
Иако изгледаат исто, златниот и платинестиот „ролекс деј-дејт“ нудат различна вредност како инвестиција - златото моментално нуди поголема вредност во однос на цената на основниот метал и понизок фактор на премија.
11.01.2026
Станува збор за единствен сет од четири часовници, изработени во четири благородни метали - жолто, бело, розово злато и платина. Секое парче е уникатно и, според информациите, никогаш повеќе нема да биде повторено, што дополнително ја нагласува неговата колекционерска вредност.
Најпродаваниот „ролекс дејтона“ референца 11650 ln. може да се најде на секундарниот пазар за околу 25.000 евра.
Rolex
Проценетата цена на комплетот се движи помеѓу 3,7 и 3,8 милиони швајцарски франци, односно приближно 4,7 до 4,8 милиони долари. Дополнително, како и кај повеќето некаталошки парчиња, „Ролекс“ овие модели не ги претставува јавно, туку исклучиво во затворен круг на најблиски и најважни клиенти на брендот. Токму таа комбинација на дискреција, ограниченост и контрола на достапноста останува еден од клучните фактори на нивната привлечност.
Четири часовници, четири интерпретации на луксузот
„Дејтона“ од жолто злато доаѓа со зелени турмалини, оној од бело злато со зелен камен и виолетови сафири, од розово злато со тиркизен бројчаник и розови сафири, додека платинестиот модел е најекстравагантен - со бројчаник од опал и сафирен градиент, со дијамантски индекси.
Детаљ што дополнително го издвојува сетот е фактот дека само платинестиот модел е изработен со градиентен обрач, како и тоа што „Ролекс“ тука користи различни драгоцени материјали наместо стандардизација.
Сите компоненти, од ушките до индексите, се украсени со дијаманти или други благородни камења, со што се брише границата помеѓу функционален часовник и висок накит. Токму тоа е причината (а не цената) поради која не сите гледаат благонаклоно на ваков тип уникати - дел од заедницата на колекционери и пуристи на „Ролекс“ реагираше доста критички.
Наместо класичната естетика на „дејтона“ поврзана со спортска чистота и инженерска дисциплина, овие модели со камења, градиентни сафири и експериментални бројчаници се доживуваат како поместување на брендот кон територија на висок накит.
Тркачкиот часовник не ја губи трката со времето
Моделот „дејтона“ првично беше претставен во 1963 година, со идеја да спои елегантен дизајн со доверлив хронограф и тахиметриска скала, со цел да одговори на потребите на возачите и тркачкиот свет. Оваа функционалност овозможувала прецизно мерење на просечни брзини до 400 километри на час.
Моделот „космограф дејтона“ (Cosmograph Daytona) стекнува глобална препознатливост во текот на 1980-тите години, кога американскиот актер Пол Њуман го претвора во свој заштитен знак.
Првиот „хронограф дејтона“ од 1963 година
Rolex
Него го карактеризираат црно-бел контрастен бројчаник и црвена секундна скала, детали што му даваат силен визуелен идентитет и го прават лесно препознатлив меѓу други луксузни часовници. Со текот на времето, токму оваа естетика и асоцијацијата со поп-културата и со Холивуд го зацврстија неговиот статус на икона меѓу колекционерите.
Се очекува и новите четири ексклузивни парчиња да се впишат во колекционерската реткост, каде што историјата на „ролекс дејтона“ веќе има потврдени рекорди.
Еден од најпознатите е „пол њуман дејтона“, кој беше продаден за 17,8 милиони долари на аукција на „Филипс“ (Phillips) во Њујорк во 2017 година. Часовникот, подарок од неговата сопруга Џоан Вудвард, носи и емотивна гравура „Вози полека, Џоан“ (Drive slowly, Joanne), што го прави едно од најпрепознатливите парчиња во историјата на аукциите на часовници.
Еден од моделите „ролекс дејтона“
Rolex
Друг „митски“ пример на „ролекс дејтона“ привлече внимание откако беше забележан на раката на Џеј-Зи на познатата „Бела забава“ (White Party) на Мајкл Рубин. Станува збор за часовник проценет на околу 4,2 милиони долари, едно од најексклузивните парчиња што се поврзани со оваа линија.
Годишната „Бела забава“ на Мајкл Рубин, милијардер и извршен директор на „Фанатикс“, по повод Денот на независноста (4 Јули) во Хемптонс е еден од најексклузивните и медиумски покриени приватни собири во американскиот општествен календар.
Depositphotos
„Ролекс дејтона“ со референца 6270 се смета за еден од највредните модели „дејтона“ што се поврзани со брендот, со фабрички поставени дијаманти и сафири. Базиран на култната референца 6263, познато е дека се произведени само осум примероци од овој модел, специјално изработени за султанот на Оман во периодот од 1984 до 1986 година.
Интересно е што сите овие варијанти се дел од истата филозофија: екстремна контрола на понудата, речиси целосна нетранспарентност во дистрибуцијата и многу тесно дефиниран круг на купувачи. Изгледа дека затоа „дејтона“ останува часовник што не го следи пазарот - туку во голема мера, ако не го дефинира, тогаш барем го изненадува.