Швајцарската компанија „Своч“ (Swatch Group AG) започна соработка со конкурентски производител на часовници, здружувајќи ги силите со ултралуксузниот бренд „Одемар Пиге“ (Audemars Piguet), додека обожавателите веќе со денови чекаат во редови пред почетокот на продажбата.
Овој потег претставува неочекуван пресврт за швајцарскиот производител, кој во своето портфолио има повеќе од десет бренда - од пристапниот „Своч“ до луксузната „Омега“ (Omega). „Своч“ и „Одемар Пиге“ заедно создадоа џебен часовник што може да се трансформира во приврзок за носење околу врат. Исто така може да служи како часовник за на полица или украс за торба.
„Сакавме да го искористиме ’своч’ како мегaфон поради неговиот досег и присуство за да допреме до многу повеќе луѓе што можат да се заинтересираат за овој механички свет“, изјави извршната директорка на „Одемар Пиге“, Илaрија Реста. „Ова е спој на два различни, но комплементарни света, кои заедно ја оживуваат страста кон часовничарството.“
Прочитај повеќе
Зошто „Одемар Пиге“ и „Картие“ ги вратија ретките арт деко часовници?
Часовниците со скокачки час се враќаат во мода: тие нудат минималистички пристап и елегантна алтернатива на неуредните дизајни.
14.05.2026
'Своч' ја тужи Малезија поради запленети часовници поврзани со ЛГБТ
„Своч груп“ Малезија бараше налог од Високиот суд да ги укине известувањата за заплена
17.07.2023
Со оглед на тоа што продажбата на механички часовници значително опадна во текот на изминатата деценија, Реста истакнува дека целта на овој стратешки потег е привлекување поширока публика и помлади генерации.
„Како индустрија допираме до сè помалку луѓе. Затоа мора да останеме релевантни и да го приближиме часовничарството, особено до помладите генерации“, изјави таа во интервју.
Часовникот, кој ќе биде достапен од 16 мај по цена од околу 400 долари, ги комбинира препознатливите живи бои на часовниците на „Своч“ со моделот „ројал оук“ на „Одемар Пиге“, познат по осумаголното куќиште дизајнирано од легендарниот дизајнер на часовници Џералд Гента.
Наречен „ројал поп“ по првото претставување на Инстаграм, џебниот часовник ќе биде достапен во осум различни комбинации на бои. Ќе бидат понудени два стила на куќиште и три различни должини на ремчиња за носење.
Објави на социјалните мрежи покажаа дека обожаватели во Њујорк веќе се собрале во редови во исчекување на лансирањето на часовникот.
Сепак, реакцијата на пазарот беше помалку позитивна - акциите на „Своч“ паднаа и до 7,6 отсто во средата, додека аналитичарите изразија разочарување поради тоа што соработката вклучува џебен часовник, а не класичен рачен модел.
„Важно е тоа што овој производ не е рачен часовник. Директна реплика на ’ројал оук’ веројатно би била неприфатлива за ’Одемар Пиге’“, рече аналитичарот на компанијата „Оддо“ (Oddo BHF), Жан Данџу. „Искрено, производот изгледа многу необично: огромна продажба би била загарантирана ако стануваше збор за реплика на рачниот ’ројал оук’ Вака, концептот веројатно ќе предизвика голем интерес на почетокот, но прашање е колку долго ќе трае.“
Bloomberg
Претходни соработки
„Своч“ и претходно соработуваше со други брендови од своето портфолио, најпознато преку исклучително популарниот „мунсвоч“ - биокерамичка верзија на култниот хронограф „омега спидмастер мунвоч“. Од 2022 година, „мунсвоч“ од 285 долари стана голем успех за „своч“, со милион продадени примероци веќе во првата година.
Одредени колекционери ја критикуваа новата соработка, сметајќи дека може да го намали луксузниот статус на „Одемар Пиге“, додека интернетот е преплавен со мемиња пред лансирањето. Луксузниот бренд, според критиките, ризикува да ја наруши својата ексклузивност и да ги оддалечи богатите тековни купувачи.
Сепак, Оливие Мулер од швајцарската консултантска куќа „Луксконсалт“ смета дека партнерството може да биде корисно за двата бренда, бидејќи покажува дека луксузниот „ројал оук“ сега станал дел од популарната култура.
Моделот „ројал оук“ беше лансиран пред повеќе децении, а неговата цена често достигнува околу 50.000 долари. Ова е првпат „Одемар Пиге“ надворешно да ја лиценцира силуетата на „ројал оук“.
Од друга страна, колекцијата „поп“ на „Своч“ постои речиси исто толку долго и е позната по отстранливото куќиште на часовникот, кое може да се извади од ремчето и да се стави во различни додатоци како џебни футроли, ѓердани, приврзоци или дури и магнети за фрижидер.
Според Мулер, часовникот „ројал поп“ им овозможува на „најмладите потрошувачи прв автентичен емоционален контакт со ’Одемар Пиге’“.
„Одемар Пиге“ соопшти дека целиот приход од продажбата на моделот „ројал поп“ ќе биде дониран за иницијатива за зачувување на традицијата на часовничарството, со фокус на ретките занаетчиски вештини и новите генерации таленти.