Сите, па дури и оние што живеат на крајот на светот, го знаат името „Порше“ (Porsche). За многумина тоа ќе биде асоцијација на прочуениот спортски автомобил 911. Малкумина ќе помислат на часовниците „порше дизајн“ (Porsche Design), иако тие се произведуваат веќе над 40 години.
Сега семејството „Порше“ планира да го промени тоа. По многу години како независна компанија, производителот на часовници, очила за сонце, облека и спортска опрема, во 2017 година целосно му се приклучи на производителот на автомобили, кога „Порше“ ги откупи преостанатите 35 проценти од акциите што дотогаш не ги контролираше. „Порше дизајн“ (Porsche Design) денес е дел од пошироката ПЛГ (Porsche Lifestyle Group), која ги опфаќа одделите за облека, автомобилски додатоци и партнерства за производи како што се електрични велосипеди, даски за сурфање и скии. Сите овие категории ќе добијат поголем приоритет во идниот развој на брендот. Посебен фокус ќе има на зголемување на производството и продажната мрежа за часовници.
„Сè имаше смисла“, вели Стефан Бишер, извршен директор на ПЛГ.
Прочитај повеќе

Луксузните часовници на удар на Трамп: „Ролекс“ може да поскапи и 20 отсто
Ако се одржи ова расположение, часовниците би можеле драстично да поскапат.
01.08.2025

Лов на часовници во „Тифани“: Потрошиле милиони, но останале со празни раце
Ограниченото издание на часовниците „патек филип наутилус 5711“ во сината нијанса на „Тифани“ беше симбол на недопирливост. А кога ќе им кажете на најмоќните дека не можат да имаат нешто, ја отворате Пандорината кутија на луксуз, суета и алчност...
23.07.2025

Дали ви треба часовник за нуркање, трчање, голф или сè во едно? Еве го решението
Луксузните спортски часовници станаа многу повеќе од симболи на статус – тие се инструменти за перформанси, дизајнирани да издржат екстремни услови без да се прави компромис со естетиката
19.07.2025

Малку историја: Набрзо откако сега веќе прочуениот дизајнер и член на семејството „Порше“, Фердинанд Александер Бутци Порше, го претстави моделот 911 во 1963 година, тој почна да дизајнира и часовници. Неговото мото беше „Формата пред функцијата“, а во 1972 година го основа „Порше дизајн“ (Porsche Design), независно студио во кое го создаде првиот часовник „хронограф 1“ (Chronograph 1), кој Марио Андрети го носеше кога ја освои титулата во Формула 1 во 1978 година. Верзии од овој часовник носеа и други познати личности во 1970-тите, вклучувајќи го модниот дизајнер Ралф Лорен.
„Порше дизајн“ отсекогаш ги дизајнирал часовниците внатрешно, црпејќи инспирација од автомобилската традиција на брендот. Сепак, часовниците - од првиот целосно црн „хронограф 1“ (1972) до „титан хронограф“ (Titan Chronograph), часовник од титаниум претставен во 1980, „хронотајмер“ и колекцијата „спорт хроно“ - секогаш се произведувале во партнерство со компании како „Орфина“ (Orfina), ИВЦ (IWC Schaffhausen) и „Етерна“ (која подоцна „Порше дизајн“ ја купи и ја продаде).
Во 2017 година „Порше дизајн“ ја презеде контролата врз производството на часовници користејќи мала фабрика во Золотурн, Швајцарија. Денес, како дел од „Порше АГ“, раководството планира тројно зголемување на производствените капацитети. Брендот соработува со својот прв американски малопродажен партнер - ВОС (Watches of Switzerland), а актерот Орландо Блум стана амбасадор на брендот за сите категории на животен стил, вклучувајќи часовници, очила (кои во 1980-тите ги носеше и Јоко Оно) и патна опрема. Блум е и амбасадор на автомобили „порше“.
Блум носи Chronograph 1 - 1975 Limited Edition
Фотограф: Paula Nietner/Porsche Design
Бишер напоменува дека фабриката досега можела да произведува само околу 3.000 часовници годишно. „За навистина да го вратиме брендот, сакаме да произведуваме од 8.000 до 9.000 часовници годишно, па ни требаше поголем простор“.
Пронајдоа совршена зграда - старата фабрика на часовници на „Етерна“ (Eterna) во Гренхен, Швајцарија, каде што некогаш работел и Ф.А. Порше. Од почетокот на 2024 година започнаа со реновирање и опремување модерна производствена линија. Големото отворање е планирано за наесен. Механизмите за часовниците ќе се набавуваат од постојни швајцарски производители, со модификации, додека дизајнот и склопувањето ќе бидат целосно внатрешни.
„Целта е повторно силно да влеземе во играта, да нè гледаат како сериозен бренд што прави речиси сè внатрешно“, вели Ферди Порше, внук на Ф.А. Порше. „Како и кај нашите автомобили, фокусот е на функционалноста и квалитетот. Нашиот дизајн на часовници е суштината на она што го работеше мојот вујко и со фокус на култните модели го позиционираме брендот за иднината“.
Лимитирано издание од новиот Porsche Design Chronograph 1 - 1975
Фото: Porsche Design
Најновиот часовник, претставен на настанот на ВОС (Watches of Switzerland) на 23 јули во нивната продавница во Сохо, Њујорк, е совршен пример за враќање кон иконите. „Порше дизајн хронограф 1 - 1975 лимитед едишн“ (Porsche Design Chronograph 1 – 1975 Limited Edition) е направен целосно од нелакиран титаниум - алузија на нелакираниот челик од моделот што Ф.А. Порше го дизајнираше во 1975 година. Ова е последната серија од само 350 примероци произведени во работилницата во Золотурн.
Бројчаникот потсетува на инструмент-таблата на 911, со мат црна заднина, бел премаз „суперлуминова“ (SuperLumiNova) на бројките и индексите и впечатлива црвена стрелка за хронографот. Автоматскиот хронограф „флајбек“ (flyback) користи модифициран швајцарски механизам и има сертификат COSC, кој потврдува прецизност и издржливост. Задниот капак на часовникот е гравиран, часовникот е нумериран и го носи потписот на Ф.А. Порше. Цената е 9.650 долари, што е среден сегмент за бренд чија цена на часовници се движи меѓу 5.350 и 13.000 долари.
Бишер вели дека, и покрај големата инвестиција во новата фабрика и трошоците за зголемување на производството, цените на часовниците „порше дизајн“ нема да се зголемат. „Мислам дека цената од 13.000 долари е граница што нема да ја поминеме, освен за посебно нарачани изданија“.
Лимитирано издание од новиот Porsche Design Chronograph 1 - 1975
Фото: Porsche Design
Блум, единствениот амбасадор на брендот „Порше дизајн“, се согласува: „Генерациски е интересно бидејќи и понатаму е реална цена и за сериозен колекционер и за млад колекционер што сака да стигне до нешто вакво. Кога носиш часовник, чувствуваш ист вид гордост како и кога поседуваш автомобил. Ако не можеш да имаш автомобил – купуваш часовник. Ако не можеш ни часовник – купуваш очила“.
Првиот производ од „Порше“ што самиот го купил на 14-годишна возраст биле оригинални винтиџ пилотски очила, вели Блум.
Кога годинава стана амбасадор на сите категории на „Порше“, Блум – колекционер на часовници и љубител на автомобили „порше“ – вели дека тоа било синергија. „Сè почна од мојата страст кон автомобилите и брендот. Се потрудив да изградиме автентична релација со брендот, отидов во Штутгарт да направам автомобил што ја одразува мојата страст. Кога ги видов часовниците, сè продолжи“, вели тој, нагласувајќи дека хроночасовникот никогаш не го симнува од рака.
„Постои нешто посебно во чувството кога возиш автомобил и го гледаш часовникот на раката веднаш до инструмент-таблата“, вели актерот. „Тоа е совршена синергија. Тоа е безвременски дизајн, кој е присутен и во семејството и во брендот“.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...