text size
Полиците на Библиотеката за позајмување и музичка куќа „Викторија“ (Victoria Circulating Library and Music House) не оставаат многу простор за книжевен снобизам. Романите на издавачката куќа „Милс енд Бун“ (Mills & Boon) стојат веднаш до книжевните класици. Политичките биографии се наредени над стриповите за Тинтин, а високите купови излитени трилери се протегаат долж тесните премини. Тука се и ДВД-а, ЦД-а и бестселери на хинди, наредени како тетрис во три или четири реда.
И покрај привидниот хаос, сопственикот Ариф Мерчант точно знае каде се наоѓа секоја книга. Веќе четири децении ги услужува читателите во мумбајската населба Махим, градејќи огромна колекција според вкусот на локалната публика.
„Личниот пристап сè уште постои“, вели тој, внимателно поместувајќи ги куповите книги околу пултот.
Прочитај повеќе
Патувавме по стапките на нашите омилени филмови, книги и ТВ-серии - еве каде нè одведоа
Ова се местата за кои ги спакувавме куферите кога нè поведе инспирацијата од некој филм, книга или ТВ-серија...
12.09.2026
Книгите се селат на екраните: Ова се најочекуваните филмови и серии до крајот на годината
Големите книжевни хитови и класици до крајот на годината добиваат нови филмски и телевизиски адаптации.
28.08.2026
Може ли Македонија да стане засолниште за љубителите на книги?
Македонија веќе располага со локации кои природно одговараат на овој концепт, со мирни предели, езера, планини и рурални средини каде посетителите можат да се оддалечат од секојдневниот ритам.
18.08.2026
Новата цензура во Русија поттикнува книжевен отпор во странство
Како што цензурата се засилува во Русија, писатели и издавачи во егзил создаваат паралелна книжевна мрежа надвор од дофатот на Кремљ.
08.08.2026
Во земја во која пристапот до јавните библиотеки може да биде комплициран, места како „Викторија“ имаат важна улога. Познати како библиотеки за позајмување (circulating libraries), овие приватни библиотеки обично наплаќаат скромна месечна членарина и надоместок за секоја позајмена книга. Нудат сè - од популарни романи и стрипови до книжевни дела на локалните јазици.
Овој модел постои со векови, уште од времето пред државите да почнат да основаат јавни библиотеки, а денес во Индија повторно добива на значење благодарение на огромната желба на населението за читање.
Влезот во Библиотеката „Викторија“ во Мумбај/Akanksha Singh/Bloomberg
Многу библиотеки, но пристапот не е едноставен
Со 46.746 јавни библиотеки, Индија има една од најголемите библиотечни мрежи во светот, според најновите достапни податоци. Сепак, бројките не ја прикажуваат целата слика.
Малите читалници со само неколку книги во статистиката се бројат исто како и големите библиотеки, поради што бројот на установи не е сигурен показател за нивната вистинска достапност, објаснува Предип Балаџи, истражувач од Индискиот институт за населби (Indian Institute for Human Settlements) во Бенгалуру.
Финансирањето значително се разликува во зависност од регионот. Дури 17 од 36 индиски сојузни држави и територии немаат закони со кои се регулира финансирањето на јавните библиотеки, а многу установи се соочуваат со недостиг од пари и вработени.
„Ние сме огромна земја, со многубројно население и изразени регионални разлики“, вели Балаџи. „Библиотеките се трет простор што би можел да ги обедини сите луѓе, без оглед на тоа од каде доаѓаат или какво е нивното семејно потекло.“
Дополнителна пречка е бирократијата. Наместо да функционираат како отворени простори достапни за сите, многу јавни библиотеки за издавање членска карта бараат фотографија за личен документ, доказ за адресата, како и формулари потпишани и заверени од училиштето или од работодавецот.
Кај Ариф Мерчант, сепак, сè е многу поедноставно...
Полиците на библиотеката „Викторија“ се полни со сè - од книжевни класици до популарна жанровска фикција/Akanksha Singh/Bloomberg
Има околу 150 корисници месечно, а нивните имиња сè уште ги запишува во дебела тетратка. Членовите оставаат депозит од 300 рупии што им се враќа и за позајмување плаќаат до 20 отсто од малопродажната цена на книгата. Колекцијата постојано ја приспособува на вкусот на своите читатели - без оглед дали бараат одредени манга-наслови или најнови книги од серијалот Џеронимо Стилтон.
Жителот на Махим, Бернард Андраде, доаѓа во „Викторија“ повеќе од 30 години. Токму разновидноста на понудата постојано го враќа на ова место.
„Имате сериозни публицистички книги, стари класици, книжевност на регионалните јазици, пред сè на хинди и марати“, вели тој. „А тука се и филмовите и списанијата.“
Библиотеката како простор за сите
Индиското Министерство за култура се обидува да ги модернизира јавните библиотеки преку финансиска поддршка, обука на вработените, развој на дигиталната инфраструктура и помош за локалните власти при креирањето политики. Меѓутоа, организацијата Мрежа на бесплатни библиотеки (Free Libraries Network), која се залага за бесплатен и еднаков пристап до книги, учење и информации, смета дека тоа не е доволно.
И додека Индија важи за нација на страстни читатели, речиси секоја четврта жена сè уште е неписмена/Depositphotos
Според нив, само мал дел од повеќе од 1,4 милијарда жители на Индија има лесен пристап до библиотеки, а општествените и економските пречки, вклучително и кастинската и класната припадност, и натаму ги ограничуваат можностите на многу луѓе.
Стапката на писменост во Индија изнесува 81,7 отсто, што е помалку од 92,7 отсто во Шри Ланка и од светскиот просек од 87,7 отсто, според податоците на „Светски преглед на населението“ (World Population Review).
„Малку се размислуваше за тоа што губат децата кога немаат пристап до книги“, вели Јатин Лалит, директор на организацијата „Мрежа на бесплатни библиотеки“ (Free Libraries Network). „Постојат делови од општеството што испаѓаат од училишниот и универзитетскиот систем - каде одат тие? Библиотеките во заедницата и јавните библиотеки треба да бидат простор за секого.“
Наместо да чека државата да реагира, Лалит во 2024 година во своето село Банса, во руралниот дел на сојузната држава Утар Прадеш, отвори бесплатна библиотека со која управува локалната заедница.
Денес таа има околу 4.500 книги, безжичен интернет (Wi-Fi) и компјутери, исто толку членови, а со подвижната библиотека стигнува до уште 54 села.
Садху чита свети списи на скалите што водат до брегот на реката Гомати. Садху е хиндуистички аскет посветен на медитацијата, духовноста и потрагата по ослободување. Тие главно живеат многу скромно, патуваат од едно место на друго или престојуваат во храмови и свети градови. Многумина носат портокалова или окер-облека, имаат долга коса и брада, а некои го премачкуваат телото со пепел за да се потсетат дека материјалниот свет е само привремен/Depositphotos
Индијците се меѓу најголемите лјубители на книги во светот
Индијците годишно поминуваат во просек дури 352 часа во читање, покажуваат податоците на „Светски преглед на населението“ (World Population Review). Според овој критериум, пред нив се само САД, со просек од 357 часа.
Токму поради огромниот интерес за книгите и нееднаквиот пристап до јавните библиотеки, приватните библиотеки како „Викторија“ (Victoria) пополнуваат важна празнина. Станува збор за традиција што е многу постара отколку што може да се претпостави.
Библиотеките засновани на позајмување книги со членарина доживеале подем во Велика Британија во средината на 18 век и во текот на следните стотина години имале важна улога во создавањето масовна култура на читање. Дури и Џејн Остин била нивна членка и ги споменувала во своите писма и романи, вклучително и во романот „Гордост и предрасуди“.
Најраниот забележан пример во Индија датира уште од 1709 година, кога една англиканска мисија испратила патувачка библиотека во Калкута. Во следните децении се појавиле и други.
Во Велика Британија ваквите библиотеки со текот на времето речиси исчезнале благодарение на развојот на бесплатните јавни библиотеки, но во големите индиски градови приватното позајмување книги опстанало до денес.
Меѓу попознатите примери се „Библиотеките Елур“ (Eloor Libraries), основани во 1979 година, кои денес имаат три ограноци.
Од дебели тетратки до достава на домашна адреса
Местата како библиотеката на Мерчант изгледаат речиси како времето воопшто да не ги допрело, но други приватни библиотеки го прифатија дигиталното време. Библиотеката за позајмување „Исвари“ (Easwari Lending Library) во Ченај и „Избери и читај“ (Choose & Read) во Коимбатор, на пример, нудат нарачување преку интернет и достава на книги на домашна адреса.
Пандемијата на ковид-19 силно го погоди овој сектор поради помалиот број посетители, а проблемите не исчезнаа: закупот на просторот поскапува побрзо од членарините, а дигиталната забава одзема сè поголем дел од времето што некогаш било наменето за читање.
Сепак, Мерчант вели дека по пандемијата забележува зголемен интерес, особено кај младите.
„Родителите ги запознаваат своите деца со книгите“, вели тој. „Ако луѓето носат книги дома, јас сум среќен. Што повеќе ми треба?“