Многу луксузни одморалишта во светот ја препознаа привлечноста на голфот за своите гости, нудејќи сеопфатни искуства со голф, пакети што вклучуваат игра и удобно сместување со разни друштвни активности, кои можат да бидат дополнителна активност за партнерите и другите членови на семејството. Голфот не е само спорт што значително придонесува за добра физичка кондиција и ослободување од стресот туку е и можност за проширување на контактите и за дружење, како и за запознавање со многу локални специјалитети и уживање во природата.
Можете да играте индивидуален голф-меч за помалку од 100 евра или да се зачлените во голф-клуб со членарина од нешто повеќе од 10.000 евра, во зависност од тоа што сакате да доживеете и колку време планирате да му посветите на голферскиот живот. Придружете ни се во возбудливата голф-авантура, која комбинира прекрасни терени, имоти, природа, престижни одморалишта, и доживејте незаборавно голф-искуство во нашето блиско опкружување.
РОЈАЛ БЛЕД
Луксузен, ексклузивен и исклучително персонализиран, „Голф ројал Блед“ (Golf Royal Bled) е најстариот и најголем терен за голф во Словенија. Тој се карактеризира со извонреден поглед на околните алпски врвови и, секако, со непосредна близина на познатиот природен остров и езерото Блед. Теренот за првпат се споменува во записи во 1937 година, кога се одиграла првата партија голф, со основачки потпис на кралот Александар I Караѓорѓевиќ.
Веќе следната година теренот имал исклучително добро распоредени 18 дупки, кои се познати и денес. Местото им било домаќин на многу аматерски и професионални турнири, што служи како доказ за неговата интересна и истовремено напорна конструкција. Што може да биде поубаво за еден голфер од тоа да се разбуди со поглед на прекрасно уреден терен за голф и поглед на горењскиот рид и еден од најубавите природни резервати на птици во Словенија, ако одлучи да преноќи во модерната Кралска куќа.
Секако, со малку среќа, можете да играте на хуманитарниот турнир „Копитарја“ или да поминете време во друштво на многу познати спортисти, кои со задоволство ги посетуваат хуманитарните или друштвените турнири што се одржуваат овде. Достапни се терените „Ројал Блед“ со 18 дупки и Езерскиот терен со 9 дупки, што обезбедува широк спектар на можности и за искусните играчи и за почетниците.
Со новите сопственици, „Ројал Блед“ стана приватно игралиште, кое го редизајнираше архитектот Хауард Свон во 2017 година. Ова е единствениот словенечки терен за голф што магазинот „Голф ворлд“ во 2017 година го рангира на 48-то место меѓу 100-те најдобри терени за голф во Европа.
ПОСЕСТВО БРДО
Атрактивен за опуштени прошетки и приспособен за спортски дух, „Посество Брдо“ (Posestvo Brdo) се простира на речиси 500 хектари. Со шумите и тревните површини, тоа претставува ризница на крањската аристократска историја. Над 500 години долгата историја на поседот забележала многу приказни на сопствениците. Срцето на имотот е дворецот „Брдо“, ренесансна зграда од 15 век. Тој денес е централен протоколарен објект на Република Словенија.
Конгресниот центар „Брдо“, изграден за потребите на првото словенечко претседавање со Советот на Европската Унија, е еден од најмодерните центри за организација на државни, деловни и други настани во Словенија. Хотелот „Елеганс“ на Брдо има четири ѕвезди супериор, што го става на мапата на дипломатскиот, деловниот и спортскиот туризам. Хотелот со новиот „Елеганс велнес“ на 1.000 квадратни метри нуди сеопфатен концепт за здрав начин на живот.
Реновираниот екстериер и ентериер на хотелот овозможуваат највисоко ниво на услуга во поседот „Брдо“. Дел од паркот Брдо го вклучува и теренот „Голф Брдо“ со 9 дупки. Во мирната средина и под заштита на Камничко-савињски Алпи, тој нуди приватност и прекрасен поглед на недопрената природа. Практиката вклучува полигон за вежбање долги удари (Driving Range), полигон за вежбање кратки удари на зелено (Putting Green) и полигон за вежбање кратки удари на зелена површина и удари од песочна пречка (Chipping Green). Поседот „Брдо“ е прогласен за споменик на културата и природна вредност од национално значење, како и за еколошки значајна и заштитена област на „Натура 2000“.
ГОЛФ ЛИПИЦА
Во магичниот пејзаж на Липица, убавината на крашката природа се соединува со елеганцијата на голфот на теренот со девет дупки со средна тежина, која ги следи природните карактеристики на оваа единствена област. Иако Липица е позната пред сѐ како лулка на коњичката традиција, таа им нуди на посетителите можност за членство во меѓународниот голф-клуб „Липица“ (Lipica), кој има повеќе од 400 члена.
Теренот, кој е изграден во 1989 година според плановите на светски познатиот проектант Доналд Харадин, е единствениот словенечки терен што е отворен во текот на целата година и привлекува голфери не само од Словенија туку и од соседните земји, како Италија, Хрватска, Германија и Австрија. Разновидните терени за игра и двата полигона за вежбање долги удари им обезбедуваат уникатно искуство на сите посетители на оваа посебна дестинација, додека истовремено уживаат во стогодишните дрвореди.
ГОЛФ БРИОНИ
Дали некогаш во вашето голферско искуство сте играле во друштво на елени, муфлони, зајаци и пауни? А на песочни површини? Доколку сакате сосема необично искуство, вашата следна дестинација се терените за голф „Бриони“ (Brijuni). На Островите Бриони голф се игра на единствениот терен за голф уште од далечната 1922 година, кој тогаш ја носеше пофалната титула на еден од најголемите и најубаво уредени терени за голф во тоа време.
Без разлика кога ќе одлучите да го посетите, секогаш ќе можете да уживате во пријатни температури, кои дури и во јануари ретко се спуштаат под нулата. Во периодот од 1923 до 1939 година теренот беше преуредуван неколкупати, а најголемите промени им беа доверени на тогаш помалку познатите голф-архитекти Том Симпсон и Џорџ Томас, водачи на „златната доба“ во архитектурата на терените за голф.
На посетителите и играчите на располагање им се поранешни протоколарни вили, како и хотели со историски печат, од времето кога островот го посетувале многу светски политичари и ѕвезди, како актерките Елизабет Тејлор и Софија Лорен.
ПГА НЕШНАЛ ГОЛФ АДРИЈАТИК
Голф-теренот „Адријатик“ е отворен во 2009 година. Натпреварувачкиот терен со 18 полиња, со вкупна должина од 6.360 метри, распоредени дури на 80 хектари со пар од 72, означува интересно распоредена површина за играње, која претставува предизвик за играчите од сите нивоа (www.golf-adriatic.com). Теренот е дизајниран од архитектите Дитхард Фаренлајтнер и Барбара Ајсерер, за што им е доделена и австриската награда „Голф арт лендскејп“.
На голф-теренот „Голф Адријатик ПГА нешнал Кроација“ (Golf Adriatic PGA National Croatia), како и на сите крајбрежни терени, важна улога игра ветерот, заедно со стратегиски поставените бункери и вешто обликуваните зелени површини.
Теренот е буквално вклопен во пејзажот, кој е составен од карпи, природни езера и зимзелени растенија карактеристични за медитеранската клима. Во непосредна близина на теренот се наоѓа хотелот „Кемпински“, со исклучително уредена плажа, вклопена во природното опкружување. Изборот на спа-услуги и кулинарски специјалитети ќе ве убеди да останете уште некој ден и да изиграте уште неколку партии голф.