Спортот е една од најголемите жртви од Ковид пандемијата. Мерките за спречување на ширењето на вирусот ги испразнија трибините, ги одложија големите натпреварувања, долговите на клубовите рекордно пораснаа, во некои случаи и до 15 отсто. Ова го покажува прегледот што го подготви аналитичкиот тим на Блумберг Адриа за регионалниот и глобалниот спортски пазар.
Според анализата, оваа 2022 носи значаен раст на глобалниот спротски пазар. Според извештајот на компанијата Research and Markets, годинава пазарот ќе порасне за 40 отсто или од ланските 355 милијарди на повеќе од 500 милијарди долари. Растот се должи на враќањето на гледачите на трибините, поголемите клупски вложувања и поскапите ТВ права. До 2026 пазарот ќе надмине 700 милијарди долари.
Ако се земат предвид и приходите од ТВ правата, вредноста на светската спортска индустрија стигнува до 1,3 трилиони долари или 1,4 отсто од глобалниот БДП. Со 600 милијарди долари, фудбалот останува најважен и најпрофитабилен спорт, на него отпаѓа 43 отсто од вкупниот пазар, следи американскиот фудбал со 200 милијарди.
Најплатениот спортист лани е исто така фудбалер, Лионел Меси со 130 милиони долари – 75 милиони од плата и 55 милиони од спонзорски договори. Следат ЛеБрон џејмс и Кристијано Роналдо.
Пандев и Елмас сами вредат колку цела македонска прва лига
Податоците за регионот Адриа покажуваат дека најголема врендост има првата лига во Хрватска. Фудбалерите во оваа лига вредат 284 милиони евра , што е 0,5 отсто од БДП на земјата. Следи Србија. Македонската прва лига вреди најмалку, само 35 милиони евра или 0,3 отсто од македонската економија. Или целата македонска прва лига вреди колку само двајца македонски репрезентативци – Горан Пандев и Елиф Елмас.
Анализата на Блумберг Адриа прави споредба со најдобрите лиги. Не е изненадување дека англиската премиер лига е највредна, но интересен е фактот дека играчите во најскапата лига во светот вредат 9 милијарди евра или само милијарда евра помалку од целата македонска економија во 2020 година.
Македонскиот фудбал е се уште далеку од глобалните трендови, па дури и во земји кои традиционално не се фудбалски, затоа што е слика на економијата на земјата, вели во изјава за Блумберг Адриа, поранешниот македонски репрезентативец и некогаше капитен на белградска „Црвена Ѕвезда“, Митко Стојковски.
„И во времето јас кога играв фудбалот беше голем бизнис, но не во оваа мера како сега. Ова пред се важи за економски развиените земји во Европа и низ светот, пред се САД и Кина. Ние сме далеку од тоа бидејќи се е поврзано со економијата, немаме финансиски силен приватен сектор кој ќе вложува во фудбалот“, вели Стојковски.
Според него, фудбалот е забава од секогаш. Но, некои работи се измениле.
„Порано секој можеше да купи карта и да гледа фудбал, тоа беше забава за широките народни маси. И сега е голема забава, но гледањето на натпревар вo силните лиги чини многу пари. Затоа се вели дека порано фудбалот беше забава за сите, сега е повеќе забава за богагите“, вели Стојковски.
На тие што не можат да платат карта за стадион, им останува телевизорот. И тука заработувачката достигнува рекорди, покажува анализата на Блумберг Адриа. Приходите од продажба на билети паднале кај 700 клубови, посебно во време на корона кризата. Во 2019, 16 отсто од приходите на клубовите биле од карти, во 2020 само два отсто. Но затоа, расте вредноста на телевизиските права. Тие се најголем извор на приходи на клубовите – 36 отсто од вкупните приходи.
Англија лидер по заработувачката од ТВ права
Премиер лигата носи најмногу пари и по овој основ – за сезоната 2022/2023 која почна викендов ТВ правата изнесуваат 3,9 милијарди евра, а во следните три години повеќе од 10 милијарди евра. Втора на листата е Шпанија.
Како се делат парите од ТВ правата? Во Англија 50 отсто од сумата ја делат сите клубови, останатата половина се дели во зависност од успехот на клубовите и тоа колку натпревари биле директно пренесувани.
Во Адриа регионот овие пари се делат различно. Во Хрватска и БиХ се зависи од местото на табелета, првакот добива најмногу. Во Србија и Македонија парите се делат подеднакво на сите клубови во првата лига, а во Словенија половината од парите ја делат сите прволигаши, а останатата половина во зависност од оствареното во минатата сезона.